Интервју со амбасадорот Дејвид Гир: Уметноста треба да биде насекаде околу нас

Третиот роденден на „Јуроп хаус Скопје“ во текот на ноември се одбележува со низа културни настани во кои се вклучени млади луѓе, а за суштината и тематиката на активностите разговаравме со амбасадорот Дејвид Гир.

Амбасадорот Дејвид Гир (David Geer) веќе две години е шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Тоа е сосема доволно време да се запознае со земјата, но неговите интереси не се задржуваат само на политичката функција, туку често е присутен и на културните случувања, а очигледно е дека го интересираат и современата уметност и културното наследство. Со тој фокус поминува и прославата на третиот роденден на „Јуроп хаус Скопје“.

Во текот на ноември, „Јуроп хаус Скопје“ го слави својот трет роденден со низа настани. Која беше мисијата при формирањето на „Јуроп хаус Скопје“?

– Да, во право сте, на 4 ноември оваа година го одбележавме третиот роденден на „Јуроп хаус Скопје“. На истиот датум во 2019 година, „Јуроп хаус Скопје“ беше свечено отворена како „место на новата генерација“. Тогаш, поранешниот претседател на Европскиот парламент, покојниот Дaвид Сасоли симболично им ги предаде клучевите од „Јуроп хаус“ на младите од Северна Македонија. Оттогаш „Јуроп хаус“ во суштина функционира како еден вид младински центар, ангажирајќи ги младите во различни видови активности поврзани со образованието, иновациите, културата, вмрежувањето, дебатата, истовремено промовирајќи ја ЕУ и нејзините вредности и принципи.

Идејата зад концептот потекна за време на мандатот на мојот претходник, амбасадорот Самуел Жбогар, а дојде како резултат на многубројните контакти што тој и колегите од Делегацијата на ЕУ ги имаа со младите, на пример, за време на посетите во средните училишта. Пораките што вообичаено ги пренесуваа младите во тоа време беа дека немаат можност да се слушне нивниот глас, да го развијат и изразат својот талент, да ги прошират своите хоризонти со учење нови работи и запознавање други врсници. Многумина од нив рекоа дека тоа е една од главните причини поради кои решиле да ја напуштат оваа земја.

Така, „Јуроп хаус“ беше дизајнирана да им помогне на младите да ги исполнат своите аспирации овде, дома. Во исто време, „Јуроп хаус“ ќе обезбеди прозорец кон Европската Унија. Тоа ќе им овозможи на младите луѓе да бидат дел од поширок разговор, да научат за случувањата во ЕУ, да се сретнат и да разговараат за горливи теми, вклучувајќи ги вредностите на ЕУ и современите предизвици од климатските промени до еднаквост, од образование до идентитет.

Средбата со амбасадорот Дејвид Гир ја остваривме во фантастично дизајнираниот простор на „Јуроп хаус Скопје“ / Фотографија: Татјана Ранташа

Која е суштинската разлика со претходниот формат на информативниот центар на Европската Унија?

– Постојат голем број разлики. Информативните активности и настани на ЕУ поврзани со визибилноста и промоцијата на проектите финансирани од ЕУ, кои беа во сржта на функционирањето на претходниот Инфо-центар на ЕУ сè уште се одржуваат во „Јуроп хаус“. Сепак, тие се многу повеќе фокусирани на нашата клучна целна публика – младите луѓе.

Нашиот тим на „Јуроп хаус“ не само што организира настани ориентирани кон младите, туку ги поканува и им помага на младите да дојдат со свои иницијативи, кои потоа „Јуроп хаус“ помага да се реализираат, така што ова е навистина двонасочна активност. Така, младите повеќе не се само приматели на информации за ЕУ, туку сега можат активно да се вклучат во дискусиите за нашата заедничка европска иднина, да ја обликуваат агендата, да донесат свои перспективи за прашања од значење за нив и за многу млади Европејци.

Второ, има голем фокус на културата, во сите нејзини облици. На пример, со помош на „Јуроп хаус“ и во партнерство со Галеријата „Акантус“, организиравме неколку изложби во резиденцијата на ЕУ на кои промовиравме истакнати и нови уметници од Северна Македонија. На почетокот на оваа година, по повод Денот на Европа, „Јуроп хаус“ организираше концерт на отворено на прекрасниот меѓународно признат композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев и други уметници во Градскиот парк во Скопје. И списокот продолжува: од концерти на училишни бендови, преку филмски проекции до изложби на фотографии и графики во еден од главните трговски центри во Скопје.

Младите повеќе не се само приматели на информации за ЕУ, туку сега можат активно да се вклучат во дискусиите за нашата заедничка европска иднина / Фотографија: Татјана Ранташа

Покрај Скопје, веќе има „Јуроп хаус“ и во Струмица и во Крива Паланка. Кој е планот за натамошно проширување на мрежата на „Јуроп хаус“ низ Северна Македонија?

– Целта на постоењето на регионални канцеларии на „Јуроп хаус“ е да се прошири опсегот на активностите и можностите на што е можно повеќе млади луѓе, вклучително и надвор од главниот град, каде што пристапот до просторот и културата е многу поограничен. Дополнително, „Јуроп хаус“ во Крива Паланка и Струмица не само што ги анимираат младите во тие градови, туку и ги ангажираат нивните врсници од соседните општини.

Сега, откако го покривме источниот дел на земјата, имаме намера да се прошириме во централниот и западниот дел на Северна Македонија. Со задоволство можам да ви кажам дека планираме до 4-тиот роденден на „Јуроп хаус“ следната година да отвориме четири нови канцеларии на „Јуроп хаус“ – во Битола, Струга, Тетово и во Велес.

Спомен-куќа на Лазар Личеноски

Во фокусот на третиот роденден на „ЕУ Хаус Скопје“ е културното наследство и Спомен-куќата на Лазар Личеноски со мото „Мисли напред – затоа што културата е важна“. Од каде потекна иницијативата куќата на Личеноски да биде во фокус на одбележувањето на роденденот?

– Културата е важна од многу причини. Често се вели дека културата е срцето на еден народ и душата на своите граѓани. Тоа е богатство на знаење, креативност и обичаи кои се пренесуваат низ генерациите. И затоа е важно да се зачува културното наследство, бидејќи ако не успееме, не ризикуваме само да го изгубиме од вид нашето минато, туку и кои сме денес. Културата, секако, ѝ беше многу важна на Вјоса Бериша, поранешната тим-лидер на „Јуроп хаус“, која, за жал, повеќе не е меѓу нас. Таа го посвети својот живот на уметноста и на културата и затоа помисливме дека би било добро да се инспирираме од нејзиниот пример додека ги правиме нашите планови да го прославиме овогодишниот роденден на „Јуроп хаус“.

Идејата зад овогодишната тема беше да му оддадеме почит на еден од најистакнатите сликари на оваа земја Лазар Личеноски, а воедно да ја подигнеме свеста за потребата од зачувување и реставрација на неговата Куќа-музеј, која е извор на единствени спомени од животот и делото на уметникот и кое претставува вистинско национално богатство.

На Ваша иницијатива, на 10 ноември во Спомен-куќата на Личеноски присуствуваа амбасадори и културни аташеи од земјите членки на Европската Унија, а директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими го презентираше целиот проект за заштита на спомен-куќата. Која беше целта да се поканат амбасадорите и културните аташеи во куќата на Личеноски?

– Благодарение на великодушноста и имагинацијата на Дита и на Националната галерија, како и на нашиот тим на „Јуроп хаус“, успеавме да го отвориме домот на големиот уметник за јавноста за првпат по толку години. Тоа беше и можност да се претстави приказната за уметникот и неговата спомен-куќа пред колегите од земјите членки на ЕУ. Многу од нив имаат големо искуство и знаење во зачувувањето на локалитетите на наследство. Овој настан го гледаме како прв чекор во нашите напори да најдеме начини да помогнеме во зачувувањето и обновувањето на оваа прекрасна локација.

Средба со амбасадори и културни аташеи од земјите-членки на Европската Унија во спомен-куќата на Личеноски

Ден претходно, во куќата на Личеноски беше отворена изложба на дела на студенти на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, инспирирани од делата на Личеноски. Дали културното наследство може да ги поттикне младите да креираат нови визии за својата иднина?

– Секако дека може и треба. Културното наследство не е нешто мртво што го гледате во музеј. Тоа е нешто моќно и звучно што често сè уште може да предизвикува и збунува денес – без разлика дали е една од многуте извонредни фрески што ги наоѓате во црквите ширум земјата што нè вовлекуваат со чистата хуманост на темата, без разлика дали станува збор за локација како Стоби, чии урнатини нè оставаат со толку многу прашања, или дали е тоа куќа како Музејот на Личеноски, чиј најпознат мозаик ги предизвикува уметниците да зборуваат пред широката јавност, додека во исто време куќата има извонредна атмосфера на интимност, како Личеноски и неговата сопруга уметник Зое да излегле низ вратата неколку минути порано.

Каква е Вашата комуникација со централните и со локалните власти во Северна Македонија во однос на спроведувањето на европските политики што се однесуваат на младите?

– Европската Унија дава голема поддршка за младите луѓе во земјата. Ги имаме канцелариите на „Јуроп хаус“, што веќе ги спомнав. Имаме мрежа на „Млади европски амбасадори“, кои ги претставуваат и нивните врсници и на некој начин европскиот дух, финансираме програма на младински гаранции создадена да им помогне на младите да ги развијат вештините и искуството неопходни за успешно влегување на пазарот на труд и преку програмата „Еразмус плус“ поддржуваме размена на ученици и студенти, како и да ја зајакнеме стручната обука, основното и средното образование, како и вештините и знаењето на наставниците. Исто така, многу сме среќни што ја поддржуваме работата на граѓанските организации што ги поддржуваат младите, вклучително и одличните Регионални канцеларии за младинска соработка низ Западен Балкан.

Некои од овие активности се спроведуваат во тесна соработка со централните и локалните власти. Сведок сум на голема отвореност во овој поглед. Но, можеме многу повеќе. Проблемот е во тоа што секогаш велиме дека младите се важни, но не секогаш знаеме да ги слушнеме или да учиме од нив. На крајот на краиштата, ние треба да станеме многу подобри во планирањето не за следните шест месеци или година, туку гледајќи една генерација напред и да се увериме дека младите се дел од процесот.

Сега, кога ЕУ ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија, треба да се погрижиме младите да бидат дел од разговорот за пристапување, како идни граѓани на ЕУ. Додека на младите би им рекол, запознајте се со процесот на пристапување и искористете го за да притискате за позитивни промени.

Секогаш велиме дека младите се важни, но не секогаш знаеме да ги слушнеме или да учиме од нив / Фотографија: Татјана Ранташа

Каков е Вашиот личен однос кон уметноста, со оглед на тоа што во резиденцијата каде што престојувате во Скопје веќе се одржани неколку тематски изложби и дебати за уметнички дела?

– Малку сум претпазлив за луѓето што зборуваат за уметност и култура гласно. Или кои мислат дека уметноста е за музеи или концертни сали. Се разбира, ова се навистина важни аспекти од културниот живот и имаат потреба од поддршка. Но, според мене, уметноста треба да биде насекаде околу нас. Станува збор за изразување, за комуникација меѓу луѓето, за меморија и, исто така, за предизвикување да бидеме поимагинативни, поемпатични и поотворени. Станува збор за тоа како размислуваме и чувствуваме. Значи, треба да биде насекаде, на улиците, во баровите, во паркот, на нашите компјутерски монитори, дури и, ако претпочитате, во она што го носиме.

Така, кога јас и мојот партнер пристигнавме во Скопје, беше сосема природно да почнеме да размислуваме како да го искористиме просторот во резиденцијата на ЕУ како место за споделување уметнички дела со пошироката публика. Пристигнавме во септември 2020 година среде пандемија, па дојдовме до идеја да организираме изложба на македонски уметници во градината на резиденцијата. Ова беше одличен начин за профилирање на некои од исклучителните таленти што постојат во оваа земја на пошироката јавност, без оглед на ограничувањата за ковид-пандемијата. И со тоа се надевам дека ги поддржуваме. И тоа беше можност да се запознаеме со уметниците. И оттогаш идејата се развива понатаму. Имаме многу повеќе идеи, особено благодарение на одличниот тим во Делегацијата и во „Јуроп хаус Скопје“.

Веќе две години сте амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија. Што од македонското културно наследство, но и од современата уметност и култура, Ви остави најсилен впечаток?

– Оваа земја има многу да понуди од уметничка перспектива. Имаше одлични изложби во Националната галерија откако пристигнавме, како што беше неодамнешната ретроспектива на Кондовски. Имавме можност да ги видиме и делата на големиот мајстор Петар Хаџи Бошков и, секако, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, вклучително и во неговата куќа во Крушево. А има и мноштво одлични современи уметници, од кои некои имавме задоволство да ги вклучиме во нашите изложби во резиденцијата од различни заедници, какви што се Атанас Ботев, Газанфер Бајрам, Маргарита Киселичка, Зулејха Зубери, Озбек Ајваз, Јасмина Главинче, итн. Сите тие имаа силно влијание. Ова е без да се споменат скулптурите што можете да ги најдете низ земјава изложени на јавни места, на пример, во Прилеп. Но, една работа за мене, која е навистина извонредна во својата визија и смелост, е „Македониумот“ во Крушево. Полн сум со восхит за оваа градба, која ги изразува енергичноста и оптимизмот на своето време. Сум го видел многупати преку ден, а еднаш дури и на месечева светлина. Секогаш изненадува и е волшебно.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 155, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот