Интервју со Викторија Рангелова-Петровска: Десетте новопримени актери се новото театарско гориво

Викторија Рангелова-Петровска, в.д. директорка на Драмски театар Скопје

Свежа, креативна и продуктивна енергија владее во колективот на Драмски театар Скопје, каде што под раководство на Викторија Рангелова-Петровска техничките и просторните недостатоци на театарот ги претвораат во квалитет.

Повеќе различни активности имаше Драмски театар во текот на оваа година. Светскиот ден на театарот – 27 март беше одбележан со промоција на обемна монографија за Ристо Стефановски. Гостувањата на претстави од Драмски театар на фестивалот РУТА, што се одржува на секои два месеца во шест градови од регионот (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Подгорица и Скопје) веќе станаа редовна практика.

На почетокот на годината десет млади актери добија вработување во Драмски театар и со тоа донесоа нова енергија во установата. Нови членови на актерскиот колектив се Лазар Христов, Владимир Петровиќ, Нина Елзесер, Маријан Наумов, Јована Спасиќ, Ања Митиќ, Ивана Павлаковиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски и Сара Климоска. Последниве два месеца на големата сцена во Драмски театар се подготвуваше и новата претстава „Хеда Габлер“, чија премиера е најавена за 20 април.

На раководната позиција како в.д. директорка во Драмски театар е драматургот Викторија Рангелова-Петровска. Таа по вторпат се наоѓа на раководна позиција и повторно со целосна посветеност кон театарот и кон дејноста. Покрај редовните обврски во театарот, заедно со екипата од Драмски направија потег со кој му оддадоа голема чест на првиот директор на Драмски театар – Ристо Стефановски.

Со каков мотив ја подготвивте и објавивте монографијата за Ристо Стефановски?

– Ристо Стефановски го создаде и го порасна Драмски театар. Без неговиот професионален несебичен влог, без неговиот пристап во организацијата на работата во театарот и без неговата визија во креирањето на програмската политика, Драмски театар сигурно не би се етаблирал како џин меѓу театрите, не само во државата туку и многу пошироко во регионот. Неговиот влог не е само во Драмски театар, туку влог и учинок за развојот на македонската театарската уметност, воопшто. Сите што имаат и малку познавање од театарската историја ќе го посведочат тоа.

Но, малкумина од помладата генерација воопшто и да чуле или знаат кој е Ристо Стефановски. Оттука, најмалку што можевме да направиме е да составиме тим и да подготвиме монографско издание за него. Да оставиме пишана трага која ќе биде траен белег, книжевно дело кое ќе ги информира/едуцира помладите и сведоштво со кое нашата генерација ќе му оддаде должна почит за неговиот влог и посветеност на театарската уметност.

Промоција на монографијата за Ристо Стефановски

Големата сала на Драмски театар од 27 март годинава го носи името „Ристо Стефановски“. Какво е неговото значење за театарот од денешен аспект?

– Стефановски постави начела и правила за односот што треба да се негува доколку се сака една театарска институција да биде успешна. Успехот подразбира да се доведе институцијата на прво место во семејството на конкурентите и да има задоволен колектив. Стефановски бил директор што прв пристигнувал на работа, немал одредени работни часови, и кога спиел работел, секогаш бил во допир со актуелното, имал совршен нос за талентирани театарски автори, успевал да изнајде решение за секој проблем, знаел како да донесе повеќе средства во театарот, знаел како да ги дозира информациите и кому и кога да ги пласира, секогаш имал скриен џокер во ракавот и работел чесно и домаќински.

Доколку се следат истите принципи и правила и денес, успехот е неизбежен. Прашање е само колкумина, денес се подготвени или кадарни да работат со темпо, посветеност и луцидност какви што имаше Ристо Стефановски.

Ристо Стефановски работеше во едни други времиња, кога имаше поинаков однос кон културата и особено кон драмската уметност. Во какви услови работи Драмски театар во сегашното време?

– Драмски театар е колектив што никогаш не ја изгубил и верувам никогаш и нема да ја изгуби жарта за креативно создавање и компетитивност. Во сите негови работни оддели работат стамени, жилави и талентирани луѓе, кои умеат успешно да се носат со техничките и просторни недостатоци на театарот.

Драмски театар е пример дека квалитетна претстава не секогаш се создава во совршени услови и со многу пари. Како колектив знаеме недостатоците да ги претвориме во квалитет. Многу често го чиниме неможното. Но, постојаното соочување со неможното еден ден може да нѐ внесе во ќорсокак. Поради тоа мора да се вложи во просторните и технички капацитети во постојниот објект.

На почетокот на годината потпишавте одлука за вработување десет млади актерки и актери, кои сега се дел од колективот на Драмски театар. Станува збор за подмладување на колективот или за природна промена на генерации?

– Природната промена на генерации недвосмислено повлекува можност за подмладување на колективот. Последните десетина години голем број актери го напуштија колективот поради пензионирање или други немили причини. Со тоа се отвори голема можност, која не смееше да се одмине. На Драмски театар му беше преку потребна свежа енергија. На веќе докажаниот актерски ансамбл му беше потребен квалитет плус.

Десетте новопримени актери се новото театарско гориво. И не треба да се премолчи вистината дека без заложбата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која сесрдно инсистира на отворање можности за младите, подмладувањето на театарскиот ансамбл ќе беше оневозможено. Сега, со нив десетмина, колективот ќе работи во поинаков ритам и ќе се отвораат нови театарски димензии, секако ќе се привлече и нова публика.

Како драматург по професија, според кои начела ја креирате репертоарната политика во театарот?

– Начело на квалитет. Квалитетен драмски текст, квалитетни соработници, квалитетна продукција и кон сето тоа свесност за времето во кое се твори, секогаш да се биде во чекор со современите театарски поставености. Но, бидејќи театарот го носи името Драмски театар, не смее да се заборави и на жанровската одредница што е запишана во неговото име.

Што во денешно време, и лично за Вас, значи да се раководи со театар?

– „Ѓаволска“ работа, доколку имате за цел институцијата да постигнува успеси. И доколку се зафатите со ѓаволската работа, треба да бидете малку ѓаволест за да можете да се справите со сите предизвици што ги носи со себе раководењето со театар. Мора да се создаде тим на соработници што ја делат истата визија за театарот. Составот на Уметничкиот совет и Управниот одбор е исклучителнo важен. Со искрени и широкогради соработници може во целост да се реализираат поставените цели.

Покрај помошта од соработниците, треба да се има желудник за сите барања на вработените и на надредените, но треба да се има и одважност да им се застане на патот на каприците. Со вработените во колективот оваа состојба е секојдневие. Оттука, најважно е да се постават приоритети и да се реализираат еден по еден, сѐ до последниот во списокот и потоа да се состави нов список на приоритети. Никогаш да не се сопира. За мене, лично, директорувањето подразбира принципиелна доследност и вљубеност во макотрпна работа, во која треба и да се внимава попатно да не се изгубите себеси.

Со претставата „Падот на Масада“ во режија на Дејан Пројковски, Драмски театар минатата недела гостуваше на фестивалот РУТА во Подгорица

Драмски театар Скопје е член на Регионалната унија на театри (РУТА). Имајќи предвид дека активно учествувавте во формирањето на РУТА, какво значење има асоцијацијата за Драмски театар, но и за регионалното поврзување на театрите?

– РУТА се појави во вистинско време за Драмскиот театар. Преговорите за учество во РУТА почнаа во 2018 година. Театарот со години пред тоа не беше активен надвор од границите на државата. РУТА му овозможи да биде виден од публиката во поширокиот регион. Унијата отвори можност за поврзување повеќе театарски колективи од регионот, отвори можности за копродукциски проекти и отвори нов пазар за работа на театарските работници во двете насоки, наши уметници да творат на театарските сцени вон државата и кај нас да доаѓаат колеги од другите држави.

РУТА значи поврзување, несебичност, креативност и компетитивност. Драмски театар преку соработката во РУТА отвори простор за копродукциски проект(и) со Местно гледалишче од Љубљана и со Београдско драмско позориште, во периодот што следува. Реализацијата на копродукциските проекти со мешана екипа овозможува развој и напредок во сите сектори. Низ таквите копродукциски проекти се создава цврста врска со соработниците од другите држави, актерскиот ансамбл има можност да се соочи со поинаква методологија на работа од востановената, во техничкиот сектор вработените изучуваат за нови помагала и техники и истовремено во од се совладува новиот продукциски модел и на крај новиот производ условува и поинаква поставеност во театарскиот репертоар.

Преку РУТА осознавме во што сме ние подобри од другите, а во што се другите подобри од нас. Доколку ја негуваме и надградуваме соработката, низ годините, РУТА ќе прерасне во уште позначајна театарска манифестација. Чекорот кој го направивме со РУТА ни отвори можности за поврзување и соработка и со други театарски фестивали, сосема природно по првиот чекор следува втор.

Новата премиера на сцената на Драмски театар ја најавивте за 20 април. Што треба да очекуваме од претставата „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен во режија на Васил Христов?

– Публиката треба да очекува неконвенционална претстава што доследно ја следи современата театарска матрица, исклучителен/специфичен режисерски концепт, јазик и постапка, низа од актерски бравури, јак емотивен драмски набој и драмска структура која ја потенцира луцидноста и големината на Ибзен денес, точно 133 години од премиерната изведба на драмскиот текст „Хеда Габлер“.

Сцена од претставата „Хеда Габлер“

Театарска премиера – Современо читање на „Хеда Габлер“

Нова претстава на сцената во Драмски театар е „Хеда Габлер“, работена по текст на класичниот автор Хенрик Ибзен, но со адаптација на современите услови на живеење. Режисер на претставата е Васил Христов, а адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и на Васил Христов.

– Хеда Габлер, како една од најпознатите (анти)хероини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик што одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага што ја симболизира борбата за родови права и еднаквост – истакнува режисерот Васил Христов.

Актерката Сања Арсовска, која ја игра главната улога на Хеда Габлер Тесман, истакнува дека станува збор за еден од најкомплексните и најтешки женски ликови што се напишани во светската драматургија и дека нема актерка што не посакува да ја добие таа улога. Особено ѝ е драго што ликот се појавува во овој момент од нејзиниот живот, бидејќи за некои ликови се потребни и актерска зрелост и животно искуство. Преку Хеда се отсликува емотивната состојба на жената предизвикана од општествените стеги. Таа посочи дека Хеда е женски пандан на ликот на Хамлет со сите дилеми што ги носи во себе.

Во ликови со своја историја, биографија и проблем во претставата играат и Зоран Љутков, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула и Сара Климоска. Сценограф на претставата е Васил Христов, а костимите се на Розе Трајческа-Ристовска.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот