ИНТЕРВЈУ | Елена Петреска: Белгија ми беше љубов на прв поглед, едвај чекав да го видам нашиот нов дом

Фото: Приватна архива

Поп-пејачката Елена Петреска се пресели во Белгија. Откако сопругот Андреј добил понуда за работа во белгискиот град Монс, не била лесна одлуката да заминат од Македонија. Елена во Скопје, 16 години е дел од Македонската опера, а има и свој бенд. Но, како што вели, желбата за промена, но и поддршката на сопругот, била доволна причина за да се преселат во Белгија.

Веќе пет месеци сте во Белгија, зошто заминавте од Македонија?

– Во Белгија дојдовме поради работата на сопругот Андреј. Одлучивме да го прифатиме овој предизвик и навистина ни е драго, затоа што и двајцата чувствувавме дека ни треба промена.
Одлуката не беше брза. Помина повеќе од една година во размислување откако Андреј ја доби понудата за работа.

Фото: Приватна архива

Дали веќе се адаптираше на новата средина?

– Кога ја донесовме конечната одлука, веќе се фокусиравме на селењето и повеќе се чувствуваше позитивна еуфорија. Искрено, со нетрпение го очекувавме новиот дом. Не ми беше тешко да се адаптирам. Мислам дека успеав многу брзо. Белгија ми беше љубов на прв поглед, имав чувство како едвај да сум чекала да дојдам тука. Искрена да бидам, поприсутна во сегашноста не сум била никогаш.

Навистина толку си среќна таму?

– Да. Уживам во секој детаљ, во секое парче уметност, во прекрасните места и градови што ги има Белгија. А, чудно е што никогаш не ми била ни напамет како опција, ма дури јас и никогаш не сум помислувала дека ќе живеам на друго место освен во Македонија. Но, ете некогаш животот дава можности да се запознаат и други култури, да се прошират видиците, да се почувствува битисувањето и од друга перспектива. И навистина ми е драго и сум благодарна на можноста да бидам тука.

Фото: Приватна архива

Каков град е Монс? Каки се луѓето тука? Имаш ли пријатели, со кого да испиеш кафе?

– Монс е прекрасен град, има уметност, изложби, музеи… Целиот град е автентичен со постари градби, што мене многу ми се допаѓа. Искрено, многу е поразлично од кај нас. Луѓето тука се опуштени, насмеани, секој си гледа за себе, никој не се оптоварува со никого, нема никакви предрасуди, се чувствува таа слобода да си потполно свој. Имам и доста пријатели, се дружиме на кафе, на афтерворк… Исто така, имам пријатели и во околните земји, како Холандија и Германија, па често патуваме или имаме гости за викенди.

Како ви оди со францускиот јазик, тој и онака е тежок?

– И јас и Андреј, двајцата сме учеле француски јазик во училиште, но не сме го употребувале, па се заборава. Знаеме по некој збор, но далеку од конверзација. За среќа, Белгијците се многу љубезни и услужливи, некои знаат англиски, со некои користиме „гугл транслејт“, како и да е, се снаоѓаме.

Ти беше вработена во Македонската опера, тешка ли беше одлуката да се откажеш од својата кариерата како поддршка на сопругот?

– Искрено, не беше лесно, повеќе од 16 години бев дел од операта и тоа ми беше најтешката одлука. Но, пак ќе кажам, имав некое интуитивно чувство во себе дека ми треба промена, па врз основа на тоа чувство, ја донесов одлуката.

Фото: Приватна архива

Што е со настапите и со твојот бенд?

– Во моментов немам договорени настапи, но кога ќе има, секако дека ќе доаѓам во Македонија. Тука исто така имам бенд, благодарение на мојот колега и другар Марко, кој свиреше со мене пред да замине од Македонија. Така што, наскоро ќе почнеме со настапи во Белгија и во Холандија. Морам да кажам дека едвај чекам да почнам да пеам, зашто нема нешто што повеќе ми недостига од музиката.

Каква е белгиската кујна, што е таму традиција, научи ли некој белгиски рецепт?

– Во Белгија има мнооогу благо, торти и мусови се достапни во секој маркет во секое време. Чоколади, продавници за белгиско чоколадо има во изобилство. Лиснатите теста и кроасаните се исто благи. Белгиската кујна сè уште не ми е многу позната, пробав еден специјалитет кој е превкусен, се вика „карбонат фламанде“ и е нешто слично како нашиот гулаш, со телешко месо и се прави со црно белгиско пиво.

До кога ќе останете во Белгија, какви се плановите?

– Статусот тука ни е дипломатски, тригодишен договор со можност за продолжување. Сега- засега впечатоците ни се прекрасни, уште сме на почеток, па затоа не би сакала да правам прогноза колку време ќе бидеме тука.

Како влијаеше целата оваа промена на децата, ги фати ли криза за Скопје?

– Михаел беше возбуден, едвај чекаше да дојде, додека на Софија сè уште ѝ недостига друштвото од училиште. Сепак, двајцата се среќни, се приспособија лесно и тука имаат прекрасни другарчиња, што за мене е многу важно. Прво дојде сопругот, а ние по три месеци. Првиот ден тука беше многу емотивен, полн со љубов и среќа дека повторно сме сите заедно.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот