
Истражување: Кина во македонските медиуми
Вестите за Кина вообичаено не се дел од ударните дневни информации во медиумите во С. Македонија, но се континуирано присутни во различни области и имаат свое влијание врз тоа како граѓаните ги перципираат сложените геополитички односи, особено во делот на глобалната економија и пост-пандемискиот период, се вели во истражувањето на Фондација НВО инфоцентар Скопје, поддржано од амбасадата на САД во Македонија.
Препорачано
Авторите на истражувањето, Сеад Џигал и Димитар Николовски откриваат дека голем број на текстови поврзани со Кина се објавуваат во македонските медиуми, но според нив, во известувањето изостанува критичкото известување на новинарите.
„Во домашните медиуми се појавуваат повремени фази на зголемен број вести за Кина зависно од актуелните настани во светот. Исто така, забележливо е дека во голем број случаи вестите кои се објавуваат за Кина се позитивни или неутрални кон оваа земја. Медиумските содржини главно ги отсликуваат нејзините позитивни економски достигнувања, забрзаниот технолошки развој и иновации, а се истакнува и важноста на Кина за светската економија и трговијата. Во овие објави поретко се наоѓаат вести за сензитивни прашања, како што се на пример, односите меѓу Тајван и Кина, состојбата со етничкото малцинство на Ујгурите во Кина, позициите на Кина за војната во Украина“, се вели во истражувањето.
Авторите тврдат дека присуството на Кина во вестите на домашните медиуми не е често и постојано, но содржините кои се објавуваат претежно се позитивни и некритички. Исклучок од ова правило се вестите кои домашните медиуми ги пренесуваат од западните медиуми во кои има критички ставови кон Кина.
„Кина во македонскиот информативен простор најчесто е присутна во темите за политиката и економијата, особено во релација со САД, Русија и ЕУ. Неколку медиуми најчесто дистрибуираат позитивни и некритички содржини за Кина. Медиумите кои најчесто пренесуваат актуелни информации за Кина, во повеќето случаи известуваат со неутрален тон, но регистрирани се и сугестивни наслови, поднаслови и коментари. Прилозите на тема, економија и Кина, се претежно позитивни. Во нив се објавуваат информации за забрзаниот економски раст на Кина“, се вели во дел од истражување.