
Инфлацијата се смирува – нема месечен скок, но е поскапо од лани
Трошоците за живот во септември се зголемиле за 4 проценти во однос на ланскиот септември. По повеќе месеци нема раст на трошоците на месечно ниво. Од ФАО стигнуваат вести за големи жетви во клучните земји производители.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, изнесува минус 0,2 проценти, односно на месечно ниво се случува процес на дефлација. Сепак, во однос на лани се живее поскапо. Трошоците за живот во септември во однос на ланскиот септември скокнале за 4 проценти, покажуваат податоците што ги објави Државниот завод за статистика.
Препорачано
Статистичарите објаснуваат дека намалувањето на инфлацијата во септември во однос на август е резултат на намалувањето на трошоците за транспорт за 3,3 проценти, поевтиниле и рестораните и хотелите за 1,3 проценти. Во намалувањата е трошокот за храна и безалкохолни пијалаци, но со речиси незначителни 0,1 процент. Септември бил поскап за подновување со мебел, затоа што трошокот е зголемен за 0,8 проценти, а за оние што пушат и сакаат по некоја чашка алкохол, месечниот трошок е зголемен за 2,8 проценти. Во поголемите износи е и растот на трошокот за комуникации за 0,8 проценти.
На годишно ниво, она што можеби и најмногу ги загрижува граѓаните е растот на трошоците за храна. Тие во септември во однос на ланскиот септември биле зголемени за 4,3 проценти, додека на месечно ниво стагнираат. Но, податокот е уште позагрижувачки ако се спореди септември со просекот од 2024 година и покажува пораст на трошоците за храна од дури 7 проценти!
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во петокот информираше дека Референтниот индекс на светските цени на прехранбените производи малку се намали во септември, предводен од падовите на индексите на цените на шеќерот и млечните производи. Но, раст се забележа кај цените на месото. Глобалните податоци се многу важни за Македонија како увозно зависна земја за храна.
Индексот на цените на житарките на ФАО се намалил за 0,6 проценти во однос на август. Меѓународните цени на пченицата се намалија трет месец по ред, поради намалената меѓународна побарувачка и потврдата за големи жетви во клучните земји производители. Светските цени на пченката, исто така, се намалија, поради прогнозите за изобилство на залихи, како и привременото суспендирање на даноците за извоз на житарки во Аргентина. Индексот на цените на оризот на ФАО се намали за 0,5 проценти, бидејќи намалените нарачки од купувачите на Филипините и Африка влијаеја на пазарот.
Индексот на цените на растителното масло на ФАО се намали за 0,7 проценти во септември, бидејќи има пониските цени на палминото и на соиното масло. Тоа делумно се должи на тоа што има големи залихи на палмово масло во Малезија и зголемените извозни залихи на соино масло од Аргентина. Но, има зголемување на цените на маслото од сончоглед и репка.
Индексот на цените на млечните производи на ФАО се намали за 2,6 проценти во септември. Светските цени на путерот се намалија за 7,0 проценти, делумно како одраз на намалената побарувачка за сладолед на северната хемисфера и повисоките перспективи за производство во Океанија. Цените на млекото во прав се намалија главно поради помалата побарувачка од клучните увозници и поцврстата извозна конкуренција. Цените на сирењето се намалија само маргинално.
Индексот на цените на шеќерот на ФАО се намали за 4,1 процент од август, достигнувајќи го најниското ниво од март 2021 година. Падот беше поттикнат од повисокото од очекуваното производство на шеќер во Бразил и поволните перспективи за жетва во Индија и во Тајланд, по обилните монсунски дождови и зголемените насади.
Говедското месо со рекордни цени
Индексот на цените на месото на ФАО се зголеми за 0,7 проценти од ревидираното августовско ниво и достигна ново рекордно високо ниво, за 6,6 проценти повеќе во однос на претходната година. Зголемувањето ги одразува повисоките светски цени на говедското и на овчото месо, додека цените на свинското и на живинското месо останаа генерално стабилни. Цените на говедското месо се искачија на рекордно високо ниво, поддржани од силната побарувачка во САД.
И во нашите маркети цената на говедското месо е на многу високо ниво – се движи кон 1.000 денари. Се случува и еден парадокс, во месарници наидовме на изедначена цена на јунешко и на телешко месо.