
Изложбата на фотографии „Вечни тела“ во КИЦ-Скопје ќе претстави пет балетски уметници
Во Културно-информативниот центар – Скопје на 18 февруари, во 20 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографката Искра Шукарова.
Препорачано
Проектот „Вечни тела“ ја деконструира доминантната претстава за староста како крај на активниот живот и значењата што културата им ги припишува на возрасните и ја аргументира потребата од ослободување на возрасното тело од патологиите на маргинализација.
Проектот е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, a потоа во Македонската опера и балет (денес Национална опера и балет), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.
Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски, пак, е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.
Времетраењето на кариерата на културните работници, вклучително балетските уметници, често е условено од физичката издржливост и визуелната перцепција за телото оценето низ призмата на младоста и физичката привлечност. Оттука, изложбата „Вечни тела“ се осврнува на политичката димензија на телото во рамки на современите социјални и културни кодекси кои се однесуваат на уметничкиот труд, продуктивноста и возраста.
Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист; и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.
Проф. д-р Искра Шукарова (родена 1972 год. во Скопје) е професионален балетски играч во Македонската опера и балет од 1991 година, каде има реализирано бројни солистички улоги како истакнат солист. Специјализирала на Conservatoire National de Supérier (Националниот конзерваториум) во Лион – Франција, отсек – Современи танцови техники. Таа е магистер по танцови студии на The City University, Trinity Colledge, London – Laban Centre.
Од 2002 до 2004 година била Уметнички директор на Балетот при МОБ. Една е од основачите на програмата за современ танц во „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата во Скопје. Дел е од регионалната мрежа за современ танц „Номад танцова академија“ („Nomad Dance Academy“). Шукарова е член на мрежата „Глобал практис шеринг“ од САД – Њујорк (GPS Network), а членува и во мрежата IIIAC во САД. Има остварено богата кореографска кариера со над 30 дела поставени на регионалната и интернационалната сцена. Од 2010 година таа е професор на катедрата за балетска педагогија при ФМУ-УКИМ, а од 2020 година е редовен професор на истата катедра. Во 2014 година Шукарова докторира на отсекот на театрологија при ФДУ-УКИМ во Скопје.
Жарко Стојчевски (роден 1987 год. во Скопје) е уметник со мултимедијален пристап во сферата на создавање на фотографија, видео, поезија, сликарство и сценографија, и активно работи повеќе од 15 години на нашата сцена. Стојчевски е коосновач на студиото „Photo Factory“ („Фото фектори“) во кое реализирани многубројни проекти со мултимедијални пристапи. Неговата работа вклучува дела од различни медиуми, со главен фокус на човечкото тело и документаристичкиот пристап.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 268, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.2.2025)