Насловна корица на изданието

Издавачот „ПНВ Публикации“ на 62. СВП ја промовираше поетската антологија „Ново раѓање на зборот“

Во рамки на 62-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ се одржа промоција на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје. Книгата ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.

Во антологијата се застапени 42 автора родени од 1991 година па наваму, а книгата е поделена на три циклуси: „Време е кога бараат од нас / да зборуваме за сечија друга болка / освен за својата“, „те бодам в грло / да исцедиш песна“ и „Во левиот џеб од капутот ја носам / мечтата кон едноставното“.

– И еве, во оваа 2023 година, кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, таа антологија, и тоа на поетското творештво на авторите родени од 1991 година наваму – се случи. Се чини дека и мораше да се случи токму во оваа година во чест на Шопов, затоа што, од една страна, не само потребно, ами се чини и нужно е веќе во македонската културна стварност да се валоризира и критички да се согледа и опсервира она што е нова вредност на македонската современа поезија остварена од нови поетски гласови. Ама, од друга страна, и заради достојното чествување на делото на Шопов, кој важи за еден од најголемите поддржувачи на младите автори во периодот на педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век – и како поет, и како културен деец, воопшто, вклучително и преку издаваштвото и преку уредништвото во периодиката. (…) Па така, следејќи ги и пораките и пристапот на Шопов, се пристапи кон подготовката на оваа антологија – истакнуваат приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски во предговорот на книгата.

Изданието за првпат беше промовирано неодамна во Охрид, во рамки на 35. „Поетска ноќ во Велестово“, а ќе биде промовирано и во Скопје, во рамки на Скопскиот поетски фестивал во втората половина на септември.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 194, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!