Елена Ристеска
Елена Ристеска / Фото: Приватна архива

Интервју со Елена Ристеска: Не се омажив тајно, но благодарам за добрата идеја

Поп-ѕвездата Елена Ристеска, без оглед дали пласира нова музика или на нејзините настапи публиката ги пее старите хитови, е секогаш актуелна во јавноста. Ако не е музиката, тогаш е нејзината козметичка линија, ако не е бизнисот, тогаш е приватниот живот.

Минатата година прослави 20 години музичка кариера, а како вчера да беше кога „девојчето со чорапчињата“ во Универзална сала ја испеа „Она другото“. Прва во нејзиниот живот денес е внуката Делфина, и вели дека моментот кога и таа ќе стане мајка е во Божји раце.

Елена е искрен и интересен соговорник за секоја тема. Сепак, дипломатски одговара на она што за неа се зборува – дека тајно се омажила, а интересен одговор дава и на прашањето: дали има партнер и дали е вљубена?

Пред крајот на минатата година, изненади со песна на англиски јазик – зошто се реши токму за песна на англиски и ќе снимиш ли наскоро нешто ново и на македонски?

– Песната „Тешко е да се сака“ или „Hard To Be In Love“ е снимена во периодот на пандемијата и не одлучив јас да се пушти баш тогаш пред крајот на годината, туку одлуката беше на тимот од Италија, авторите Франческо Спарачело и Алесандро Ло Нигро, со кои соработував за оваа нумера заедно со нашиот прекрасен продуцент и автор Лазар Цветкоски. Нивен беше планот за официјално пуштање на песната на глобално ниво. Иако не беше планирана за македонскиот пазар, сепак одлучив да ја пуштиме и кај нас, затоа што овде е мојата публика и моите фанови за кои творам. Тоа што е на англиски јазик, не е проблем доколку им се допадне да ја слушаат. Музиката не познава граници, а јас сум многу среќна кога соработувам со музичари што доаѓаат од надвор од нашата земја. Веќе работам на неколку песни на македонски јазик, но што ќе објавам сѐ уште не знам.

Без оглед што не снимаш интензивно нова музика, сега ги собираш плодовите од досегашната работа, имаше повеќе настапи изминатиов период. Имаш ли трема кога долго ќе направиш пауза од сцената, се плашиш ли дека настапот нема да помине како што си го замислила?

– Дефинитивно. Тремата се интензивира кога постои нецелосна сигурност во мене на сцената. А таа несигурност е резултат на подолга пауза од две или три години, каде што се губи она убаво чувство кога сте на сцената и доаѓа несигурноста. Но, по неколку настапи лесно се враќа во форма оној што е искусен и пее 20 години на сцената. Кога се работи за нова музика, јас имам доволно хитови од само неколку издадени албуми за да наполнам тричасовен концерт, така што не е потребен секогаш актуелен хит за да направиш убав концерт или да се вратиш на сцената со настапи. Повеќето балкански ѕвезди немаат нови песни последните 10-15 години, па сѐ уште полнат концертни сали.

Фото: Приватна архива

Во едно видео интервју, за тебе изјавија дека тајно си се омажила, а постојат и такви чаршиски муабети. Има ли вистина во ова?

– Не сум го гледала тоа видео интервју, така што не знам за што станува збор. За што и да станува збор, ако тајно се омажив, ќе ми видевте веројатно некој прстен на рака. Благодарам за добрата идеја, она што е убаво велат подобро да го чуваш од завидливите.

Твојот приватен живот секогаш буди интерес во јавноста. Дали имаш партнер, дали си емотивно среќна и исполнета?

– Јас сум среќна и емотивно исполнета, а за тоа не е секогаш потребен партнер. Тоа е нешто што е врзано со моето внатрешно чувство и нема врска со надворешни фактори.

Фото: Приватна архива

Посветено се грижиш за својата внука Делфина, која е во првите редови на твоите концерти, посакуваш ли во скоро време и ти да станеш мајка, и општо – можат ли да се планираат таквите нешта?

– Таа работа не е конкретен проект или настан што можеш да го испланираш. Тоа е до Бога, тој е толку семоќен и дарежлив што верувам дека има најдобар план за секого од нас. Најважно е дека во секој момент е покрај мене и е мојата најголема заштита.

На негативните коментари упатени на твоја сметка не одговараш. Кои најмногу те заболеле и како лично се справуваш со нив?

– Не може да ме погоди нешто што е напишано или кажано за некој друг. Таа некоја Елена за која се коментираат невистини, не сум јас. Така и се справувам со вакви ситуации. Игнорантно. Им препишувам на малограѓанштина. И на крајот, една вистина е најважна, а тоа е гревот е на оној што кажува невистини за некој што не го познава. Би ме болело единствено ако тоа што се кажува за мене е вистина. Единствено вистината боли. Лагите дури и ме насмевнуваат. Тоа зборува за нив, не за мене, какви се тие, а не јас. Сите тргнуваме од себе кога ги коментираме другите. Затоа, сѐ уште наивно верувам дека сите луѓе се во основа добри или барем дека имаат потенцијал да бидат добри.

Елена и внуката Делфина / Фото: Приватна архива

Каква си кога си лута, влегуваш ли често во конфликт?

– Порано повеќе влегував во конфликти, сакав да ги исправувам сите неправди. Сега сум поинаква, сега веќе не ја трошам енергијата залудно. Сега прифаќам и дозволувам сите да се во право, а јас да сум среќна.

Колку во состојба на општа криза може да се живее од твојот нов бизнис – козметичката линија?

– Среќа што ја започнав приказната со козметиката во време на корона, јули 2020-та, бидејќи тој период музиката и музичките настани застанаа, а онлајн продажбата тргна во нагорна линија. Така и козметиката, почна во најлоши услови, но тргна одлично и повеќе од очекуваното. А дали се живее од козметика, ќе ви кажам за неколку години, бидејќи сѐ уште реинвестирам сама за да го издигнам релативно новиот бренд што го основав. ЕРА козметика допрва ќе биде успешна приказна како мојата музичка кариера. Во музиката создавам 20 години, а во козметиката речиси 3 години.

Фото: Приватна архива

Има ли нешта за кои жалиш што не ти се случиле, на приватен и на музички (деловен) план, и уште сонуваш дека еден ден ќе се случат?

– Жалам само што немам повеќе албуми и концерти во изминативе 20 години, а за иднината имам многу неостварени соништа. Допрва ќе ги остварам, досега речиси сите желби ми се оствариле, затоа што сум фокусирана на себе и својата работа, не се занимавам со туѓите приказни и кариери.

На приватен план да се вратам назад во минатото не би губела толку време со погрешни пријателства и партнерства. Бидејќи не сум си ја слушала интуицијата затоа сум им дала шанса на некои луѓе да влезат во мојот живот. Од друга страна, да не биле тие искуства, немаше да си го намалам кругот на неколку најблиски луѓе што вредат. Преферирам квалитет, а не квантитет.

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Искрено со Викторија Јаначковиќ: Родив ќерка, но не се мажам, таткото не е од овие простори

Интервју со Ребека: Маркијан е хиперактивен и не ми дава око да затворам, не прави речиси ништо сам

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот