
Интервизија започнува вечерва во Москва: По забраната за учество на Евровизија, Русија си направи своја верзија од натпреварот
Вечерва во Москва започнува „Интервизија“, настан што треба некако да ги утеши Русите на кои им е забрането да учествуваат на Евровизија веќе три години поради инвазијата врз Украина. Руските лидери очекуваат чудо од вечерашниот натпревар и ја користат секоја можност да ги искажат своите негативни ставови за конкурентскиот натпревар, пишува хрватски „Јутарњи“.
Препорачано
– Евровизискиот натпревар порано беше одличен и интересен. Но, кога Западот почна да носи секакви перверзии на телевизија, не само што престанав да го сакам, туку не сакав повеќе да го гледам – изјави вчера Генадиј Зјуганов долгогодишен лидер на Руската комунистичка партија.
– Квалитетот на композициите и музичарите што настапуваат на Интервизија е висок. Најважно за нас беше што тие со себе ја носат својата култура, чувство за живот и духовни традиции. Успеавме во тоа – изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред натпреварот, на кој ќе учествуваат Белорусија, Бразил, Кина, Колумбија, Куба, Египет, Етиопија, Индија, Јужна Африка, Казахстан, Кенија, Киргистан, Катар, Мадагаскар, Русија, Саудиска Арабија, Србија, САД, Таџикистан, ОАЕ, Узбекистан, Венецуела и Виетнам.
Фаворит е рускиот пејач Шаман, кој стана едно од најистакнатите културни лица на воените напори на Кремљ. Најпознат по своите патриотски песни, вклучувајќи ја и „Јас сум Русин“, која стана неофицијална химна на московското провоено движење, Шаман (вистинско име Јарослав Дронов) се здоби со слава настапувајќи на државни собири и воени настани обвиткан со руското знаме.
Путин вели дека е сигурен дека сите учесници ќе дадат значаен придонес во зајакнувањето на дијалогот меѓу културите и народите. Тој е убеден, дека ќе им обезбеди на натпреварувачите и на бројните гледачи величествена и незаборавна прослава и ќе остави позитивен впечаток врз нив, како и дека ќе придонесе за зајакнување на меѓународните врски. Зјуганов целосно се согласува со него и додава дека е уверен дека Интервизија ќе ја надмине својата западна верзија по популарност.
Но, се чини дека руската јавност не е целосно убедена во ова. „Гардијан“ пишува дека локалните медиуми објавиле дека организаторите се загрижени за малата посетеност.
Раните индикатори укажуваат дека публиката не е баш воодушевена. Како што истакнува Бареиро Леон, присуството на натпреварот на социјалните мрежи останува разочарувачко – малку повеќе од 4.000 следбеници на Инстаграм во времето на пишување (иако Инстаграм е блокиран во Русија, принудувајќи ги корисниците да пристапуваат до него преку VPN), околу 14.000 на руската страница на социјалните медиуми VKontakte и приближно 45.000 на каналот на Телеграм. Евровизија, за споредба, се гордее со 2,2 милиони следбеници на Инстаграм. Дури и руската публика може да се покаже скептична, верува Вулетиќ, бидејќи образованите млади Руси кои бараат најсовремена музика веројатно нема да прифатат натпревар што експлицитно промовира конзервативни вредности, пишува „Гардијан“.