Интервју со амбасадорот и писател Милан Јазбец: Инспиративни вибрации го проникнуваат македонското општество

Милан Јазбец убаво се чувствува во Скопје

Словенечкиот дипломат, амбасадор и писател Милан Јазбец е чест гостин кај нас, а откако заврши неговиот амбасадорски мандат силно се посвети на пишување и објавување книги поврзани со македонското поднебје.

Врвот на својата дипломатска кариера амбасадорот Милан Јазбец го доживеал за време на својот мандат во Македонија, каде е чест гостин и со професионална и со приватна, пријателска агенда.

Амбасадоре, пред четири години заврши вашиот мандат во нашата држава. Што е тоа што повторно Ве донесе кај нас?

– Да, годините летаат многу брзо. Ова е стара мудрост, но секој од нас ја доживува на свој начин. Во јули годинава ќе поминат точно четири години откако го завршив мојот македонски амбасадорски мандат. Тој траеше четири години, од септември 2016 до август 2020 година, и исто толку време веќе сум во Љубљана, во Министерството за европски и надворешни работи.

Мојата поврзаност со Македонија потекнува од моето најрано детство, од оној ужасен 26 јули во 1963 година, кога слушајќи ги дневните вести на Радио Љубљана, дознавме за тој страшен земјотрес. На крајот на третото одделение во основното училиште како најдобар ученик ми беше подарена книга од македонскиот писател Мето Јовановски, а неполни петнаесет години подоцна дојдов во Штип, каде што го отслужив воениот рок. Значи, целото тоа наследство го понесов со себе кога дојдов кај вас како шести словенечки амбасадор. Тоа, како и грст пријатели, редовно ме носи тука, во мојата омилена средина, каде убаво се чувствувам и добро си поминувам.

Некаде прочитав дека Вие, цитирам, сте родени во свет на книгите. Што значи тоа?

– Тоа и самиот го сфаќам дури во последниве неколку години. Мојот дедо Албин, кој од 1912 до 1920 работел во Америка, како физички работник во длабоките шуми во околината на Чикаго, каде работел во железницата, бил единствениот во целиот регион што се претплатил на дневните весници и на книги што ги објавувала тогашната издавачка куќа „Прешернова дружба“. Како обичен, но очигледно љубопитен човек што трагал по нови знаења, тој бил некој вид самоук селски интелектуалец.

Токму поради тоа, откако знам за себе, секогаш сум бил опкружен со книги, живеејќи буквално меѓу нив. Убеден сум дека таквата околина ме обележала и детерминирала за целиот живот. Значи, не можам доволно на својот дедо, на кого се сеќавам многу нејасно, да му ја изразам мојата вечна благодарност за целиот тој поттик. А го прифатив од срце, од него земам инспирација и буквално го доживувам како моја радосна обврска.

За време на Вашиот мандат кај нас, бројот на Вашите книги нагло се зголеми, речиси експоненцијално, на речиси 80 наслови. Која беше причината за оваа инспирација?

– Навистина така се случи! Минатиот декември стигнав до 80 објавени книги, а тука голем удел имаат моите македонски години. Кога дојдов во Република Македонија, имав објавени 37 книги на седум јазици, а кога го завршив мандатот во Република Северна Македонија (Словенија секогаш ја признаваше Македонија под нејзиното уставно име), имав 65 книги на 16 јазици.

Ова е првенствено одраз на големите инспиративни вибрации што го проникнуваат македонското општество и кои мора да се препознаат, како и на моите активности, а потоа и на одличната соработка што беше создадена со голем број македонски издавачи, особено „Матица македонска“ и „Магор“.

Накратко, можам да кажам дека исклучително богатата и колоритна македонска културна и јазична атмосфера е проткаена со некоја прекрасна магија. Многу ми е драго што бев дел од сето тоа на врвот на мојата дипломатска кариера.

Меѓу поновите наслови е сместен и таканаречениот „македонски циклус“. За што поточно станува збор?

– Мојот македонски литературен циклус е логично продолжение на сето тоа. Десет мои книги беа објавени на македонски јазик, четири на албански и три на турски, како и преводи на ромски, влашки, српски и на босански јазик. Еден дел од нив е поезијата, на пример, збирките „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ и трилогијата „Песни од самоизолација“, потоа романот за дипломатијата „Виножито зад душата“ и книгата „Мартин Крпан – дипломат и војсководец“.

Има и новинарски циклус, во кој е објавена книгата со 20 собрани интервјуа што ги имав за Македонското радио – Радио Скопје, што ја реализираше реномираниот радионовинар Свето Стаменов. Уникатната книга, која привлече големо внимание, излезе од печат под наслов „Скопски разговори“.

Насловна корица на книгата „Скопски разговори“

На кои книги и со какви тематики работите во овој период?

– Во македонскиот циклус, кој го интензивирав по завршувањето на мандатот, заедно со мојот пријател и колега Свето Стаменов го подготвуваме второто проширено издание на „Скопски разговори“, но го подготвувам и вториот и третиот дел од антологијата за него, како бард на македонското новинарство. Кон крајот на оваа година ќе биде објавена мојата книга „Македонски писанија“, во која ќе се појават мои македонски есеи и други текстови, бидејќи веќе многу се насобраа. Но, пред сѐ, морам да истакнам дека како уредник подготвувам три книги за покојната легенда на македонското радиоспикерство и новинарка Искра Чоловиќ, која почина минатиот декември. Тоа ќе биде мојот придонес за историјата на македонското новинарство.

Инаку, почнав да работам на две големи монографски серии за дипломатијата. Едната е на словенечки јазик, во која ќе зборувам за потеклото, развојот и функционирањето на словенечката дипломатија, а неодамна беше објавена првата книга од моите избрани дела на оваа тема. А втората е серија монографии на избрани теми од дипломатијата, која ќе биде објавена на англиски јазик. Со ова создавам единствен мегадипломатски циклус. Веќе почнав да пишувам и да објавувам кратки раскази за дипломатијата, а неодамна излезе првата книга.

Кои се Вашите професионални планови во блиска иднина?

– Моите планови се прилично едноставни, ако може така да се каже. Работам во аналитичката служба во Министерството и моето искуство можам да го искористам во изработката на анализи, додека попладне се посветувам на мојата книжевна, академска и публицистичка работа.

Како професор по дипломатија, ја продолжувам мојата педагошка работа и одржувам блиски врски со Меѓународниот балкански универзитет и Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, каде што сум визитинг професор. Покрај ова, пишувам книги, каде што амбицијата ми е за две години, кога ќе наполнам седумдесет, да достигнам бројка од 100 објавени книги. Темпото досега е многу добро.

Накратко, би кажал дека целиот живот го работам она што сакав да го правам: пишувам, размислувам и читам. Тоа сакам да остане зад мене за идните генерации. И сето тоа се манифестира во мојата животна филозофија, во која сè поважно место заземаат етичките и естетските аспекти на судбината на хомо сапиенсот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 232, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-26.5.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот