Фотографија: Влахо Бранѓолица

Интервју со есеистот, уредник и издавач, Гоце Дртковски: Културата сама по себе е елитна категорија

Издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“ на 14 март во „Јавна соба“ ќе промовира четири нови изданија создадени со тематски наслов „Љубов за време на корона“, а со издавачот Гоце Дртковски разговаравме и за неговата книга „Непријатност во културата“.

Есеистот, уредник и издавач Гоце Дртковски е докажан промислувач на македонскиот културен контекст и актуелните општествени процеси, не само во културата. Низата со своите книги „Затворено општество“, „Слободен новинар“ и „Вонредна состојба“, кон крајот на 2022 година ја дополни со „Непријатност во културата“, во која ги анализира предизвиците за уметничко дејствување и опстојување во актуелната сегашност.

Истовремено, тој е основач и уредник на издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“. Како издавач Гоце Дртковски најави книжевна промоција на која ќе бидат претставени три книги за нашата богата традиција и една книга за бедата на културната сегашност.

Издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“ на 14 март ќе промовира четири изданија. Промоцијата ќе се одржи со тематски наслов „Љубов за време на корона“. Со колку љубов се подготвувани изданијата?

– Кризата ги мобилизира сите сетила. Стравот и ограничувањaта во времето на пандемијата нè протераа во емотивни засолништа. Како наше засолниште ја одбравме љубовта и создадовме моќни дела. Покрај вода, воздух, земја и оган, за живот неопходен е и петтиот елемент – љубовта. За петтиот елемент зборува Аристотел, го има кај Шекспир, а денес е популарен по култниот филм на Лук Бесон – „Петтиот елемент“. Најшироко сфатена, љубовта е комуникација. Книжевното или уметничко дело има смисла да постои само тогаш кога воспоставува врска со публиката. Некогаш делото е стерилно, банално, навредливо за човечките сетила.

Дали љубовта е доволна како елемент финансиски и материјално да се поткрепи издавањето на книгите?

– На легален пазар, веројатно, би можело полесно да се егзистира со продукција на вредни изданија, колку и да е мал македонскиот пазар. Во институциите доминира некомпетентноста, дотациите се пристрасни во рамките на клановите. Ако сакате во такви услови, на нелојален пазар, без поддршка на институциите, да создавате книги што имаат вредност за секоја национална култура, тоа е дрскост која скапо се плаќа. Издавачите чии книги не се сведени на евтина трговска стока и не кокетираат со баналните критериуми на институциите за да се доберат до лесни јавни пари, мора да понудат нестандардно висок квалитет за да опстанат на пазарот.

Меѓу насловите што ќе бидат промовирани е и Вашата книга со есеи „Непријатност во културата“. Кога се создадени есеите и со какво чувство ја објавивте книгата?

– Пишувањето на оваа книга беше процес на артикулација на крикот. Кога болката многу боли, тогаш првата инстинктивна реакција е крикот. Но крикот не го објаснува потеклото на болката, ниту воспоставува некаква мисловна или емотивна врска со останатите и осаменоста уште повеќе расте. Таа болка долго тлее во нас пред да се освести. Живееме во тажно време кога не постои грев, нема скандал, нема утеха, нема катарза.

Прво се обидуваа да го покријат скандалот. Потоа сакаа да нѐ уверат дека тоа не било скандал. Сега веќе сме дотаму заминати што немаме ни скандал. Скандалот е отклонување од моралната вертикала и тој се покажува во однос на отстапувањето од заеднички прифатените морални вредности. Во нашата културна шизофренија нема заеднички прифатени морални вредности. Оваа книга трага по заеднички идеали што ќе нѐ обединат, го довикува јазикот на слободата што му претходи на почетокот на дебатата.

Во книгата „Непријатност во културата“ се поместени текстови на угледната професорка Анета Серафимова и писателот со меѓународно реноме Гоце Смилевски. Тие се докажани во своите области. Во ваква политичка и културна атмосфера, моралната ситуација бара оние што поседуваат моќ, влијание, храбро, јавно да ги проблематизираат воспоставените односи. Тие се присутни тука заедно со својот морален и интелектуален интегритет.

„Непријатност во културата“ – Пишувањето на оваа книга беше процес на артикулација на крикот

Кому му се обраќаат есеите објавени во книгата, имајќи предвид дека нејзината промоција ја најавувате како „Една книга за бедата на културната сегашност“?

– На оние што се залагаат за подигање на националното културно ниво преку градење критериуми, кои бараат компетентност на луѓето во институциите и намалување на нивото на корупција. Содржините можат да бидат интересни и за оние што имаат создадено граѓанска свест и совест, и се залагаат за афирмација на индивидуалноста, како предуслов за создавање морално општество. Моралот не се поврзува со групата, туку секогаш е поврзан со индивидуата. Онаму каде што нема индивидуалност, нема ни индивидуален избор, индивидуална одлука, нема индивидуална вина, нема индивидуална одговорност, нема индивидуална свест. Индивидуалната слобода, темелот на граѓанското општество, сè уште не е идеал во времето во кое живееме. Есеите се обраќаат на оние што ја освоиле слободата, како и на генерациите што доаѓаат. Тие се иднината на културната сцена, секогаш и секаде, и важно е ним да им се понуди поинакво мислење кое не се совпаѓа со она што во културата кај нас е прифатено како „нормално“.

Индивидуалната слобода, темелот на граѓанското општество, сè уште не е идеал во времето во кое живееме / Фотографија: Дане Давков

Меѓу изданијата што ќе бидат промовирани на 14 март има и книга за Итар Пејо. Што содржи книгата и со каква цел се навраќате на овој митски јунак?

– Традицијата нè поврзува со предците и со потомците, нè обединува, нè прави поинакви од другите. Три книги за нашата богата традиција се во таа група на изданија создадени со „љубов за време на корона“. Тука се отвора прашањето каков е нашиот однос кон културната традиција. Во моментот се актуелни темите поврзани со нашиот национален и државен идентитет. Но, не се отвори прашањето што правиме, или што сме направиле ние за себе. Дали требаше да чекаме, речиси, осумдесет години да се роди издание што со својата убавина ќе го слави нашето културно наследство за деца. Култот кон сопствената култура се создава од најмали нозе. Во книгата за Итар Пејо се застапени седум собирачи на народни приказни во период од еден век, почнувајќи со Марко Цепенков. Ништо не е случајно. Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор го обедини овој материјал. Смиле Цветановски креираше извонредни илустрации, кои беа резултат на претходно истражување на материјалната и духовната култура во времето кога постои Итар Пејо. Елена Саздовска како јазичен консултант го прифати предизвикот да ги скроти различните јазични нарации создадени во толку долг период, во народен јазик разбирлив за новите генерации, и да создаде богат речник на помалку познати зборови, објавен на крајот од книгата. Малку е да се каже дека скромното издание за Итар Пејо што денес е стандард во училиштата има сериозни: содржински, јазични, естетски недостатоци. Наместо радост, на децата им се нуди лектирно насилство.

Гордана Јанакиевска на националната телевизија праша: Зошто сѐ уште не сме ги објавиле патописите на Евлија Челебија – 17 век, во делот што се однесува на местата што ги посетил во Македонија? Одговорот лежи во песната „Народе македонски“ каде што се вели – „страм голем је за тебе, сам да се не знајеш“.

Што лежи во коренот на Вашето незадоволство од состојбите во културата – системот, луѓето, вредностите?

– Еден систем се дефинира според односите што владеат во општеството, а не според луѓето. Затоа во овие есеи не се споменуваат имињата на луѓе што ја провинцијализираа македонската култура. Тие може да се препознаат според описот, но во есеите остануваат како анонимуси. Најчесто таквите луѓе се дел од човечкото и професионално сивило и тие го компензираат тоа со алчност за власт, за пари, за моќ. Колку е поголема моќта, толку се поголеми последиците од одлуките на тие што поседуваат влијание, особено во земји каде што не постојат демократски правила на игра. Последиците што произлегуваат од некомпетентната и корумпирана бирократија и партитократија, поврзана во кланови, се изворот, не само на моето, туку на нашето незадоволство.

Што треба да се подразбира под вредности во културата?

– Ова прашање се однесува на критериумите во културата и како тие да се подигнат на повисоко ниво. Надвор од културната паланка, точно се знае кој е музичар, а кој музикант. Овде до тој степен се релативизирани вредностите во културата што секој скрибоман има простор да претендира дека е уметник. Илјадници „писатели“ бараат финансиска поддршка за своите дела. Чудно е само тоа како досега не сме станале земја на нобеловци, особено од областа на литературата.

Во издаваштвото има автори што пишуваат поезија, проза, пишуваат од областите на социологија, право, медицина, филологија, културно наследство и многу други области, а само една комисија за илјадници наслови. Комисијата е тричлена, во која еден член ги застапува интересите на етничките Албанци. Дури и во Европската Унија, каде што корупцијата и клановската поврзаност е неспоредливо пониска во споредба со Македонија, има повеќе комисии, се ангажираат луѓе компетентни во различни области, или проектите по случаен избор доаѓаат кај некој да ги рецензира за да не се влијае врз крајната одлука. Тука нема место да се полемизира околу компетентноста. Кај нас, неа ја нема. Дали вака се стимулираат вредности во културата или се глорифицира снаодливоста? Дури и во социјализмот постоеја инстанции преку кои се стимулираше творештвото: школи, универзитети, месни заедници, фабрики. Сега кај нас се важи само, и исклучиво, ако авторот, односно делото, со двајца сведоци, инстант се прогласи за национален интерес во културата.

Кои се „слабите алки“ во културата кај нас?

– Би почнал со силните алки во нашата култура. Тоа се талентираните, посветени уметници, кои и без поддршка од државата би биле етаблирани во културата. Културата сама по себе е елитна категорија. Со ист аршин за сите, културните вредности се релативизираат до вулгарност. Егалитарноста овде постои за некадарните – за тие кои наместо вредности, го нудат своето медиокритетство, умножено во безброј парчиња.

Француската револуција го донесе слоганот „слобода, еднаквост, братство“. Политичката филозофија укажува на конфликтот меѓу еднаквоста и слободата. Егалитарноста е идеал во социјалистичките држави, додека слободата е идеал на западната демократска кауза. Каде сме ние тука? Дали овде доминира слободата или егалитарноста? Заскитани сме како во норвешка шума.

Егалитарноста овде ја етаблираа медиокритетите. Тие можат да просперираат само ако нивните евтини производи се мултиплицираат на списокот на дотирани дела. Тие никогаш нема да дознаат како е самиот да финансираш дело на кое работат четириесет автори, четири години. За тоа време, тие ќе објават 40 наслови на книги на државен трошок. Македонија живее во лага на адреса – Потемкиново село. Етиката и естетиката, како никогаш порано, станаа инфериорни во однос на неморалниот начин на стекнување статус во културата. Ако критериумите во културата продолжат да паѓаат, еден ден ќе мора да се организираме во цивилни одреди на естетска полиција.

Какво решение би било изводливо во наши услови?

– Првиот чекор е да се процени реалната состојба во културата. Дури кога ќе се соочиме со вистината, можат да се случат промени. Еразмо Ротердамски вели: „Да им ја тргнеме заблудата – значи да им ја расипеме претставата“. Кој би сакал да се откаже од една комотна позиција на клановско владеење, без последици? Во провинцијата, вредностите во културата се лабави, апсурдни, апстрактни. Затоа корупцијата тешко се препознава.

Културата не е сместена под стаклено ѕвоно. Тука се рефлектираат и сите останати односи присутни во општеството. Демократски избори е првиот и неопходен чекор за создавање граѓанско општество. Доаѓањето на власт преку револуционерни, радикални стратегии, не може да донесе промени на подобро. Наместо напредокот да го носат најдобрите, најстручните, стагнацијата им е доверена на подобните, заслужните команданти. Поединци добиваат неконтролирана моќ, затоа што се дел од кланови и постојат удобно сместени над законот. Тие генерираат толкава моќ што им дозволува, во предвидливи граници, да господарат со туѓи судбини.

Доминик Мојси вели: „Надежта ни дава самодоверба, понижувањето е немоќ, емоција која пред сѐ е последица на тоа што немате контрола над својот живот“. Понижувањето без надеж создава чувство дека ни е ускратена сегашноста, а уште повеќе иднината. Кога луѓето се соочуваат со ваква состојба, власта не може да го предвиди, да го контролира нивното однесување. Младите на кои им е ускратена сегашноста, не излегоа на барикади, туку заминуваат од Македонија за да најдат иднина.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 170, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот