
Излезе од печат првиот број на списанието „Стожер“ за 2025 година
На почетокот на февруари излезе од печат број 156 (првиот број за 2025 година) на „Стожер (ревија за литература, култура и уметност)“ при Друштвото на писателите на Македонија.
Препорачано
Редакцијата во состав Славчо Ковилоски, Марина Мијаковска, Лилјана Пандева, Делвина Крлуку и Стефан Марковски го подготвија бројот со повеќе богати содржини: ексклузивен ерменски ракопис „Историја на Александар Македонски“, интервју „Македонскиот јазик е толку богат што ми го одзема здивот“ со Огнена Никуљски, прилози со поезија од поетите Ристо Лазаров, Каљош Челику, Анита Бошкова, Анастас Ќушкоски, Лидија Дочовска Павловска, Весна Дамчевска Илиевска, Рифат Емин, Румена Пупавац, Снежана Стојчевска, Жељка Авриќ итн.
Со куси раскази се застапени Габриела Стојаноска-Станоеска, Ресул Шабани и Петар Петрески. Во рубриката Согледба е сместен текстот на Иван Џепароски насловен „Допирот на убавината и на целината на Матеја Матевски“, а Вера Стројчевска-Антиќ прави „Комеморативен збор за проф. Бистрица Миркуловска“.
Во рубриката Сеќавање, Лејла Шериф Емин прави навраќање на Илхами Емин. Во рубриката Став впечатлив е текстот „80 години македонско издаваштво – некогаш и денес“ на Бисера Бендевска. Во рубриката Осврт се застапени текстови на Александра Јуруковска, Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова и Гордана Јовиќ-Стојковска. На крајот има Хроника од настани одржани во ДПМ, културни вести од Македонија и рубриката Времеплов.