
Избран актерот кој ќе го глуми Доналд Трамп во биографскиот филм за контроверзниот претседател
Американскиот актер Себастијен Стен ќе го игра младиот Доналд Трамп во претстојниот филм насловен „Приправникот“ („The Apprentice“), заедно со Марија Бакалова и Џереми Стронг, пишува „Си-ен-ен“.
Препорачано
Актерката Марија Бакалова ќе ја отелотвори покојната Ивана Трамп, деловна жена која соработувала со тогашниот сопруг на некои од неговите најистакнати проекти за недвижнини. Тие се разведоа во 1992 година, а Ивана Трамп почина минатата година.

Џереми Стронг, пак, ќе го глуми озогласениот адвокат Рој Кон, кој Трамп го сметаше за ментор на почетокот на неговата кариера.

Според нацртот на содржината, испратен до „Си-ен-ен“ од извршната продуцентка Ејми Баер, филмот во режија на Али Абаси е „истражување на моќта и амбициите, сместени во свет на корупција и измама“.
„Тоа е приказна за ментор и штитеник, која го прикажува потеклото на една американска династија. Исполнет со ликови поголеми од животот, ја открива моралната и човечката цена на културата дефинирана од победниците и губитниците“, се вели во синопсисот на филмот.
Датумот на прикажување допрва треба да биде потврден, но претставниците на филмот за „Си-ен-ен“ потврдија дека снимањето е веќе во тек.