
Интервју со пејачката и кантавторка Мијата за концертот на „Скопски градски фестивал“: Музиката е изразот на мојата душа
Познатата кантавторка и вокална солистка со извонреден глас Мијата на 15 мај ќе настапи на петтото издание на „Скопски градски фестивал“, а концертот ќе се одржи во камерната сала на Филхармонија.
Препорачано
Вокалната солистка Наташа Мијат Крстевска, позната како Мијата, е уникатна појава на македонската музичка сцена, како со препознатливиот музички израз, така и со оригиналните, театрални сценски настапи. Таа е кантавтор со ангажирани текстови и умешно интегрирање на различни форми во својата музика, но и личност која страсно и емотивно понира во длабочините на музичката креација.
На музичката сцена Мијата е присутна од 2007 година. Досега ги објави албумите „Небеска“ и „Вида“. Првиот солистички концерт го одржа минатата година во Куршумли-ан, а годинава, во рамките на петтото издание на „Скопски градски фестивал“, на 15 мај ќе одржи солистички концерт во камерната сала на Филхармонија.
Како се појави можноста за концертот и како се одвиваше соработката со „Баги комуникации“?
– Со Манде, Владимир Мандичевски, човекот што стои позади „Баги комуникации“, отпочнавме неформална соработка уште минатата година, кога го подготвував првиот концерт во Куршумли-ан. Неговото искуство во организација на концерти ми беше голема морална поддршка во целиот проект наречен „мој прв солистички концерт“.
Меѓутоа, овој концерт на 15 мај ќе биде за првпат предавање на организационото кормило од моја страна, и веќе чувствувам големо растеретување. Се надевам дека ќе биде успешна соработка за нас двајцата, која ќе изроди уште многу уметнички проекти со кои ќе се гордееме.

Каква програма е предвидена за концертот?
– Концертот ќе биде комбинација од песни од двата мои албума „Небеска“ и „Вида“ во една акустична и бохо-атмосфера, која ќе ѝ направи на мојата публика да се чувствува како дома. На сцената со мене ќе ме придружуваат Мартина Нанеска (придружен вокал), Кире Мирчовски (гитара), Бојан Димитровски (клавијатури), Иво Митковски (бас гитара) и Ратко Даутовски (перкусии). Тоа ќе биде составот од почеток до крај, но секако не би бил Miyatta-концерт доколку нема уште многу изненадувања.
Првиот солистички концерт го одржа минатата година во рамките на „Сколско лето“, кога го промовираше албумот „Вида“. На тој концерт настапи со многу гости на сцената. Како ќе биде на следниов концерт?
– Гости мили ќе има и на овој концерт кои ќе ја збогатат атмосферата. Некои од имињата ќе ги споменам, како Нина Јанева, Мухамед Ибрахими, Александар Пешевски, Теодора Гошева Капсарова, Никола Стојмановиќ, Гоце Вангеловски, но да не ги откриваме сите за да остане изненадување и за публиката која ќе има можност да присуствува во живо на концертот во рамките на „Скопски градски фестивал“.

Зад себе веќе имаш два албума, „Небеска“ и „Вида“, а солистичкиот почеток со музичката дејност е поврзан со синглот „Верувам во себе“ од 2007 година. Колку насловот на песната се претвори во мото на твојата музичка креативност, но и на животот, воопшто?
– Песната „Верувам во себе“ стана многу поголема од тоа што се надевав кога првично ја создававме. Доби една антологиска вредност и многу сум почестена што токму јас сум изведувач и автор на таква песна. Песната е сто процентно лична рефлексија за тоа како се чувствувам јас и во музиката и во животот. И верувам дека успехот на оваа песна е токму поради искреноста во секој тон, и секој збор во неа. Луѓето генерално имаат потреба да се чувствуваат добро во својата кожа, а оваа песна ги потсетува колку се извонредни токму самите тие.
Секоја твоја песна има сопствена симболика. Како го чувствуваш раѓањето на песната во себе?
– Секоја песна што поминала низ мене како медиум е физичка форма на некоја емоција, а мелодиите кои ги слушам ме обземаат на еден посебен и тешко опислив начин. Некои тоа го нарекуваат креативен занос, но јас го доживувам како многу подуховно чувство. Повеќе е како канал од некој извор кој трансмитира музика, а која јас сум благословена да ја чујам. Мислам дека заради тоа не престанувам да се занимавам со музика, бидејќи чувствувам должност да го пренесам тоа што го слушам.
Некои песни се напишани за твоја изведба, а често се јавуваш и како кантавтор, со комплетна подготовка на песната. Што носи поголема креативна возбуда?
– Со екипата музичари почнавме со проби за претстојниот концерт, и неодамна имав едно искуство каде што една од песните од новиот албум конкретно зазвучи за првпат онака како што изворно ја слушам во мојата глава. Тоа ми прави да се чувствувам многу вдахновено. Значи не е пресудно дали јас ја пеам песната или не, туку дали сум ја пренела авторски автентично на она што ме обземало ментално како музичка слика. Тоа е за мене најголемата креативна возбуда. Но, не сите песни што ги слушам се за мене да ги пеам.

Со каква цел, покрај твојата професија како контролор на летање, го избра предизвикот да се занимаваш и со пеење?
– Верувале или не, нема цел, никогаш не ни имало, цел, агенда или таргети толку песни, толку албуми… Додека контролата на летање е повеќе израз на мојот ум, музиката е изразот на мојата душа. И мислам дека не би била личноста што сум денес доколку не се занимавав со музика. Имав обиди во текот на животот да го занемарам тој дел од себе, но секогаш бев присилно вратена на музичкиот пат од некои судбински фактори.
На твоите концертни настапи се осмислени сите детали, а концертите повеќе личат на музички перформанси. Каде ја црпиш енергијата за таквата посветеност?
– Кога почнувам подготовки за концерт сите сегменти од мојата личност се обединуваат за да осмислам перформанс кој ќе им направи на мојата публика да се чувствуваат посебно. Секогаш тргнувам од помислата што би сакала јас да видам, да чујам, да доживеам… и секако, помага и фактот дека не правам компромиси кога станува збор за задржување на автентичноста.
Деновиве објави нова песна создадена во соработка со „Брас брадерс“. Какви се твоите следни музички планови?
– Песната со „Брас брадерс“ (Brass Brothers) насловена „I wanted more“ е веќе дел од сите дигитални музички платформи, и е клупска трака која е дел од нивниот нов албум. Голема чест имам што бев поканета да соработувам не само како вокал, туку и како текстописец, а добив слобода да ја креирам и вокалната линија. Направивме светски производ, како аудио, така и видео, за кој ќе се гордееме долго време.
На 8 јуни, на нивниот концертен настап на стадионот на АРМ во рамките на фестивалот „Скопје се лади“, ќе настапам како нивна гостинка. Во текот на летото можно е да има уште настапи. А до крајот на годината очекувам и реализација на видеозаписи за песните од албумот „Вида“, кои трпеливо чекаат своја промоција.
Возбудлива концертна програма на „Скопски градски фестивал“
Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, со возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на „Баги комуникации“, се реализира во три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај. Фестивалот беше отворен на 7 мај во камерната сала на Филхармонија, каде настапија гитарското дуо „Роџерс и Харисон“ и битолската група „Код 369“.
Дуото „Роџерс и Харисон“ го сочинуваат двајца извонредни музичари, гитаристи со долгогодишно искуство на западно-европските сцени. Харисон, кој доаѓа од Германија, и Роџерс, кој е австриски државјанин со македонско потекло, а на концертот во Скопје ја претставија својата музика, која е фузија на смут-џез, њу ејџ и етно-елементи, ритмички богата и со допадливи мелодиски линии.
Групата „Код 369“ се миленици на домашната и на регионалната публика и медиуми. Нивниот последен албум го издаде хрватската дискографска куќа „Кроација рекордс“. Нивната музичка мисла е на границата меѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи од првата категорија и прифатливоста на втората.
Концертот во рамки на „Скопски градски фестивал“ беше прво претставување во Скопје на албумот „Стадиуми на љубовта“, но и на новиот материјал за вториот албум, во акустична верзија. Како гости на концертот настапија еден од нашите најдобри пијанисти Бобан Мирковски и извонредната вокална солистка Агни Авшар.
Втората фестивалска вечер се одржа на 9 мај во Младинскиот културен центар во Скопје. На програмата беа три концерти и изложба на колажи од Марга Рита. По повеќе од пет години, пред скопската и македонската публика настапи еден од најдобрите македонски и балкански рок-состави, групата „Бла-бла-бла“, предводена од харизматичниот лидер и автор со оригинален музички израз, Идриз Амети.
Истата вечер во Денсинг салата „25 Мај“ на МКЦ концерт одржа и Мухамед Ибрахими, кого го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Мухамед Ибрахими е скромен, но маестрален на сцена. Тој својата гитара (мандолина, саз итн.) ја третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж.
Настапот на средношколскиот бенд „3rd Brigade“, составен од ученици од „American High School“ – Скопје го направи воведот во вечерта, која беше исполнета и со изложба на авангардни колажи од Марга Рита.
Генерален спонзор на петтото издание на „Скопски градски фестивал“ е Комерцијална Банка АД Скопје, покровители се Министерството за култура и „Smart Living“, а медиумски партнери се Радио Бубамара и „Слободен печат“.
(Интервјуто и текстот се објавени во „Културен печат“ број 230, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.5.2024)