
Изложбата „Моите херои“ на младата Јана Иванова ќе биде поставена во Младинскиот центар „Матично“
По повод 2 април, Светскиот ден на свесноста за аутизмот, во Младинскиот центар „Матично“ ќе биде отворена изложба на цртежи на Јана Иванова, ученичка во IV oдделение при ООУ „Димитар Миладинов“ во Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 30 април и ќе може да се посети секој работен ден од 10 до 16 часот.
Препорачано
– Се разбира, најповеќе како нејзин родител, сметам дека таков настан ги истакнува уметничките тежнеења на децата во нашата земја, воопшто, а конкретно, ја подигнува свеста за важноста на инклузијата и поддршката на лицата со спектар на аутизам. Со помош на поддршката на семејството, мојата Јана сака преку цртачката дарба да докаже дека и таа припаѓа на сите што ја опкружуваат и, на свој начин, сака да пренесе порака за емпатија и прифаќање на таквите деца во нашето општество.
На нејзините цртежи таа засега ги прикажува ликовите на нејзините херои, фигурите кои ги гледа во цртаните филмови, во долгометражните филмови или книгите кои ги чувствува како нејзини пријатели. Затоа, се одлучивме ова нејзино прво ликовно претставување пред широката публика да го наречеме токму „Моите херои“ – изјави нејзината мајка Теа Иванова-Теохаревска, воедно и куратор на изложбата.
Отворањето на изложбата на Јана Иванова ќе се одржи на 2 април, во 12 часот. Помагатели на овој настан се Општина Центар, Комерцијална банка АД Скопје, Еурофарм – Битола, Стокомак и Авицена – дијагностика.
– Taлентот на мојата внука го воочив поодамна. Иако е млад репродуктивен уметник во вистинската смисла на зборот, во одредени нејзини цртежи се забележува вметнување на формата на срцето. Јана очигледно знае што значи љубов и радосен сум што го прави тоа, наспроти мислењето дека децата со аутизам не знаат за одредени чувства…
Нејзините ликови се популарни ликови на децата на нејзината возраст и не само тие, јас сум цврсто убеден дека, со текот на времето, нејзиното интересирање ќе го надмине тој свет и дека можеби, на пример, пленеризмот ќе биде нејзина преокупација. Потегот на раката ѝ e извонреден, фигурите се нацртани непрекинато, во еден здив, без корекции… Затоа можеби во таа брзина го занемарува боењето но, со време, откривањето на нови техники ќе го надополни и тоа – истакнува Јане Теохаревски, комесар на изложбата.