
Изложба на Кирил Гегоски е поставена во македонскиот Културно-информативен центар во Тирана
Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Тирана, Албанија, на 25 септември 2025, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на дела од уметникот Кирил Гегоски, чие творештво во рамки на колекцијата на Националната галерија добива ново звучно место и публика.
Препорачано
Изложбата ќе биде поставена до 10 октомври 2025 година, нудејќи им на посетителите внимателно изградена форма на размена и размислување за современата уметност и нејзиниот социјален и културен потенцијал.
– Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сè, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.
Од почетокот на 2000 година и во текот на изминатите години до денес, евидентно е менувањето на неговиот ликовен израз кој, за разлика од претходно, е поекспресивен. Кирил Гегоски во својата сликарска страст и посветеност не се задоволува само со една пронајдена матрица и во својата досегашна работа експериментираше на три нивоа на сликарската практика: материјално-техничката, концептуално-аналитичката и естетско-чувствената. Иако е евидентна стилска различност, тој се задржува на архетипските модели и истражувања на односите во кои ги согледува одговорите на сопствените размислувања за прасликата и искуствата во доживувањата на животот, во кои неповратно се врежани човековите искуства и претстави.
Преку ова Гегоски го претставува јадрото во кое се преклопуваат содржината и односот помеѓу неговото доживување на прасликата и значењето на конкретното уметничко дело. Неговите дела ја задржуваат својата препознатливост во различноста, што е одлика на изграден уметнички идентитет. Оваа препознатливост се заснова врз осмислена креативна постапка во која значењето и формализирањето не се доминантни, туку се читаат индиректно преку материјалноста и сензуалноста на сликата и нејзиното непосредно афективно дејство врз гледачот.

Воден од потенцијалот на сликарското искуство, преку ликовно стилизирање, во неговите дела композицијата се транспонира во апстрактно-асоцијативни, но сепак препознатливи форми. Бојата е основата во творештвото на Гегоски. Бојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива експлозивност и потполна слобода. Преку неа тој врши колористички истражувања на соодносите меѓу боите и површините. Тој не размислува апстрактно, туку прави одредени стилизации на пределот кој говори за внатрешните состојби, создава динамика и тензија во расположенијата што ја обликуваат композицијата во својата крајна ликовна претстава.
Во духот на зен-филозофијата, тој верува во внатрешната чистота што се отсликува во едноставни форми и во силната енергија со која зрачи делото.
Неговите феноменолошки карактеристики, засновани врз колористички оркестрации, суптилни во изразот, чисти, често лирски, а понекогаш и драматични по карактер, светлосните ефекти и субјективните чувства во доживувањето на дадената тема и мотив, ги задржуваат споменатите особености на авторовиот ракопис – истакнуваат од Националната галерија.
Кирил Гегоски е роден на 27 март 1944 година, во Прилеп. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје, во 1964 година. Член е на ДЛУМ (од 1968) и на ДЛУБ (од 1990). Во 1979 година ја користел сојузната стипендија „Моша Пијаде“ во Париз. Студиски патувања има остварено во Италија, Грција, СССР, Франција, Полска.