Интересот е сѐ поголем: Вкупно 212 скопјани аплицирале за субвенции за електрични тротинети

Електричен тротинет Скопје
Жена со електричен тротинет на плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Најголем број апликации за субвенционирање за набавка на електрични тротинети поднеле жителите на Општина Аеродром и тоа дури 67 апликации, а најмалку заинтересирани граѓани за искористување на средствата имало од општините Шуто Оризари и Сарај, од каде што биле поднесени само по една апликација.

Вкупно 212 граѓани аплицирале за субвенционирање на набавка на електрични тротинети на јавниот оглас што беше распишан од Град Скопје. Сепак, од вкупната бројка апликации, надлежните служби одбиле 11 барања, со што право на субвенционирање за набавка на електричен тротинет оваа година оствариле вкупно 201 жител на Скопје.

-Како и минатата година, така и оваа, одѕивот на граѓаните за доделувањето субвенции за електрични тротинети беше фантастичен. Во тек е потпишување на решенијата, со што граѓаните ќе ги добијат субвенциите, но она што најмногу нè радува е што граѓаните во сè поголема бројка се ориентираат кон поекономични и поеколошки решенија за транспорт, со што сите заеднички придонесуваме за растоварување на сообраќајот во градот, како и за заштита на животната средина за нас и за наредните генерации – информираат од Град Скопје.

Најголем број апликации за субвенционирање за набавка на електрични тротинети имало од жителите на Општина Аеродром, и тоа дури 67. Најмалку заинтересирани граѓани за искористување на средствата предвидени за оваа намена имало од општините Шуто Оризари и од Сарај, од каде што биле поднесени само по една апликација. Од останатите општини од скопскиот регион, апликации за добивање субвенции биле поднесени по 35 од жителите кои живеат во Карпош и Центар, 9 апликации од Чаир,18 од Гази Баба, 13 од Ѓорче Петров, 10 апликации од жители што живеат во Бутел, како и 22 апликации од жителите на Кисела Вода.

Една апликација била поднесена од граѓанин, кој не живее во ниту една од десетте скопските општини и чии жители можеа да се пријават на јавниот оглас, па поради тоа била одбиена од градските власти.

Покрај јавен повик за набавка на електричен тротинет, Град Скопје распиша и јавен повик за доделување субвенции за купување велосипеди, како уште еден од начините за еколошки превоз на граѓаните на главниот град.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.

Во изминатите три години, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 527 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.

Град Скопје, освен за набавка на електрични тротинети и велосипеди, на скопјани им нуди можност да аплицираат и на субвенции за набавка на инвертер клима-уреди, како и за субвенционирано чистење на оџаците во домаќинствата што сѐ уште се греат на дрва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот