Влада Урошевиќ со наградениот „Роман на годината“ в раце

Интервју со писателот, поет и академик Влада Урошевиќ: Минатата година беше исклучително дарежлива кон мене

Почекавме да заврши 2023 година за да може да се повлече црта и да се пребројат сите награди што писателот, поет, преведувач, книжевен и ликовен критичар, теоретичар, професор и академик Влада Урошевиќ ги доби само во текот на една година.

Минатата година за академик Влада Урошевиќ почна со промоција на романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ во издание на „Арс ламина“, кога во ново руво беа реобјавени уште три негови евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“ како дел од едицијата „Македонски книжевни класици“.

Фантастичниот почеток на годината беше дополнет со наградите „Роман на годината“, „Златен венец“ на СВП и „13 Ноември“ на Град Скопје.

На самиот крај на 2023 година добивте и Признание од „Арс ламина“ за автор на годината. Многу награди сте добиле за вашето творештво во текот на животот, но какви чувства ви поттикна фактот што во една година добивте три исклучително важни награди?

– Минатата година беше исклучително дарежлива кон мене. Три врвни награди, а да не ги заборавам тука и двете признанија „Автор на годината“ (од Македонската асоцијација на издавачи и од „Арс ламина“), како и прогласувањето за заслужен граѓанин од Општина Карпош, во која живеам. Навистина несекојдневна ситуација. Јас и пред тоа сум добивал награди, но никогаш така одеднаш и во толкав број. Не се сеќавам дека некој друг македонски писател се нашол некогаш вака затрупан под поројот од награди. Беа толку многу што за мојата книга „Вонземјанки“, која излезе веднаш по романот „Вистинита но не многу веројатна историја…“ и за која сметам дека е една од моите најдобри збирки раскази, не стануваше веќе збор да биде наградена.

Некои мигови, поврзани со тие награди, беа за мене мошне возбудливи. Оној, кога во палатата на УНЕСКО во Париз, откако директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, го прочита соопштението дека јас сум добитник на „Златен венец“, и кога, одејќи кон говорницата, забележав дека целата сала станува на нозе и ме поздравува…

Потоа – читањето под древните сводови на илјадагодишниот храм на Света Софија, на кое ја имав честа да присуствува и Претседателот на Републиката… И мигот кога, на излегување од дворот на Света Софија, една голема група странски гости на СВП и од Семинарот за македонски јазик, литература и култура, спонтано собрани тука, ме испратија со аплауз… Тоа се извонредно ретки мигови кога писателот може да почувствува дека сите тие години на мачно и истоштувачко творење, полно со искушенија и тешки прашања што бараат одговор (и не го наоѓаат!), не минале залудно. Такво нешто не се доживува секој ден. Добро е ако и еднаш во животот се доживее.

Беседа во „Света Софија“ на СВП 2023

Единствено ми е жал што на тие мигови на можеа да присуствуваат – поради биолошкиот часовник кој отчукува за секој од нас – оние што во почетоците на мојата писателска кариера жестоко ме оспоруваа, негирајќи секаква вредност на она што го пишував, а и оние – поретките – кои уште тогаш ми ја даваа својата пријателска поддршка. Јас овие награди ги добивам, всушност, од помладите генерации и мене тоа ми е особено драго, бидејќи низ тој гест тие покажуваат дека го чувствуваат она што јас го творам како блиско. Да бидам нескромен – за мене тоа е знак дека она што сум го создал сѐ уште опстојува како жива вредност.

Годината ја отвори наградата „Роман на годината“. Во својата беседа при врачувањето на наградата најголем простор посветивте на „никогаш завршениот дијалог“ со Славко Јаневски. Какви сеќавања ви поттикна наградата?

– Треба да речам – личното познанство и можноста да бидам понекогаш во друштво со претставниците на таканаречената прва македонска повоена генерација поети денес го чувствувам како особена привилегија. Со Јаневски, Конески, Шопов сум се познавал, сум разговарал, сум читал заедно со нив на поетските читања и – со некои од нив – сум испил не едно шише вино. Да, да не го заборавам ни дебеличкиот и секогаш сцрвенет во лицето Венко Марковски – барем двапати сум имал со него долги разговори за поезијата. Штом ја објавив првата песна, тој побара да се запознаеме. Шетавме по улиците на Буњаковец и тој ми ги рецитираше стиховите на Омар Хајам како врв на поетската уметност.

Помеѓу сите нив, Славко Јаневски беше исклучителна личност – спонтан, емотивен („со краток фитил“), вистински витез во однесувањето и вистински волшебник во раскажувањето. Беше самоуверен, експлозивен, спремен да се впушти во секаков рискантен потфат. Се сеќавам, ми раскажуваа неговите придружници, еднаш ловел диви шатки на устието на Црна Река во Вардар, кај Стоби. Таму, сигурно знаете, Вардар одеднаш станува доста широк. Бил веќе декември. Ја погодил шатката, но таа паднала во надојдената река. Тој се соблекол и скокнал во студениот Вардар полн со вирови, со откорнати пенушки и чатии на потопени воденици, отпливал до средината, успеал да го најде уловот и да се врати со него на брегот. Можете ли да замислите некој современ писател тоа да го направи? Би сакал да го видам!

Мене ми е навистина многу драго што добив награда која е поврзана со името на Славко Јаневски: ете, нашиот никогаш завршен дијалог продолжува и на овој начин!

Практика на Фондацијата „Славко Јаневски“ е добитникот на наградата да го вклучи во жирито на следното издание на изборот на „Роман на годината“. Каква обврска за Вас претставува читањето книжевни дела од други автори?

– Таа доста тешка должност (треба за едно релативно кратко време да се исчитаат толку романи!) ја сфаќам и како можност да бидам поблиску во тек со она што го пишуваат помладите. Јас и без тоа успевам да ја следам нивната книжевна продукција, и мислам дека не пропуштам ништо позначајно, но сега ќе морам сериозно да пристапам и кон вреднувањето на тоа што го читам.

Мислам дека имаме една развиена книжевност, со видливи главни текови на струења, со забележливи индивидуалности, со неоспорни резултати. Преводите на делата на некои од тие „млади писатели“ се објавуваат веќе кај врвните европски издавачи, кај берлинскиот „Зуркамп“ и кај парискиот „Галимар“, наоѓаат своја публика помеѓу европските читатели. Се надевам дека меѓу нивните нови романи ќе има такви што ќе ги читам со задоволство, а не само по должност.

Струшки вечери на поезијата 2023

Во 2023 година станавте третиот лауреат од Македонија кој добил „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (СВП). Како се чувствувате во друштво со поезијата на Блаже Конески и Матеја Матевски?

– Поезијата на Конески и на Матевски ми е блиска, а со тие двајца наши поети сум се дружел и покрај сите разлики во возраста, во темпераментите и во сфаќањата. Мене ми е драго што го носам истиот венец како и тие. А, знаејќи ги, и судејќи според она што тие го напишале за мојата поезија, мислам дека и тие не би имале ништо против тоа да бидеме поврзани преку истата награда.

Три тројки ве поврзуваат со СВП – трипати ја добивте наградата „Браќа Миладиновци“, припаѓате на третата повоена македонска поетска генерација и станавте трет лауреат на „Златен венец“. Непосреден сведок сте на основањето на СВП, како гледате на развојот на фестивалот во текот на годините?

– Да, ја имав таа среќа да бидам еден од учесниците на таа поетска средба во Струга, 1961 година, на која, некако спонтано, беше даден тогаш речиси утопискиот предлог да направиме поетски фестивал. Оттогаш сум поврзан со фестивалот на многу начини – со работата во неговите одбори, со активното учество на многу негови манифестации, со грижата околу неговото телевизиско следење, па и со наградите што сум ги добивал. Струшките вечери на поезијата поминуваа, во текот на овие шеесетина години, низ повеќе фази, се менуваа, се бараа себеси (како што тоа некогаш се велеше).

Влада Урошевиќ и Елизабета Шелева – Врачување на „Златен венец“ на СВП 2023

Сметам дека во последните години Фестивалот се стабилизира во една форма која веќе станува традиционална. Благодарение на оние што го водат, тој ги сочува своите специфики, своите обележја според кои е препознатлив во светот. Ќе има во иднина, секако, и нови идеи, ќе се изнајдат, можеби, нови облици на презентирање на поетската содржина, но, според мене, не треба да се стремиме кон промени само заради промени, кон промени по секоја цена.

Сум бил на едно десетина поетски фестивали низ Европа и можам да ви речам дека сите тие ги имаат истите нешта на својата програма – поетите ги читаат своите песни, водат дискусии за поезијата, на крајот се доделуваат награди. Ништо друго, веројатно, и не може да се измисли. Впрочем, поетските фестивали се и создадени поради тоа – да ги собираат поетите, да ја афирмираат поезијата. Ако некој сака поатрактивни забави, тогаш може да бира да оди на други видови приредби.

Зошто да кријам – ја посакував наградата „13 Ноември“

Градот Скопје бил повод, мотив или инспирација во многу Ваши книжевни дела. Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје е убав гест. Дали со тоа е заокружена една долгогодишна „љубовна врска“ помеѓу градот и писателот?

– Зошто да кријам – ја посакував таа награда. Но, макар што повеќепати бев предлаган како кандидат, некако постојано ме заобиколуваше. И тогаш кога веќе се бев откажал од помислата дека можам да ја добијам, одеднаш ми ја соопштија убавата вест. Многу се израдував. Еден голем дел од она што сум го напишал се однесува на Скопје, некогаш тоа лоцирање е директно, именувано, а во другите случаи веројатно може да биде откриено преку атмосферата, преку оние не многу видливи нешта низ кои се пројавува духот на градот. Возбудлива ми е помислата дека, на овој начин, преку наградата, сум влегол, можам да речам, во летописот на Скопје.

Наградениот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ е меѓу најпродаваните книги во 2023 година во „Арс ламина“. Какво задоволство за писателот носи спознанието дека неговата книга е прифатена од читателите?

– Веројатно за секој писател читателот е голема загатка. Како го прима тој она што сте го напишале? Што му се допаѓа, а што не? И зошто му се допаѓа (или не)? Секако, мислам на читателот кој се задржува само на улогата на читател. Сосема друго е да се разговара со вашиот колега писател на кој сте му ја дале книгата со посвета и кој потоа чувствува потреба да ви го каже мислењето. Писателите не можат да се сметаат за вистински читатели – тие се премногу обременети со професионален поглед на литературата. А со „обичниот читател“ писателот ретко има прилика да разговара.

Затоа, сознанието дека вашата книга се чита од една поширока публика секогаш носи со себе една загадочност и ја предизвикува вашата љубопитност – кои се тие непознати луѓе кои посакале да ја прочитаат вашата книга и кои, можеби, ја препорачале и на други? Дали, кога би ги сретнале, би имале и други теми за кои би можеле да позборувате меѓу себе? Дали, можеби, би можеле да станете пријатели? Колку писателот да не го признава тоа, тој секогаш е љубопитен дали нешто од она што сакал да го каже нашло одзив во сензибилитетот на непознатиот што ја зел неговата книга в рака.

Пред крајот на 2023 година станавте член во новиот состав на Претседателството на МАНУ за мандатниот период 2024 – 2027 година. Какви обврски Ве очекуваат како секретар на одделението за уметност?

– Како единствен претставник од Одделението за уметност во Претседателството на МАНУ, ќе се обидам да ги убедам колегите-академици дека нашата Академија не е само Академија на науките, туку (како што го кажува и името на оваа установа) и на уметностите. Некогаш, во времињата кога МАНУ е основана, размерот помеѓу науките и уметностите беше пола-пола. Половина научници – половина уметници. Но таа некогашна рамнотежа денес е нарушена. Во последно време, за жал, бројот на членовите-уметници драстично опадна. Ја сфаќам важноста на науката, но сигурен сум дека, барем во нашиот, македонски, случај, уметностите (и културата, воопшто) се несомнено најважната потврда на она што го наречуваме „национален идентитет“.

Нема македонска физика, нема македонска хемија. Но постои, секако, македонска литература, македонско сликарство, македонска музика. Зошто? Покрај другите причини, затоа што денес, за каков и да е сериозен потфат во областа на егзактните науки, потребни се материјални средства кои, во најголем број случаи, го надминуваат целокупниот наш годишен државен буџет. Нашиот хемичар, со средствата со кои располага, може само да докаже дека Лакмусовата хартија, потопена во киселина, ќе стане црвена. А хартијата, на која ќе го отпринтате својот завршен роман, чини речиси исто и во Њујорк и во Скопје. Со сликарските платна е исто. Ние сме – нема потреба да ве убедувам, тоа секој го знае – сиромашна држава. Единствено поле за натпревар со другите држави и народи ни е уметноста – таму единствено сме рамноправни. И при бирањето на идните членови на Академијата тоа треба да се има секогаш предвид.

А што се однесува до општествената ангажираност на нашата Академија, ќе се застапувам за ставот дека МАНУ не е политичка партија и не треба да стане. Академијата може да биде советодавна институција: ако извршната или законодавната власт имаат потреба од совети, можат, секогаш, да се обратат до МАНУ – тоа би било корисно и за МАНУ и за државата. Но тоа не значи дека МАНУ треба да се меша во секојдневната политика и да застанува на страната на едната или на другата политичка партија. Тоа би било штетно – и за МАНУ и за државата.

Годинава ќе наполните 90 години живот. Какви планови имате во однос на книжевното творештво?

– Ќе се обидам да заборавам колку години имам и ќе пишувам и натаму како да сум писател пред кој допрва стои потребата да докаже дека знае да пишува.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 213, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот