Промоцијата ќе се одржи на Факултетот за драмски уметности во Скопје

Издавачката куќа „Полица“ ќе го промовира дистопискиот роман „Неколку тишини подоцна“ од Ана Стојаноска

Промоцијата на најновиот роман на авторката Ана Стојаноска со наслов „Неколку тишини подоцна“ ќе се одржи на 17 мај (сабота), на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Станува збор за дистописки роман, структуриран/компониран како симфонија, што е за првпат во македонската литература да се искористи ваквиот начин на структурирање на наративната мрежа. Паралелно раскажува неколку различни приказни, на неколку различни места на земјината топка, каде што главните ликови се соочуваат со голема пандемија по короната, со крах на економскиот систем и дигиталните валути, како и со падот на човечките заедници.

Романот ја раскажува приказната низ неколку различни перспективи за да нè донесе до крајот на светот. Ликовите се носители на неколку главни топоси во процесот на зачувувањето на човештвото од неизбежното рушење. Како што е тоа вообичаено за жанрот, покажано е на кој начин почнува крајот и на кој начин се прават обидите не да се спречи, туку да се уништи во целост.

Во романот се посочува улогата на фармацевтската индустрија, големите финансиски фондови, лични приказни и улогата на дарквебот, како и една поморска приказна што на некаков начин ги спојува сите во една.

Она што го издвојува романот „Неколку тишини подоцна“ е лиричната структура и ритмичноста што во себе намерно ја крие суровоста на светот што исчезнува. Промотори на романот ќе бидат професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и писателот Владимир Јанковски, а извадоци ќе читаат Верица Ацеска, Ангела Стојановска и Филип Трајковиќ.

Авторката Ана Стојаноска е театролог, есеист, писателка и професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, но и авторка на драмски текстови, театарски и театролошки изданија и монографии.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 281, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот