Дејвид Гир/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ИНТЕРВЈУ | Амбасадорот Гир за „Слободен печат“: Кривичниот законик ми беше најголемото разочарување

Предлогот на Владата уставните измени да се донесат на крајот на преговарачкиот процес со ЕУ е поинаков од предлогот што е договорен. Тоа би било можно ако и само ако се постигнеше договор билатерално со Бугарија. Има договор и најдобро е да се оди напред со него. Не е многу реално да се замисли нов договор и не гледам подготвеност во Брисел за тоа, вели шефот на Делегацијата на ЕУ, Гир.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој во Македонија помина четири години, на крајот од мандатот во интервју за „Слободен печат“ говори за евроинтеграцијата на земјава, за постигнатиот напредок на патот кон ЕУ, за најголемите разочарувања во тој период, како и за неопходните реформи и за наредните чекори. Во неговото последно интервју пред заминувањето, тој открива и што ќе му недостига од Македонија.

Во Македонија бевте 4 години. На крајот на вашиот мандат дали гледате некаков напредок во земјава, од аспект на демократија, борба против криминалот и корупцијата, слобода на медиуми. Притоа не мислам само на извештаите за донесени закони и слично, туку во реалниот живот?

– Кога зборуваме за демократијата и за основните слободи пред четири години, сигурно е дека земјата во некој степен се консолидира во однос на основните права и почитувањето на демократијата и оттогаш тоа продолжува. Оттогаш имавме последователни избори, кои беа според демократските стандарди, има медиуми што секако имаат проблеми, но има отворено опкружување и професионални новинари, кои можат да го искажуваат своето мислење, a во некои случаи рејтингот на медиумите е подобaр отколку во некои земји членки на ЕУ. Исто така, цивилното општество продолжува да биде активно и да дава придонес. И тоа продолжуваше во изминатите четири години. Ова се реални достигнувања, кои треба да се одржат во годините што претстојат, тоа се реални постигнувања и не треба да бидат потценети. Има и други области каде што имаше подобрувања, во некои аспекти од економијата, на пример, но се разбира има и области во кои немаше напредок на кој што се надевавме. Тука е борбата против корупцијата и тоа го коментиравме кога се донесоа измените на Кривичниот законик. Бевме многу критични за тоа како назадување, потоа владеењето на правото, не е консолидирано како што се надевавме и сакавме, а и услугите се послаби отколку што се надевавме. Има одреден број области во кои е потребен и во кои очекувавме напредок.

Кога го споменавте Кривичниот законик, претходната влада не ги почитуваше вашите забелешки. Сега новиот претседател на СДСМ Венко Филипче признава дека тој бил грешка. Не е ли доцна за вакво признание, бидејќи некои осудени лица за корупција веќе излегоа од затвор?

– Една од нашите грижи по измените на Кривичниот законик беше во основа одреденото ниво на неказнивост. Некои случаи за корупција беа прекинати, но мислам дека „поголемото“ прашање е посветеноста на евроинтеграцијата, владите тоа го декларираат, партиите го имаат во програмите. Значи, ако како земја преговарач сте посветени на тоа, прашањето е кога носите реформи што имаат врска со стандардите на ЕУ дали ја носите земјата поблиску до тие стандарди или одите во спротивен правец. Тоа е прашањето што секој политичар и законодавец треба да си го постави. Тоа беше прашање и за претходната и за новата влада. Ние сме овде, би биле среќни да дискутираме со властите кога се даваат предлози, да дадеме совет, да покажеме каде стандардите се исполнуваат и затоа коментиравме и изразивме загриженост за Кривичниот законик.

Што значи сега признанието на Филипче?

– Не би го коментирал тоа, освен што ќе кажам дека мислам дека СДСМ и сите политички партии ќе бидат заедно кога нов предлог за Кривичниот законик ќе дојде во Собранието и се надевам ќе биде на линија со стандардите на ЕУ и ќе поддржат законик што ќе спречи неказнивост што е многу важно во борбата против корупцијата.

Дејвид Гир/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Велите дека дискутирате секогаш со властите, но не секогаш ги прифаќаат вашите совети.

– Ние советуваме, но ова е суверена земја и од неа зависи да одлучи што сака.

Во овие четири години кое ви беше најголемото разочарување од аспект на политички одлуки, а што беше според вас најголем успех?

– Мислам дека најголемото разочарување ми беше околу Кривичниот законик. Мислам дека луѓето беа многу разочарани и се јави чувството дека работите нема да се движат во вистински правец во однос на неказнивоста. Исто така бев разочаран што тешките преговори за договорот што го овозможи преговарачкиот процес не резултираа со уставните измени. Јас сѐ уште верувам дека договорот за тешкиот компромис за двете страни го отвора патот напред кон преговорите, иако знам дека е тешко.

Кога зборуваме за евроинтеграцијата, сите партии и влади ја нарекуваат стратешка цел. Но дали може да се каже дека тоа е национален проект, повторно зборувам според однесувањето на партиите? Дали докажавме дека е национален проект?

– Во однос на целта, изјавите и програмите, да, тоа е национална цел. Но, во практика тоа не се потврдува, ако ги имаме предвид реформите во неколку области што веќе ги споменав. Мислам дека уште не сме виделе заедништво односно единство на сите партии, но и на различни институции. Во Хрватска, на пример, сите се обединија околу таа цел. Тоа не значи дека немаше спротивности меѓу власта и опозицијата, но на реформите и на нивното спроведување се фокусираа сите.

Дејвид Гир/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Ако уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, покрај другите групи, е услов за продолжување на евроинтеграцијата, тогаш може ли да се каже дека не може да се зборува за национален проект…

– Прво, евроинтеграцијата може да продолжи преку реформи, но прашањето е за самите пристапни преговори, кои се очигледно централни за пристапот кон ЕУ. Процесот беше блокиран по многу тешки преговори во јули 2022 кога беше постигнат компромис. Го почнавме и добро го завршивме скринингот и сѐ уште го очекуваме наредниот чекор во интегративниот процес. Гледам и ја слушам Владата и ставовите за договорот, особено на премиерот што сака од Бугарија. Но, пак ќе кажам, не е многу реално да се замисли нов договор и не гледам подготвеност во Брисел за тоа.

Можно ли е да се оствари планот или намерата на Владата уставните измени да се донесат на крајот на преговарачкиот процес? Односно да се смени преговарачката рамка?

– Тој предлог е поинаков од предлогот што е договорен. Тоа би било можно ако и само ако се постигнеше договор билатерално со Бугарија. Но знаете, има договор што веќе е постигнат и се отворија преговорите и не гледам можност за промена освен ако билатерално не се договори со Бугарија. Има договор и најдобро е да се оди напред со тој договор.

Последниот извештај на Европската комисија за судството само ги потврди сите проблеми во областа. Власта заговара распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, а вие сметате дека тоа не е најефективниот начин за подобрување на состојбата. Премиерот Мицкоски дури и ве повика како меѓународни претставници да дадете друг предлог. Што би одговориле на тој повик?

– Прво, мислам дека со премиерот го споделуваме очекувањето да видиме напредок во реформите во областа. Но, како да се направат тие реформи? За Судскиот совет имаше 40 препораки од Оценската мисија. Има многу различни предлози за тоа како навистина да се подобри ситуацијата и во Судскиот и во Советот на јавни обвинители. Нешто е веќе постигнато, ама ајде да ја видиме имплементацијата на препораките. Се разбира, разговараме со властите како тоа може да се случи. Но, не е само до властите, туку и до самото правосудството и обвинителството да ги спроведуваат препораките. Почитувајќи ги нивните различни улоги, се обидуваме да го зајакнеме владеењето на правото без да се наруши принципот на поделена власт во процесот. Реално, има некаков напредок по ланскиот дебакл во Судскиот совет, има поголема транспарентност во Врховниот суд, на пример, но тоа не е доволно. Дали претстои уште долг пат, да, претстои, и ниските очекувања на граѓаните се со причина. Неопходни се фундаментални реформи.

Дејвид Гир/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Една од реформите за кои постојано се зборува вклучително и од страна на ЕУ е онаа на јавната администрација. Сите влади, па и оваа, го ветуваат тоа, а никогаш не се случи. Но, гледаме дека секогаш на раководни позиции се поставуваат партиски членови. Каква реформа е тоа? Има ли сила што може да го смени ова или треба политички да созрееме?

– За реформата на јавната администрација потребен е сеопфатен пристап, бидејќи има фундаментални слабости. Еднаш реков дека има партиска политизација на администрацијата од страна на владата долг период, што значи луѓето се поставуваат врз основа на политичка припадност, а не врз основа на заслуга. Втора работа е што многу често гледате дека администрацијата не е баш многу привлечна за талентираните, тие одат на друго место бидејќи платите се ниски, но и поради неефикасноста, па тие, најталентираните, не сакаат да останат таму. Трето, има корупција која исто така влијае врз јавната администрација, а недостига и транспарентност. Се разбира и во земјите членки на ЕУ, на пример, има политички назначувања на повисоки позиции, но секогаш треба да се комбинирани со системот на заслуги и со компетентноста, а не само според политичката припадност. Тоа треба да се смени. Исто така, треба поголема ефикасност, систем што ќе функционира подобро, потоа дигитализација и обезбедува онлајн услуги за граѓаните што е многу полесно, но и за да се спречи корупцијата.

Велите дека некои од талентираните не сакаат да работат во администрација, но неталентираните сакаат бидејќи, всушност, не работат…

– Сите знаеме дека во администрацијата има значителен број луѓе што напорно работат и не се за критика, но исто така во некои институции има луѓе што не доаѓаат на работа и луѓе што работат малку бидејќи не се заинтересирани за јавните услуги. Станува збор за фундаментална реформа и не е едноставна. Имаше некој напредок, но треба да се работи на администрација соодветна за 21 век. Што се однесува до кратењето на јавната администрација, прво треба да се тргне од тоа секое министерство и институција да видат кои им се потребите, па да се прави експертиза. Системот треба да им овозможи на сите граѓани да бидат дел од администрацијата, треба да се почитува и принципот на правичната застапеност според Охридскиот договор, но секогаш треба да се вклучат заслугата, искуството и квалификациите.

Друго актуелно прашање во моментов е пренасочување на парите за Коридорот 8 кон Бугарија за Коридорот 10. Тука се работи за европски пари за проект кој е дел од Договорот за добрососедство со Софија, а спроведувањето на договорите со Бугарија и со Грција е вклучено во сите извештаи од Брисел. Ќе има ли реакција од ЕУ?

– Во случајов зборуваме за трансевропски мрежи. Низ оваа земја поминуваат два коридора. Едниот е запад-исток од Италија преку Албанија, овде, па до Бугарија, познат како Коридор 8, а другиот север-југ – Коридорот 10 оди кон Грција. Двата коридора се важни и ние инвестираме во двата коридора. Во случајот со Коридорот 8, планот е тој во делот од Скопје до Бугарија да заврши до 2030-та, а секцијата од Скопје низ Албанија да биде завршена до 2040 година. Сосема е разбирливо што премиерот ги разгледува инвестициите и поставува прашања. Имавме добра, опширна дискусија со Владата и за Коридорот 8 и за Коридорот 10. Коридорот 8 во однос на проектите е многу повеќе напреднат. Проектот за патот од Скопје до бугарската граница има три секции и првата е речиси завршена, на втората секција се работи, а за третата треба тендер. Ќе ги продолжиме дискусиите, бидејќи ова е многу важно прашање. Исто така, се согласивме и дека Коридорот 10 е важен. Ние веќе инвестиравме во помош за подобрување на железницата на Коридорот 10 и минатата недела Комисијата утврди поголем фонд за тоа. Но, ќе треба повеќе време бидејќи не е добро подготвен. На крајот веруваме дека двата може да се изградат и разговараме со Владата како да се постигне тоа. Но, не може едноставно да се пренаменат парите од Коридорот 8 на Коридорот 10, нашиот (европскиот) систем не функционира така. Дискутиравме со министерот за транспорт, со премиерот и со други и мислам дека во наредните недели, месеци, ќе најдеме заеднички јазик за најдобриот начин како да се продолжи.
Значи, не може едноставно да се пренаменат парите од нешто за кое е веќе постигнат некаков напредок на нешто што сѐ уште се развива. Тоа не значи дека не инвестираме во Коридорот 10. Повторно ќе кажам, инвестираме во двата.

Дејвид Гир/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

На крајот, по овие четири години во Македонија, што ќе ви недостига?

– Уживав многу во контактите со луѓето во земјава, кои се прилично отворени и не се плашат да кажат што мислат. Имаше многу интересни прашања од граѓаните, но и на средбите со млади луѓе. Ќе ми недостига искачувањето на планини, погледот од планините, ќе ми недостига добра чаша вранец, јабучар со сирење одозгора. Тоа е перфекција. А за посебни места, да Охрид е прекрасен, ја сакам Преспа, Лазарополе, Зович, Берово, Шара… За време на една посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен имавме вечера во Вила Водно и таа ги праша лидерите што ќе донесе Северна Македонија во ЕУ? Прво тишина, но подоцна се направи долга листа. Верувам дека земјата може да донесе многу во ЕУ – земјоделство, потенцијал за туризам, дури различноста на населението. Знаете, патот кон ЕУ значи реформи, но таа цел е достижна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот