Фото: Pexels/ Andrea Piacquadi

Истражувањата потврдија: Луѓето се најмалку продуктивни во петок попладне

Вработените се помалку активни и почесто прават грешки во попладневните часови и во петок. Всушност, петок попладне ја означува најниската точка на продуктивност на вработените, покажуваат резултатите од студијата спроведена од американски експерти, пишува „ЗМЕ саенс“ („ZME Science“).

Преку бројни студии испитувана е продуктивноста на работниците, користејќи методи како што се дневници или самостојно спроведени анкети и проценки на перформансите.

Меѓутоа, сите овие методи се субјективни. Може да бидат погодени од предрасуди и расположение, или луѓето погрешно да се сеќаваат што направиле.

Наместо тоа, истражувачите од Универзитетот во Тексас , во новата студија се потпирале на неинвазивни и објективни метрики за користење на компјутер, како што е брзината на пишување. Истражувачите ги проучувале таквите податоци собрани од речиси 800 вработени во голема енергетска компанија во Тексас.

Анализата била спроведена во период од две години од 1 јануари 2017 година до 31 декември 2018 година. Потоа биле споредени податоците добиени во однос на времето од денот и различните денови во неделата.

Фото: Pexels/ Anna Shvets

Помалку активности во петок

Истражувачите избрале учесници кои имаат различни деловни позиции, од администратори до инженери. Тие откриле дека средната вредност од вкупниот број на внесени зборови во компјутерот е 427 во понеделник.

Овој број се зголемил за 3,45 отсто во вторник и останал релативно непроменет до четврток. Сепак, најголемата промена се појавила во петоците – со пад од 19,1 отсто.

Освен тоа, луѓето направиле значително повеќе грешки при пишување попладне, отколку наутро, сите денови во неделата, а особено во петок попладне.

„Откривме дека користењето на компјутерот се зголемувало во текот на неделата, а потоа значително се намалило во петоците. Луѓето пишуваа повеќе зборови и имаа повеќе движења на глувчето и кликнувања на глувчето секој ден од понеделник до четврток, а во петок овие активности беа многу помали“, рече авторот на студијата Таехјун Ро, професор на Универзитетот А&М во Тексас.

Експертите од Универзитетот во Тексас истакнуваат дека резултатите од нивното истражување се важни и сугерираат дека менаџерите би можеле да ги преиспитаат постоечките распореди за работа, со цел да ја фокусираат работата на најпродуктивните денови од работната недела.

Според истражувањата, од мај околу 60 проценти од работниците со полно работно време во САД работеа исклучиво во просториите. Останатите работеле на далечина или имале хибриден работен систем.

Истражувачите велат дека флексибилноста во организацијата на работата, како што е хибридната работа или четиридневната работна недела, може да помогне да се ублажат негативните ефекти од долгите работни недели и да се подобри продуктивноста на вработените.

Фото: Pexels/ rubaitul azad

Претходните студии покажале дека работењето од дома го намалува стресот и им дава на вработените поголема контрола врз нивните работни распореди, што помага да се намали менталниот замор и исцрпеност и да се зголеми задоволството од работата.

Работењето од дома има и еколошки придобивки, бидејќи ги намалува емисиите на јаглерод диоксид, загадувањето и потрошувачката на гориво.

„Овој начин на работа им овозможува на вработените да поминуваат повеќе време со своите семејства, а исто така им остава повеќе време за вежбање и слободни активности, кои се покажаа дека го подобруваат и физичкото и менталното здравје“, додава Марк Бенден, шеф на Одделот за заштита на животната средина и здравје при работа.

Сепак, оваа студија има неколку недостатоци. Податоците се собрани од вработени само во една голема енергетска компанија, а можно е резултатите да не важат за други работни активности.

Исто така, други активности кои не се опишани во студијата, како на пример присуство на состаноци во петок или правење работен план за следната недела, може да влијаат на флуктуациите на продуктивноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот