Интервју со историчарката на уметност Соња Абаџиева Димитрова: МСУ беше насочник каде се калеа вкусовите

Соња Абаџиева Димитрова / Фотографија: Лична архива

Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје со пладневно матине на 10 февруари одбележа 60 години од основачкиот акт (11 февруари 1964). Јубилејот на МСУ привлече многубројна публика. Со радост во очите и гордост во срцето, меѓу присутната публика беше и Соња Абаџиева Димитрова, историчар на уметност, кустос и ликовен критичар, а во периодот од 1977 до 1985 година и директор на установата.

Со МСУ неа ја поврзуваат огромен број соработки со странски и домашни уметници, поставени изложби, објавени монографии, ликовни предговори за каталози, есеистички и критички текстови за творештвото на уметниците. Речиси целиот свој живот го посвети на работата во и со МСУ, а некои детали трајно ѝ останале врежани со сеќавањата.

Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје годинава бележи 60 години од основачкиот акт во 1964 година. Имајќи предвид дека одреден период бевте директорка на установата, какво чувство Ви развива јубилејот?

– Речиси сум врсничка на овој јубилеј, за една година е разликата, што ќе рече дека заедно сме растеле и сме се развивале. Таа папочна врвка е толку цврста што не можам да бидам објективна во оценката на реалната валоризација на МСУ, а чувството, тоа е едноставно безрезервна љубов, ако сакате може да го означиме како сентименталност. Секако, мора да постојат елементи на споредби и се разбира, секогаш ми било подобро во „она време“ на раѓањето и на младоста на Музејот.

Соња Абаџиева Димитрова (во средина) меѓу публиката на 10 февруари во МСУ

Самиот музеј е базиран на уметничката колекција на солидарноста, која беше создадена по Скопскиот земјотрес во 1963 година. Од денешен аспект таква уметничка солидарност, речиси, е невозможно да се замисли. Има ли одговор на прашањето зошто толку многу светски уметници донираа свои дела на Скопје?

– Кога влегуваат во игра мегаинституции, како УНЕСКО, ИКОМ, здруженија на уметници од Полска, Хрватска, Италија… и музеи низ светот, се создава мошне позитивен тренд на специфичен вид емпатија, симпатија, солидарност. Како државите да се натпреваруваа во желбата да го воскреснат, да остават свој печат во еден град на умирање. Во тоа време на иницијација на сознанието за енормната и динамична помош на Скопје, не знам како ние неколкумина вработени се справувавме со царина, транспорт, верификација и документација на пристигнатите уметнички дела. Па ете така, многу работевме, многу се радувавме, верувавме и се надевавме. Затоа од првото депо на МСУ, во еден стан кај Зелен пазар, ги пренесувавме уметничките дела на раце, „шетајќи“ до новото сместување во една барака на Собранието на Град Скопје.

Но имавме и голема помош и разбирање од политичарите и претпријатијата. Ќе го споменам денес незамисливиот факт, дека сме изложувале (прво дел од уметничката колекција, а потоа и реномираниот „Мајски салон“ од Париз) во Народното Собрание на Република Македонија. А гигантот „Интеримпекс“ ни ја отстапи просторијата на некогашната ул. „Ѓуро Салај“ – златниот пункт во градот – каде се претставија со самостојни изложби Пабло Пикасо со оригинални графики, Петар Мазев со слики, Јордан Грабул со првите минималистички скулптури. Тогаш тротоарот, но и улицата пред галеријата беа претесни да ги соберат љубопитните граѓани.

Сето ова сакав да го изрецитирам на неодамнешниот 60-годишен јубилеј на МСУ, на кој ме поканија да зборувам, но мене рецитациите не ми одат и така сега ја користам можноста да соопштам некои „интимни моменти“ за МСУ, кои се запаметени, но не се нотирани.

Соња Абаџиева Димитрова во времето кога работеше во МСУ / Архива на Соња Абаџиева

На директорската позиција во МСУ бевте во периодот од 1977 до 1985 година, а го наследивте првиот директор на установата, Борис Петковски. Ако за Петковски предизвици беа основањето на установата и отворањето на објектот на МСУ во 1970 година, со кои предизвици Вие се соочивте во текот на раководењето на установата?

– Овој јубилеј, требаше да биде посветен на основачот на МСУ – професорот Борис Петковски. Јас станав директорка, речиси, на сила, под притисок на политичарите. Тогаш за сѐ имаше голема одговорност и немаше кандидати за директорските позиции. Основната намера ми беше да одржам континуитет во растежот на музејските збирки и тоа функционираше, но не со тој интензитет.

Меѓутоа, со моите колеги контактиравме стотици уметници низ светот, раскажувајќи им ја приказната за нашата институција во чија срцевина беа делата на Пикасо, Вазарели, Сулаж, Масон, Зао Ву Ки… Ги следевме и светските ликовни манифестации, за да бидеме во тек со новите ликовни имиња и практики, и низ контакти со пријатели и директно со уметниците.

За време на мојот мандат, собравме 1165 нови дела, меѓу кои одѕвонуваа имиња како Сол Левит, Георг Базелиц, Бриџит Рајли, Ники де Сент Фал, Виктор Пасмор, Мимо Ротела, Јанис Гаитис, како и големата колекција на јапонски и грчки автори.

Она што би сакала да го нагласам е отпочнувањето издавање монографии, во соработка со НИП „Македонска книга“, на познатите македонски уметници: Димитар Пандилов, Димо Тодоровски, Тома Владимирски, Борко Лазески, Спасе Куновски… и со задолжителни рецензенти на врвни југословенски професионалци.

Дисперзираните активности (тематски едукативни изложби надвор од МСУ) во работни колективи, во училиштата и културните домови во селата беа уште една проширена дејност (на пр. проектот „Кичот и уметноста“ го прикажавме во фабриката „Усје“, училиштата и Домовите на култура во селата Сандево, Илинден…).

Во динамиката на Музејот паралелно и сукцесивно се вклучуваа и презентации од областа на архитектурата, карикатурата, филмот и видеоуметноста. Успеавме со Борис Петковски да ја прекинеме вообичаената практика на претставување на југословенското творештво исклучиво од страна на три ЈУ-републики, преземајќи ја југословенската презентација на Венециското биенале во 1978 година. Тогаш како комесари ги претставивме пред светската јавност и реализациите на Душан Перчинков, Петар Хаџи Бошков и Томо Шијак.

Подготовки на постојаната поставка на колективот на МСУ со Борис Петковски / Архива на Соња Абаџиева

Се сеќавате ли на моментите на отворањето на објектот на МСУ и што во тој период значеше музејот за ликовната уметност во Македонија?

– Од часот кога на инаугурацијата во МСУ се собра цела Македонија и кога се раскрили „белиот лебед“ на Блаже Конески над скопското небо, тој стана еден вид светилиште, почитувано, поттикнувано и посетувано од врвни уметници, професионалци, политичари, културни работници. Секоја странска делегација или личности од странство доаѓаа прво во МСУ, потоа евентуално во манастирите (Тито, кралот Бодуен, Мишел Дифрен, Жак Шабан дел Мас, Пјер Рестани, Рафаел Алберти…). Музејот настојуваше да ги прикаже актуелните автори од светот едновремено со македонските уметници. Стана култно место до кое тешко се достигнуваше, беше елитна институција во секој поглед, парадигма.

Каква е „тежината“ на колекцијата на солидарноста од денешен аспект?

– Десетици автори од колекцијата на МСУ денес се во фокусот на светските списоци на приоритетни автори. Повремено, подоцна и некои, на времето, периферни творци вивнуваа во фокусот на стручњаците, ја менуваа маргиналната позиција во актуелна. Меѓутоа, нашата музејска збирка не е само чедо на солидарноста. Практикувавме и размена на дела со други музеи или галерии, имаше значителни откупи од најмалку две откупни комисии (републичка и градска) и од самиот Музеј, донации и сл., кои ги изложувавме континуирано како „Подарени дела“.

Нашата ликовна уметност, колку беше од по туѓи чекори, толку беше и вградување на индивидуален, идентитетски критички дух во глобалниот говор

Имајќи предвид дека 20 години работевте и како кустос во МСУ, какво е неговото значење во развојот на современата уметност кај нас?

– МСУ беше насочник, според активностите што се одвиваа под неговата „купола“. Тука се калеа вкусовите, насоките, „стилските“ определби, бидејќи еден од капиталните ориентири за нашите автори беа самите збирки од кои се едуцираа и формираните и идните автори. Крајно хетероген конструкт во однос на хронологијата, стиловите, техниките или областите, колекцијата нудеше плејада на можности на обработка, преформулација, настојување да се открие една „тера нова“ на територијата на познатото. Се практикуваа и форми на пастиш, позајмени наративи од авторитетни личности. Тоа подражавање без поставување прашања подоцна се претопи во еден колективен дискурс, вообичаено нарекуван постмодернизам. Нашата ликовна уметност, колку беше од по туѓи чекори, толку беше и вградување на индивидуален, идентитетски критички дух во глобалниот говор.

Ги издвојувам и првите возбудливи постигнувања, декларирани како „артеповера“, со кои како да го подотвориме југословенскиот хоризонт, откривајќи ги волшепствата на природата (прво Симон Шемов, потоа Петре Николоски, Глигор Стефанов).

Во овој период, во отсуство на еден генерален означувач, се одвиваше и будењето на феминистичките ориентации, поттикнувани од официјални и вонинституционални инстанци, од моја и од страна на колешката Сузана Милевска. Вниманието беше особено сосредоточено врз концепцијата на постојаната поставка, модифицирана неколкупати од 1970 година. Суштествен акцент се ставаше и на прикажувањето македонски автори надвор од земјата (Минхен, Торино, Рим, Париз, Брадфорд, Атина, Белград, Загреб…).

Поетите Матеја Матевски и Рафаел Алберти со Соња Абаџиева во МСУ / Архива на Соња Абаџиева

МСУ секогаш бил просторот каде биле изложени новите појави во ликовната уметност. Какви тенденции имаше во времето кога Вие работевте како кустос и куратор, а какви се денес, бидејќи редовно ги посетувате изложбите во МСУ, но и во другите ликовни простори?

– Ликовните говори, како што споменав, беа хетерогени, почнувајќи од лирските и експресионистичките апстракции, енформелот, надреализмот, новата фигурација, до почетоците на првите перформанси и акции во јавен простор, но имаше и провокативни проекти, како, на пример, „Прилог 2“ на Глигор Чемерски (пародија, отворена критика на политиката на МАНУ).

И тогаш и сега ми недостасуваат некои поцврсти столбови, дури сум и сентиментална кон модернистичкото рембоовско „да се искаже неискажливото, да се испита невидливото и да се слушне нечуеното“. И денес сме соочени со некаков шарен екран на визии, визури, младешки дух на љубопитност. Нема да утврдувам трендови и стилови, ќе споменам одредени рефлексии на повреденото човеково достоинство, темни а-ла Јанис Кунелис интерпретации, полоковски раздразнувачки динамизми, бејконовска ранетост на психата, весела ворхоловска пародија, реинтерпретации на Тони Смит, нагласени „афро“ фигурации, денес особено актуелни во САД, експериментирање со новите технологии и Вештачката интелигенција (ВИ).

Но едновремено на перформансите, амбиенталните, мултидисциплинарните, трансмедијалните акции или на „site specific“ проектите, егзистираа и кадифените анахрони интерпретации на историјата на визуелните уметности.

Со каква цел своевремено со инициравте и основавте списанието „Големото стакло“?

– Малку е ако кажам дека се гордеам со оваа иницијатива и долгогодишна реализација на првото и единствено списание за современата уметност во Македонија, иницирано во 1995 година. Снимајќи ја ситуацијата во однос на маргиналното бележење на ликовните случувања, заклучивме дека е навистина некоректно да се игнорира значајниот придонес на нашата ликовна уметност.

„Големото стакло“ сакаше да биде своевидно чедо – рефлексија на Марсел Дишановата космичка означеност. Идејата беше да се опфати широчината на нашиот ликовен потенцијал, да се посочи на диференцијацијата на изразите, често споредувани со остварувањата на големите случки во светот преку интервјуата со врвни автори, како Јајои Кусама, Тони Крег, интерпретаторите на движењето „Флуксус“…

Мислам дека наеднаш се отвори дотогаш најголемата широчина на нашиот кунстисторичарски и критички капацитет. Им беа дадени нови можности на творците и на сите критичари од сите генерации. Кога сме веќе кај ликовните уметници, не можам да го премолчам мојот револт кон Министерството за култура (без разлика на раководниот министер), кое по правило, со години, доделува не само скромни средства за културното творештво воопшто, туку драстично и недозволиво ги потценува визуелните уметници, заобиколувајќи ги нивните лични материјални инвестиции во уметничката продукција, без да бидат достоинствено наградувани.

Во таква инфериорна позиција се и денес нашите „ликовњаци“. Како советник на еден министер за култура и членка на неколку комисии во Министерството за култура, залудни беа моите заложби да се смени оваа практика. Ете и затоа го создадовме „Големото стакло“: како потреба и како протест.

Насловна страница на најновиот број на списанието „Големото стакло“, промовиран на 10 февруари 2024 година

Објавивте повеќе монографии за значајни автори, публикации и книги. Работевте и како ликовен критичар. Колку е важно стручната ликовна критика да биде присутна во медиумите и зошто?

– Да, имав среќа да објавам десетина монографии, неколку книги и да напишам повеќе предговори, критики и рецензии. Тоа ни е должност и творештвото од нас тоа го очекува. Денес, речиси, не постои професијата критичар, иако Македонија е членка на Светското здружение на ликовните критичари АИКА. Како компензација за овој недостаток треба да го прифатиме „Културен печат“ и да му благодариме за упорноста и драгоценоста.

Кои се проектите или процесите за кои лично Ви е драго што сте ги оствариле?

– Тоа се токму моите константни залагања за растеж на збирките, монографиите и изложбите на македонската уметност во државата и надвор од неа, и особено организирањата на Венециското биенале (1978, 1993, 2005), како и списанието „Големото стакло“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 219, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот