Изложбата ќе биде отворена на 22 мај, во 20 часот

Изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ на ДЛУМ ќе биде отворена во „Мала станица“

Групната изложба „Цртеж, експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија е поставена во објектот „Мала станица“ при Националната галерија, ќе биде отворена на 22 мај, во 20 часот, а ќе може да се посети до 30 мај годинава.

– Современиот третман на цртежот во глобални рамки доживеа длабока промена – од подготвителен, дел на процес медиум, во самостојна, концептуална уметничка практика. Цртежот како базичен израз во визуелниот говор доживува длабоко преиспитување на авторството, идентитетот и коментарот како во глобални, така и во делата на современите автори од Македонија – цртежот станува јазик за мапирање на телото, психата и длабоките емоции со општествени коментари: цртежот ги спојува личните наративи со социополитичка критика и рефлексија. Уметниците го ослободуваат цртањето од традиционалните ограничувања, прифаќајќи го не само како алатка за претставување, туку и како нов простор за истражување и интервенција.

Со ваквото ре-формулирање на линијата, цртежот, долго време сметан за најнепосреден и најинтимен ликовен медиум, се трансформира со отстапување од традиционалната концепција како подготвителна или илустративна практика, кон онаа што е автономна, концептуална и материјално експанзивна. Овој отворен начин на размислување го означува појавувањето на експерименталниот цртеж како динамична и често интердисциплинарна практика која континуирано се развива. Друштвото на ликовни уметници на Македонија има за чест на оваа традиционална изложба „Цртеж, експериментален цртеж“ да претстави дела како во традиционална смисла, така и цртежи кои претставуваат концепт и длабока рефлексија и отстапуваат од воспоставените норми. Линијата во претставените дела е вектор на истражување, способен да артикулира процес, време, отелотворување и субјективност.

Оваа година во претставените дела, цртањето ги отвора новите простори со преиспитување на површината и трајноста на хартијата како фундамент на овој ликовен медиум. Уметниците презентираат цртање со нетрадиционални материјали – чад, конец, метална жица, силиконски лепак… Во други дела уметниците истражуваат гест и процес, третирајќи го чинот на цртање како перформативен и на тој начин вклучен во секојдневната реалност, но не разбрана како илустрација, туку како размислување преку процесот.

Значаен е растечкиот интерес за материјалните и просторните димензии на цртежот. Посебно треба да се потенцира определбата на уметниците да го користат цртежот како средство за деконструкција – на иконичноста, архивата, на себеси. На одреден сегмент од изложбата претставени се и практики базирани на цртање кои се занимаваат со критика на меморијата, ликовниот израз „per se“ и промената како континуум. Овие практики често користат хумор, повторување или ефемерни материјали за разлика од монументалната реторика.

На оваа изложба, ДЛУМ овозможува и презентација на современ експериментален цртеж кој ја продолжува оваа тректорија, но со нови сегменти и димензии. Вклучувањето на дигиталните медиуми го проширува полето – цртежот се движи меѓу виртуелното и физичкото, помеѓу код и графит. Уметниците користат визуализација на податоци, аугментативна реалност или се враќаат на аналогни алатки со субверзивна интимност. Линијата како основа на цртежот станува нишка, трага или интерфејс.

Во современата македонска уметност, експерименталното цртање останува дивергентно и рефлексивно поле. Актуелните ликовни уметнички практики на цртање сѐ повеќе ги ставаат во преден план прашањата за екологијата, преку употреба на проширени медиумски практики, до алгоритамско обележување на тактилни, гестовни ангажмани. Чинот на цртање станува спекулативен простор – зона во која границите меѓу формата и емоцијата, присуството и отсуството постојано се прецртуваат и доцртуваат – истакнува проф. д-р Маја Рауник Кирков, Претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот