Високата претставничка на ЕУ Каја калас и претседателката на Молдавија, маја Санду/ Фото: EPA-EFE/DUMITRU DORU

Историски самит: ЕУ се состанува во Молдавија

Молдавија важи за следна воена цел на Путин. ЕУ сега во главниот град Кишињев за првпат одржува самит – сигнал за поблиски релации со земјата. Дали соседот на Романија наскоро ќе стане членка на Унијата?

Сето воопшто не наликува на голем самит. Доаѓаат тројцата лидери на ЕУ – претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас. За средбата се испланирани само два и пол часа.

Па сепак, се зборува за „пресвртница“. И тоа де факто е историски собир: денеска (4.07) во молдавскиот главен град Кишињев ќе се одржи првиот самит меѓу ЕУ и Република Молдавија. ЕУ за првпат ќе одржи самит во помала земја кандидат за членство – чест што претходно им беше укажана само на поголеми земји како Украина и Турција. Притоа, Република Молдавија е официјален кандидат за членство во ЕУ само од јуни 2022 година. На Западен Балкан, каде некои од земјите повеќе од една деценија имаат статус на кандидат, таков самит се нема одржано.

Се работи за испраќање силен сигнал. Република Молдавија важи за следна цел на Владимир Путин. По нападнатата Украина, ниту една друга европска земја не е толку загрозена од руската агресија како малата држава меѓу североисточна Романија и југозападна Украина.

Покрај воената, има и акутна политичка закана – имено, на крајот на септември во земјата се одржуваат парламентарни избори. Фаворит е владејачката партија Акција и солидарност (ПАС) на проевропската претседателка Маја Санду, но настапуваат и три силни проруски партии. Доколку тие дојдат на власт, Русија би можела да го реорганизира и прошири својот воен потенцијал во земјата.

Руска окупација со катастрофални последици

Во тесниот молдавски регион Транснистрија, на источниот брег на реката Дњестар, преку 35 години владеат проруски сепаратисти. Во 1992 година Русија во Молдавија ја започна првата војна против друга земја по распадот на Советскиот Сојуз. До денес во Транснистрија се стационирани 1.200 руски војници и огромен арсенал советско оружје. Проруска влада би можела да олесни зголемување на бројот на војници и снабдување со оружје.

Украинскиот црноморски град Одеса е на само на 50 километри од молдавската граница, а воено погледнато земјата е меѓу најбеспомошните во Европа. Руска окупација на земјата би имала катастрофални последици за Украина, бидејќи би ја втурнала меѓу два фронта. И за Европа последиците би биле значајни. Иако најголемата воена база на НАТО во регионот се наоѓа во југоисточна Романија, копнената граница на Романија со Украина и Република Молдавија е едвај обезбедена. Руски дронови „Шахед“ веќе сега летаат и експлодираат во романскиот дел од делтата на Дунав – и со тоа на територија на ЕУ и НАТО.

Прашањето за раздвојување

Република Молдавија не може да стане членка на НАТО бидејќи нејзиниот Устав пропишува воена неутралност, но по многу години вртење глава и двоумење, ЕУ сега очигледно има јасна проценка на заканата во регионот и се чини дека сака брзо да ја интегрира земјата со два и пол милион жители барем на економски план.

Оптимистички прогнози предвидуваат пристапување во ЕУ во 2029/30 година. Во моментов во преден план е пред сѐ прашањето за т.н. „раздвојување“, што значи дали преговорите за пристапување на Молдавија ќе бидат раздвоени од оние со Украина и дали Брисел и Кишињев брзо ќе ги отворат првите поглавја. Раздвојувањето може да биде неопходно бидејќи Унгарија го блокира отворањето на поглавјата со Украина.

Сепак, разделување политички би испратило деликатен сигнал до Украина оти би значело дека ЕУ попушта пред Виктор Орбан, а од друга страна Молдавија практично статусот на кандидат ѝ го должи на Украина.

Засега не е јасно како ЕУ и Молдавија ќе ја решат дилемата, но извесно е дека Брисел мора да ѝ понуди на земјата повеќе и да биде поприсутен од порано за да ги зајакне проевропските сили. Во анкетите проруските и де факто деснонационалните Социјалисти и Комунисти, кои на изборите веројатно ќе настапат заедно во сојуз, се зад владејачката ПАС. Но, заедно со изборниот блок Алтернатива на градоначалникот на Кишињев, Јон Чебан, кој декларативно е неутрален до проевропски, но скриено проруски ориентиран, тие би можеле да постигнат парламентарно мнозинство.

Незавршени реформи и економска криза

Некогашната антикопрупционерка, економистка во Светска банка и министерка за образование Маја Санду, ужива многу висок углед како претседател и се смета за личност со апсолутен интегритет. Сепак, владата на ПАС не ги спроведе антикорупциските и судските реформи онака како што тоа се очекуваше од неа. Но, и онака сиромашната земја е пред сè во длабока економска криза откако Украина го запре транзитот на руски гас кон Европа, кој делумно течеше и во Молдавија. Гасот таму беше користен за напојување на електрана во сепаратистичката Транснистрија, која пак ја снабдуваше земјата со електрична енергија. Поврзувањето со европската гасна и електрична мрежа, пак, доведе до зголемување на цените и сè уште не е целосно завршено.

По прекинот на снабдувањето со руски гас, кој сепаратистите од Транснистрија го користеа за финансирање на својот систем, на почетокот на јуни беше прогласена економска вонредна состојба во тој дел од земјата – бидејќи електричната енергија е достапна само неколку часа, а режимот повеќе не може да исплаќа плати и пензии. Легитимните владетели во Кишињев сега стравуваат дека вонредната состојба во Транснистрија ќе доведе до хаос што ќе се прошири и на слободниот дел од земјата.

Прашања поврзани со јазикот и идентитетот

Политички, прашањата поврзани со јазикот и идентитетот сè уште играат улога во некои делови од земјата. Три четвртини од Молдавците зборуваат романски јазик, а една четвртина главно руски јазик. Иако земјата има една од најлибералните јазични регулативи за малцински јазици во Европа, проруските политичари лажно тврдат дека се кршат правата на луѓето кои зборуваат руски јазик. Тоа има особено влијание на некои места на северот од земјата и во јужниот автономен регион Гагаузија, чии жители се етничка група која е христијанска и која порано говорела турски, но сега е во голема мера русифицирана.

Иако ЕУ финансира бројни проекти за модернизација во Гагаузија, преовладувачкиот наратив е дека Русија наводно го поддржува регионот и го спасува од пропаѓање. Сегашната гувернерка на Гагаузија, Евгенија Гутул, е практично марионета на рускиот претседател Владимир Путин и е под истрага за нелегално партиско финансирање.

ЕУ во последните месеци вложи напори да го зголеми своето јавно присуство во Гагаузија. На пример, комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, ја посети Гагаузија три дена во мај и разговараше со бројни локални претставници.

Соседна Романија, под водство на новиот претседател Никушор Дан, во последните недели е исто така присутна во Република Молдавија како што не била со години. Првата странска посета на Дан беше во Кишињев, каде што беше пречекан со голем ентузијазам. Кратко пред самитот на ЕУ, Никушор Дан вети дека романските власти побрзо ќе ги обработуваат десетиците илјади барања за државјанство од Република Молдавија – што значи дека барем апликантите ќе ја завршат својата интеграција во ЕУ.

Извор: Дојче веле/ Автор: Кено Верзек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот