
Интервју со Моника Мирчевска, тату артистка: Јас сум единствениот тату мајстор што нема ниту една тетоважа на своето тело
Тетовирањето одамна е тренд, а во последните години сè повеќе оди по нагорна линија кај нас. Не е тајна дека жената со тетоважа е секси, но најчесто исцртувањето на телото е врзано со некој значаен момент или има некоја симболика. Со тату артистката Моника Мирчевска разговараме во интервјуто за „Слободен печат“.
Препорачано
Какви тетоважи најчесто бараат Македонците? Имаат ли чудни барања кога ќе влезат во твоето студио за тетовирање и што ги советуваш?
– Претежно клиентите бараат тетоважи што имаат некакво значење за нив. Секако дека има луѓе што имаат чудни барања и не би можела да откривам повеќе, бидејќи тоа е професионална тајна, но во секој случај, секоја нивна идеја ја дискутираме и ја модифицираме додека не го постигнеме финалниот дизајн.
Што е сега најмодерно и на кои места најчесто бараат да им се направи тетоважа?
– Во моментов тренд е тетовирање ракави (цели раце). Тие тетоважи се комбинација од слики и симболи што компонирани во една целина раскажуваат една приказна.

Колку време се занимаваш со тетовирање и од каде се роди љубовта кон ова?
– Со тетовирање се занимавам веќе 13 години. Првпат се сретнав со оваа идеја благодарение на мојот татко и така некако тргна оваа приказна. Потоа, љубовта кон тетовирањето сè повеќе растеше и беше сè поголем предизвик.
Која е првата тетоважа што ја направи и дали е сè поголем трендот на тетовирање кај нас?
– Првата тетоважа ѝ ја направив на мојата мајка, а тоа е контура на цвет. И дефинитивно една од омилените. А, за трендот, тоа е дискутабилно прашање, затоа што трендот на тетовирање постоел и секогаш ќе постои, но конкретно кај нас е во нагорна линија години наназад.

Кои се најболни делови од телото за тетовирање?
– Најболни места за тетовирање се пределот околу вратот и ребрата, но кај секој човек тоа е индивидуално.
Колку тетоважи имаш на своето тело?
– Можеби ќе ви биде чудно, но јас мислам дека сум единствениот тату мајстор што нема ниту една тетоважа на своето тело. Засега тоа е така, но во иднина не знам какви ќе ми бидат плановите.

Колку време се прави една тетоважа? И колку време е потребно да помине иритацијата или црвенилото?
– Во зависност од големината на тетоважата и деталите што ги содржи, дали е сенка или боја, секоја тетоважа се изработува во различно времетраење. Меѓутоа, доколку станува збор за голема и комплицирана тетоважа, може да се работи и во неколку сесии по неколку часови. Сепак, на местото што се тетовира, кожата се иритира и потребно е да се одмори и да заздрави до следната сесија.
Откако ќе ја завршиме тетоважата, постои период во кој со соодветно третирање и негување со соодветни масти, тетоважата зацелува комплетно во период 15-ина дена, а нормално дека тоа зависи и од типот на кожата.
Кои се стандардите за хигиена во едно студио за тетовирање?
– Кога зборуваме за хигиена, најпрво би спомнала за комплетна дезинфекција на просторот.
Со напредокот на технологијата во моментов работиме со игли за една употреба, како и комплетна промена на опремата за секој нов клиент.

Дали стареењето влијае врз тетоважата?
– Повторно ќе се навратам на тоа дека секој тип кожа има различни карактеристики. Со стареењето, кожата станува не толку еластична што доведува до појавување брчки, кои веројатно би влијаеле врз изгледот на тетоважата.
Сметаш дека жените со тетоважи се секси и според тебе која е идеална тетоважа за жена?
– Секоја жена во себе го носи својот сексапил. Тетоважите се само дополнителен украс на нивното тело, кои ја поттикнуваат нивната самодоверба. Во секој случај, општото мислење е дека тетовираните жени се многу секси.
Сепак, тетоважите се интимна работа и секоја има свое значење за жената што ги носи.

Што правиш кога не тетовираш?
– Слободното време сакам да го поминувам во возење мотор, кафе-муабет со моите пријатели, трчање на кеј, вежбање и нормално професионалната надоградба со посетување курсеви и обуки.
Освен тату, исцртуваш и веѓи, правиш хемиски пилинг на лице и спреј тен. Која е придобивката од ова за една жена?
– Со текот на годините решив да го проширам портфолиото на моето студио со неколку дополнителни услуги какви што се јапонско исцртување веѓи, хемиски пилинг на лице… А, која е придобивката? Искрено, среќното лице на секоја жена.