Интервју со Маја и Ира Бабиќ: Марин до последно слушаше музика во болница и за само неколку дена се „одјави“

Фото: Приватна архива

Маја и Ира Бабиќ имале среќно детство што ќе го паметат по многу нешта. Ја имале таа ретка привилегија да учат вредни нешта од нивниот татко Марин Бабиќ, големиот актер, поет, радио-водител и креатор на шоуто „Глумците пеат“, кое се создавало со мезе и пијалак токму во нивниот дом. Еднаш, актерот Аљоша Вучковиќ готвел шкембе чорба во нивниот дом, а Марин Бабиќ бил толку „мек“ на делење гратиси за „Глумците пеат“ што ги замолил блиските да го заклучат во гардеробата на Универзална сала, за да не подарува гратис билети. Сепак, нашол начин како да го стори тоа, фрлајќи им ги на луѓето низ прозорецот. Ира Бабиќ, експерт по маркетинг комуникации и Маја Бабиќ, експерт за организација на настани и продукција, утревечер ги враќаат „Глумците пеат“, во Националната опера и балет како аманет од татко им. Наследничкоте на Бабиќ за „Слободен печат“, искрено зборуваат за богатиот живот на својот покоен татко кој почина лани, но и за неговите последни денови од животот, кои ги поминал во болница.

Фото: Приватна архива

Кога за првпат ја гледавте манифестацијата „Глумците пеат“, како ја доживувавте како млади во тоа време и бевте ли свесни каков проект покрена вашиот татко?

– Сме ги гледале сите, на сите сме биле присутни. Тоа на почетокот беше уште еден проект на нашиот татко. Веќе бевме навикнати на неговите ангажмани. Не правевме разлика дали е ноќната програма на радио, театарска или филмска улога или ова шоу. Кај нас дома постојано нешто се „тркалаше“. Тој беше многу комуникативен човек, а во тоа време немаше интернет или мобилни телефони. Работите се договараа лично. И тоа беше најчесто дома или во кафеана. Нам не ни беше чудно дома да дојдат негови колеги, со мезе и пијачка да се разговара за идеи и проекти. На почетокот „Глумците пеат“ ни беше забавно, интересно, го гледавме целиот процес, од идеја до финален производ. Подоцна, кога и самите се определивме за слични професии кои имаат многу допирни точки, бевме во можност и да се вклучиме професионално, секоја со своето знаење и експертиза. Тогаш станавме убав тим и секој си ги знаеше своите обврски.

Секако дека на почетокот не сме биле свесни што значат „Глумците пеат“. Тоа сознание го добивме дури откако и ние се вклучивме. Всушност, сфативме дека тој навистина бил неуморен, во потрага по нови проекти, нови возбуди. И многупати бил прв – прва ноќна програма, прво радио шоу за готвење, едно време ноќната програма ја правеше и во живо, поетските вечери „Бебули“, издаде неколку компакт дискови.

Можел многу лесно да се задоволи со играњето во театар, по некој улога на филм или ТВ, но тој секогаш бил многу креативен и доволно храбар да излезе надвор од кутијата.

Каков човек беше Марин во смисла на примање сугестии и идеи од други, колку сте му помагале во организацијата и со идеи и предлози?

– Беше тимски играч, ништо не правеше сам. Дури и „Глумците пеат“ се производ на идеи од повеќе негови колеги. Сите години незаменлива десна рака му беа Таше и Лазе. Се консултираше, разговараше, прашуваше тоа што не го знае. Но, од друга страна, беше строг и принципиелен кога нешто ќе наумеше. А понекогаш беше и со „краток фитил“ па знаеше и да се изнервира, да подвикне и да го брани својот став. Креативните луѓе имаат поинаква патека за остварување на целите. Треба да ги познавате за да ги разберете. Кога навлеговме професионално во шоуто, знаеше да се повлече, да ни препушти нам дел од обврските особено онаму каде што се вклучуваа нови технологии, кои на почетокот и не ги разбираше многу.

Сега, кога за правпат го правиме шоуто без него, сфаќаме колкаво бреме носел сите години, колкава одговорност имал и да бидеме искрени, ни недостасува во овој процес. Жал ни е што ги враќаме „Глумците“ без него, но од друга страна, сигурни сме дека би се гордеел со нас и дека би бил задоволен од резултатот.

Фото: Приватна архива

Каков беше Марин приватно, кои ви се најдрагите сеќавања од детството и кои од неговите особини денес ги препознавате кај себеси?

– Тој беше како јин и јанг. Невообичаен и несекојдневен. Секогаш на раскрсница помеѓу професијата и домашните обврски. Театрален во сѐ. Додека бевме мали, беше грижлив и посветен татко. Најмногу бевме заедно преку летниот распуст, најчесто во кампот „Градиште“. Не се сеќаваме дека нешто ни недостасувало. Беше толерантен, но и принципиелен за некои работи. Потоа, кога пораснавме и почнавме да ги градиме нашите животи, се држеше настрана, никогаш не сакаше да се наметнува и да доминира со своите ставови. Некогаш бевме почесто заедно, понекогаш имавме потреба да си дадеме малку оддишка еден од друг. За нас тој беше само таткото Марин, не и актерот или познатата личност Марин. Бил и авторитет, знаел да биде и строг и голем другар. Сме се карале и за излегување, и за првите симпатии, за доцнење од излегување, за раскревање на собата. Но исто така и многу сме научиле од него за уметноста, за театарот, за музиката, за готвењето, за животот. Најверојатно и двете ја наследивме неговата борбеност, упорност и креативност. Конформизмот не е опција, точно е дека ќе се помачиш да дојдеш до резултатот, но задоволството потоа е поголемо.

Бабиќ беше впечатлив човек, извонреден актер, го опишуваат како голем боем, „другарчина“. Колку е можно еден таков човек толку тивко да замине, каков беше во последните денови од неговиот живот?

– Многупати се потврдило дека најгласните заминуваат тивко. За жал, смртта е реална и не е театар. Корона карантините си го направија своето, му беше како казна неможноста да биде меѓу луѓе, да се дружи, да работи. Иако до последно беше со добро општо здравје, очигледно дека нешто си работело одвнатре. Навистина сме благодарни што неговото заминување не беше физички болно за него, едноставно за само неколку денови тој се „одјави“. Беше мирен и спокоен, слушаше добра музика, имаше одлична нега од персоналот во болницата, ние бевме покрај него. До последно разговаравме за неговите идни планови, сакаше да направи уште еден поетски концерт. Многу го нервираше што е во болница, сакаше што побрзо да си замине од таму за да почне да работи. Беше релативно млад, можеше да тера уште, но ете, животот имал други планови со него. Но, за среќа, зад себе остави доволно за да влезе во друштво со бесмртните. И остави деца и внуци кои ќе го чуваат споменот.

Фото: Приватна архива

Зошто, всушност, престанаа „Глумците“ и во кој момент точно решивте дека треба да се вратат?

– Од оваа перспектива и не сме сигурни за вистинската причина. Постоеше замор кај Марин, сигурно и недостатокот на финансии си одигра улога. Имаше и одредени внатрешни субјективни причини, кои денес веќе не се ни важни. Но, остана желбата еден ден да се вратат. Во повеќе наврати сме ја разговарале таа тема, но за жал, нашите секојдневни професионални обврски некако не ни оставија време и простор посериозно да се зафатиме со враќањето. Често знаеше да каже дека ни ја остава во наследство со аманет да ја вратиме, а ние тоа, особено од како почина, го сфативме како сериозна обврска. Знаевме дека мора да му го исполниме аманетот. Предноста е што и двете сме со слични професии, па полесно ни беше да се охрабриме и да влеземе во оваа авантура. Одлуката ја донесовме многу емотивно, но некако и двете знаевме дека сме на исто. Или сега или никогаш. Знаевме и каде да се обратиме на почеток, му се јавивме на Дејан Пројковски и како да „кликнавме“ сите тројца. Немаме зборови на благодарност за Дејан за целата поддршка што ни ја дава низ целиот процес, како и на сите актери и музичари вклучени во шоуто.

Колку од пробите, договарањата за „Глумците пеат“ се одигрувале кај вас дома, каков организатор беше Марин, што најмногу го нервираше, а што најмногу го радуваше во создавањето на проекти воопшто?

– Првите договарања, состаноци, проби биле или во театар или кај нас дома. Обично февруари ни беше распеан месец. Како се приближуваше 26 март, тој стануваше сѐ понервозен, агендата набиена, постојано беше во некој креативен набој да биде што подобро и поубаво. Најчесто идеите се раѓаа на самите проби, во процесот на создавање. Тогаш тој влегуваше во посебен режим на исхрана, алкохол не пробуваше, сѐ до завршувањето на шоуто. Немаше мобилни, немаше интернет, па сѐнекако беше по лично, во живо, на средби. Неколку години по ред гостуваа и колеги од Србија, а една година дојде актерот Аљоша Вучковиќ. Тој спиеше кај нас дома и половина од времето го помина во кујна, готвејќи вкусни специјалитети, а дегустатори беа учесниците во „Глумците“. Еден ден Аљоша се врати од пазар, купил шкембе, кое реши да го готви кај нас во кујна. Нема да го опишеме мирисот на готвеното шкембе, ама се сеќаваме дека беше многу забавно тие денови. Она што никогаш не се разбравме беше темата гратиси, бидејќи тој не знаеше никому да каже не. Една година се договоривме дека мора да има мерка во делењето на гратиси и тој предложи пред шоуто, да го скриеме и заклучиме во гардеробите горе во Универзална. Така и направивме, го оставивме да се концентрира горе, но по некое време го фативме како преку прозорец им дофрла карти на луѓето кои стоеја пред службениот влез. Засекогаш ќе ни остане во сеќавање изразот на неговото лице по секое завршено шоу. Среќен, задоволен и горд на своите колеги.

Фото: Приватна архива

Шоуто се распродаде за рекордно време, без објавен список на песни и учесници. Можете ли сега, кога ситно броиме да ни откриете повеќе детали?

– Да, на наше изненадување, публиката не ги заборавила „Глумците пеат“ и билетите буквално пламнаа за неколку дена. За волја на вистината, салата е со ограничен капацитет и тоа нам како организатори ни создава дополнителни проблеми. Публиката ни ја даде довербата, а ние, заедно со Дејан Пројковски како режисер и со сите актери и музичари ќе се потрудиме да ја оправдаме таа доверба. Оваа година на сцена ќе се појават околу 40 актери од сите генерации, ќе ги придружува биг бенд составен од 20 врвни музичари под диригентска палка на Љупчо Мирковски. Дополнителни има уште дваесеттина учесници. Значи комплексна продукција на која работат околу 100 луѓе. Енергијата на глумците е одлична, секој го дава својот максимум во обликувањето на својата точка. Ќе биде забавно и многу распеано.

Ќе продолжите ли со традицијата и догодина и во недостаток на вистинска сала за забавни концертни настани, верувате ли дека „Глумците“ еден ден пак ќе се вратат во Универзална?

– Желбата и намерата за продолжување е несомнена, но сепак треба да се знае дека ова е исклучително комплексен и скап проект. Да се надеваме дека ќе успееме да ги составиме сите делови од сложувалката и дека „Глумците“ повторно ќе станат традиција. Универзална сала е местото од каде што сѐ започна и искрено посакуваме да се вратиме таму. Тоа е една болна тема за овој град и сигурни сме дека сите инволвирани страни ќе најдат сила и волја да ни ја вратат. Засега, Скопје е можеби единствениот главен град во светот без ниту една соодветна сала за вакви продукции. Но, наше е да работиме, да создаваме, да бидеме креативни и да и нудиме на публиката интересни продукции. И да ја чуваме традицијата. Останатото е во рацете на политичките елити, кои за жал, не покажуваат ни малку емпатија за ова што се случува.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот