
Инвеститорите бараа и добија: Конзерваторски центар издаде негативно мислење за кулата што се гради во Карпош
Таков документ сѐ уште немаме добиено во Секторот за урбанизам во Општина Карпош. Откако ќе го добиеме мислењето, ќе биде разгледано и донесено одлука како ќе биде постапено – одговараат од Карпош на прашањето дали ќе му ја одземат дозволата за градба на инвеститорот.
Конзерваторски центар на барање на инвеститорите „ЗСФ ком“ и „Делта 2015 констракшн“, кои ја градат спорната 17-катницата во Карпош според во моментов некоплетно одобрение за градба, деновиве издаде ново конзерваторско мислење, кое е негативно.
Препорачано
Како што се наведува во мислењето издадено за објектот во изградба во контактната зона на Споменикот – Воена болница и во Споменикот – Воена болница, при изработка на урбанистичкиот проект од страна на Општина Карпош и инвеститорите не било почитувано известувањето од 12.7.2022 година од Конзерваторски центар, дека во Урбанистичкиот проект треба да бидат вградени границите на Споменикот – Воена болница и неговата контактна зона, режимот за заштита и посебните заштитно-конзерваторски услови, во согласност со одобрените основи од 2013 година и дека Урбанистичкиот проект треба да биде доставен за стручно мислење до НУ Конзерваторски центар и потоа до Управата за заштита на културното наследство, пред да биде одобрен.
Донесениот урбанистички проект има опфат што влегува во две различни зони на заштита , а на градбата не се преземени мерки за заштита утврдени со Заштитно-културните основи за културно наследство.
Имено, северниот дел на градежната парцела се наоѓа во границите на Споменикот -Воена болница и за него важи заштита од втор степен.
Се применува режим на заштита од втор степен, кој подразбира архитектонско обликување со нови објекти, со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто и партерно обликување на просторот. Сите интервенции се изведуваат според конзерваторски проекти, односно проекти изработени според Правилникот за конзерваторски проекти, кои се доставуваат на стручна контрола во Конзерваторски центар и се обезбедува конзерваторско мислење од Управата за заштита на културно наследство, кое е услов за издавање одобрение за градење. На овој дел од градежната парцела треба да се планира градба со доминантна класа на намена В – јавни институции, утврдена со ГУП на град Скопје 2012-2022 – се вели во конзерваторското мислење.
Јужниот дел на градежната парцела пак се наоѓа во границите на контактната зона на Споменикот и на него се применува трет степен на заштита, каде можат да се градат нови објекти со габарит и катност што нема да ги нарушат визурите на Споменикот. За интервенции во контактната зона потребно е мислење од Конзерваторски центар како услов за добивање одобрение за градба.
Конзерваторите утврдиле дека урбанистичкиот проект содржи погрешно утврдена фактичка состојба дека целата градба се наоѓа во контакт зона на Споменикот и дека во текстуалниот дел се наведени само мерките за заштита за контактната зона на споменикот и не се воопшто применети во основниот проект, бидејќи габаритот и катноста ги нарушуваат визурите на споменикот.
Во образложението на мислењето, потпишано од в.д. директорката Љиљана Китановска се вели дека градбата е истовремено лоцирана во две различни зони на заштита што не е во согласност со Законот за заштита на културно наследство и Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење.
Како што е познато Конзерваторски центар уште пред три месеци го поништи претходното конзерваторско мислење, но изградбата на објектот не беше запрена.
Суштинската причина за поништување на одобрението за градење или барем ставање во мирување сега е во рацете на општината. Секое друго постапување ќе значи огромна штета за општината, која и без тоа презема многу ризични чекори со издавањето на одобрението за градење – велат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, кои го објавија документот со негативното конзерваторско мислење.

Од Општина Карпош досега не реагираа со образложение дека не можат ништо да преземат до правосилно завршување на постапката. Сега, по новото негативно конзерваторско мислење велат дека во Општината сѐ уште не е стигнат документот.
Таков документ сѐ уште немаме добиено во Секторот за урбанизам во Општина Карпош. Откако ќе го добиеме мислењето, ќе биде разгледано и донесено одлука како ќе биде постапено – одговараат од Карпош на прашањето од „Слободен печат“ како сега ќе постапи Општината и дали ќе го поништи одобрението за градба.
Изградбата на висококатницата зад поликлиниката „Букурешт“ со месеци предизвикува реакции на граѓани и граѓански организации кои бараат на инвеститорот да му се одземе дозволата за градење. Сепак изведувачите продолжуваат со работа, но и покрај постојано присутната механизација на теренот и непрекинатата работа, наизглед за изминатите три месеци нема видлив напредок во изградбата. Можеби и инвеститорите чекаат да ја видат завршницата на целиот случај.
Конзерваторски центар го поништи позитивното мислење за кулата во Карпош, на потег е Општината