
Издавачот „Или-или“ ќе го промовира вториот роман на Симона Јованоска со наслов „Леска Брезоска“
Во Галерија МКЦ во Скопје на 18 декември, со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска. Романот е во издание на „Или-или“ и е книга бр. 232 во едицијата „ПРОаЗА“. Промоцијата ќе се одвива низ разговор на уредникот Ненад Стевовиќ со авторката.
Препорачано
„Леска Брезоска“ е втор роман на Симона Јованоска по дебитантскиот „Денот на црвот“ со кој ја освои престижната награда „Роман на годината“ за 2021 година.
Приказната во „Леска Брезоска“ се одвива во Гостивар и во Скопје и ја следи животната патека на главната хероина од нејзиното детство, првите игри, детските трауми, другарувања, откривањето на сексуалноста, соочувањето со етничките тензии и немири, па сѐ до влегувањето во светот на возрасните и судирот со комплексните животни околности и борбата за нивното надминување.
Романот е составен од меѓусебно испреплетени животни приказни сочинувајќи една кохерентна и заокружена целина, а милјето во коешто се одвиваат е македонската општествена реалност од последниве децении.
Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг.
Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-или“. Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.
Дебитантскиот роман „Денот на црвот“ („Или-или“, 2021, 2022, 2024) е прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик.
Во 2022 во издание на „Чудна шума“ Симона Јованоска ја објави книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“, известија од „Или-или“.