Илинденка Петрушева (1944 – 2025)

Ин мемориам: „МакеДокс“ се простува од својата Бабе, а Кинотеката од еден од своите основачи

Тешко се наоѓаат зборови – ако и воопшто може да се најдат – за да се искаже сето она што поминува низ човека кога му одлетува парче од душата, засекогаш.

Нашата Илинка, нашата бабичка на револуцијата за нас засекогаш ќе биде еден од најцврстите столбови на кои спокојно стои и расте „МакеДокс“. Длабок и неизбришлив е печатот што го остава за македонската култура и кинематографија, но за нас најскапоцена е нејзината неисцрпна љубов кон филмот – наша ѕвезда-водилка. Од самите почетоци нѐ научи што значи филмскиот фестивал, како се стокмува филмскиот каталог, колку се важни филмските, ама и човечките приказни, дека од сонот може да се направи стварност.

Зарем не бевме среќни – што постоевме во исто време со неа, што нѐ грееја нејзината мудрост и благост? Зарем не сме среќни – што можеме да кажеме дека сме се прегрнале многупати, сме ја слушале како ни раскажува, сме се смееле со неа? Зарем не треба да сме благодарни – што за следните генерации остануваат безброј нејзини приказни за филмовите, и нашите приказни за неа?

Приказни за еден голем хуманист кој веруваше во Добро. Во Добро, кое го ширеше и споделуваше со сродните духовни архитектури, а со останатите беше волшебна.

Си замина во петок, и како што вели „архитектот“ – само вредните души преминуваат на денот на љубовта. Така што веруваме дека нејзината душа ќе ја продолжи битка за возобновување на Културата.

Светол ти пат и душа, драга наша Бабе. Со бескрајна љубов, се простија од „МакеДокс“.

Кинотеката на РС Македонија изразува длабоко жалење и искрено сочувство до семејството заради загубата на многупочитуваната Илинденка Петрушева, неуморен истражувач на историјата на македонската кинематографија, посветен филмолошки работник, филмски критичар, голем вљубеник во филмската уметност и во својата земја, плоден публицист и неверојатен соговорник, врвен интелектуалец, жена која со своето дело остави трајна трага во македонската култура, а особено ја задолжи Кинотеката на Македонија, каде што долги години беше раководител на Одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма, советник филмолог и главен и одговорен уредник на единственото долготрајно филмско списание во Македонија, списанието за историјата, теоријата и културата на филмот и другите уметности – „Кинопис“.

Илинденка Петрушева беше родена за време на Втората светска војна, на 4 август 1944 година во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја (денес Благоевград во Република Бугарија), во семејството на Кирил Петрушев, прв министер за внатрешни работи на Народна Република Македонија, подоцна маргинализиран од политичкиот живот заради поддршката на Резолуцијата на Информбирото. Веднаш по ослободувањето на Скопје, на четиримесечна возраст е донесена во градот. Се школувала во гимназија „Јосип Броз – Тито“ и во Десетгодишно музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и на Филозофскиот факултет во Загреб, на катедрата по етнологија, каде што изучувала и италијански и шпански јазик и факултативно историја и теорија на филм.

Професионалните работни ангажмани ги започнува како советник за култура во Скопската организација на младите (1969-1972), а со отворањето на Домот на младите „25 мај“ во 1972 година (денес Младински културен центар) во првата редакциска постава е избрана за уредник за филм, музика и литература (подоцна само за филм). Во 1974 година е еден од основачите на Кинотеката на Македонија. Член е на привремениот извршен орган заедно со Ацо Петровски и Предраг Пенушлиски, каде стапува во редовен работен однос во почетокот на 1977 година и таму останува сѐ до пензионирањето во 2009 година. На 23 јануари 1998 година е избрана во звање советник филмолог.

Во 1979 година е еден од иницијаторите за формирање на Кинотеката на Хрватска. Учесник е, член на Советот и еден од организаторите во востановувањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола во 1979 година и активно учествува во неговата реализација сѐ до 1995 година. Во повеќе мандати е претседател на Киносојузот на Македонија (асоцијација на филмските аматери) каде последниот мандат го „одработува“ со приемот на Киносојузот за полноправен член во УНИКА (Меѓународната унија на аматерскиот филм) во 1996 година.

Во периодот 1977-1979 година е генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на Југославија. Во седумдесеттите, осумдесеттите и во првата половина на деведесеттите години на минатиот век е член на Друштвото на филмските работници на Македонија (секција на филмски критичари) и во истиот период е член и на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмски критичари). Била член на жирија на бројни домашни и странски филмски фестивали (Пула, Белград, Москва, Ташкент и многу други). Во повеќе мандати е член на Претседателството на Културно-просветната заедница на Скопје (денес Дирекција за култура), на Самоуправната заедница за култура на град Скопје и на Македонија, на Републичката комисија за преглед на филмови, како и член на советодавниот Комитет за култура и уметност на Институтот „Отворено општество на Македонија“. Од 1999 до 2001 е советник на министерот за култура на Република Македонија, а во 2007-2008 е член на Советот за култура при ресорното министерство.

Нејзината плодна повеќедецениска дејност остави длабоки траги во нашата национална кинематографија и култура.

Во текот на својот работен век Илинденка Петрушева својот креативен ангажман го насочува кон неколку кинематографски сегменти – историографски истражувања на македонската кинематографија, развој на филмската култура – интензивно занимавање со филмска критика, осмислување и реализирање на други форми/програми на филмската култура и развој на филмскиот аматеризам и востановување на филмското воспитување во наставниот процес.

Уште за време на студиите во Загреб повремено објавува осврти за филмови од кинорепертоарот на брановите на Радио Загреб, а во почетокот на седумдесеттите години започнува професионално да се занимава со филмска критика, објавувајќи филмски рецензии, осврти, коментари и есеи во „Филм-фокус“, „Екран“, „Пулс“, „Просветна жена“ (1975-1988), „Културен живот“ (1983-1997), „Премин“ (2001-2003) и во други домашни и странски списанија меѓу кои култниот сараевски „Синеаст“, загрепска „Филмска култура“, белградски „Филмограф“, „Блимп“ во Виена, „Томбак“ во Истанбул и други.

Редовен филмски рецензент била во „Вечер“ (1980-1988), „Денес“ (1997-2003), „Македонија денес“ (1998-2003), како и на Скопската програма на МТВ (1987-1989). Главен и одговорен уредник беше на списанието „Кинопис“ (од број 1 до двобројот 45/46, односно од 1989 до 2014 година), како и член на редакциите на „Кинотечен месечник“ (1977-1988) и на меѓународното списание „Балкан Медиа“ (Софија/Виена, 1993-1996).

Покрај занимавањето со филмска критика, Петрушева од крајот на шеесеттите години иницира и активно учествува и во реализацијата на други форми за развојот на филмската култура: ги реализира познатите „Синеастички вечери“ кои од 1972 година се вдомуваат во Домот на младите, ги организира репризните програми во Скопје од Белградскиот ФЕСТ и Фестивалот на југословенскиот документарен и кусометражен филм, организира трибини и разговори со познати синеасти (Макавеев, Жилник, Зафрановиќ, Тихонов, Донској и многу други), иницира нови фестивали како на пример Југословенскиот фестивал на цртан и анимиран филм (Дом на младите, 1976), креативно учествува во активностите на фестивалите „Астерфест“ (2006-2010) и „МакеДокс“ (2010-2025), како и во реализација на Отворениот филмски универзитет на Естетичката лабораторија при Философскиот факултет (УКИМ) и Кинотеката на Македонија (1977/1978).

Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, Петрушева, соработувајќи со хрватските професори по филмска теорија д-р Анте Петерлиќ и д-р Мирослав Врабец, реализира ТВ серија во десет продолженија „За филмското воспитување“ на брановите на Радио Скопје, потоа објавува бројни коментари, осврти и есеи во домашната периодика и иницира и учествува со свои соопштенија на повеќе советувања за оваа проблематика.

Резултат од овој ангажман беше воведувањето на наставни единици за филмска уметност во основното и средното образование распоредени во поодделни наставни предмети – македонски јазик, философија или изборни предмети, како и реализација на аматерски филмови во училишните клубови. Во овој контекст Петрушева учествува во бројни стручни тела формирани од тогашните Секретаријат за образование и Републички завод за школство, при што реализира и повеќе нагледни предавања за просветните работници.

Во однос на релацијата со аматерскиот филм, таа најнапред членува во скопските киноклубови „Камера 300“ и Аматерски кино клуб (АКК), а подоцна учествува во реализацијата и претставува креативна поддршка на бројните активности на Киносојузот на Македонија (фестивалите, летните филмски школи). Последниот, а најверојатно и најзначајниот сегмент од лепезата на нејзини интересирања/ангажмани, се истражувањата за историјата на македонската кинематографија што е врзано со дејноста на Кинотеката на Македонија.

Во Кинотеката на Македонија Илинденка Петрушева беше раководител на Одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма. Покрај нејзините креативни ангажмани во филмската кинотечна програма како селектор на бројни филмски циклуси кои даваат особен белег на филмската култура во Македонија, како на пример „Од опусот на Норман Мак Ларен“, „Екранизирани литературни дела“, „Од Ејзенштејн до Чухрај“, „Француски филмски реализам“, „Во спомен на Лукино Висконти“, „Шекспир на филм“, „Сергеј Параџанов“ и многу други и издавачките проекти, својот интерес и капацитет го насочува кон историографските истражувања.

Работела на капитални истражувачки проекти – откривање артефакти, прибирање мемоарска граѓа и спроведувања архивски истражувања за кинематографските дејности во Македонија во периодот од 1897 до 1945, за конституирање на македонската кинематографија во првите десет години по Втората светска војна – 1944/1954, истражувања во периодиката за периодот 1897-1954 и за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 година. Резултатите од овие истражувања се објавени во списанието „Кинопис“, а како сублимат/синтеза, пак, како посебни авторски трудови, во дел од повеќе монографски изданија („Развојот и проникнувањата на балканските кинематографии во периодот од 1895 до 1945 година“, „Фотографијата и филмот на почвата во Македонија“), или како дел од нејзините авторски книги.

Учесник е на бројни домашни и странски научни симпозиуми, собири, советувања, трибини и средби. Била предавач на Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охрид („Портрет на Бранко Гапо“, 1997 и „Севкупноста на македонската кинематографија од 1897 до 2009 година“, 2009) и на Меѓународните летни филмски школи во Шибеник, 1982 – 1984 и во Тракошчан (1985/86).

Соработувала во изготвувањето на Филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб, 1982-1986, на Македонската енциклопедија на МАНУ и на повеќе енциклопедиски изданија на издавачот „Детска радост“. Била уредник на изданието „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“ (16-та книга од макропроектот „Историја на културата на Македонија“, МАНУ, 2007), приредувач е на монографиите за „Трајче Попов“ (Кинотека на Македонија, 2012) и за „Бранко Гапо“ („Матица македонска“, 2016) и редактор е на „Хронологијата на македонската кинематографија 1895-2014“ („Кинопис“ 45/46, Кинотека на Македонија, 2014). Била дел од авторските тимови за проектите „Филмското столетие во Македонија“ (Списание „Екран“ и Кинотека на Македонија, 1995), „Векот на филмот во Македонија“ – ретроспективна изложба, „Кинопис“ 13, ЦД-ром (Кинотека на Македонија, 1995-1999) и ЦД-ромот „100 години македонски филм“ (Друштво на филмските работници на Македонија и Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, 2005).

Со свои авторски трудови учествувала во повеќе монографски изданија – „Veljko Bulajić, Vlakom bez voznog reda u povijest filma“, Zagreb/Čakovec, 2015; „Кирил Ристоски“, Македонски народен театар, Скопје, 2013; „Ристо Шишков“, Фестивал на камерен театар, Струмица, 2002; „Петре Прличко“, „Магор“, Скопје, 2004; „Илија Милчин“, Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, Прилеп, 2003; „Мери Бошкова“, автор Иван Ивановски, „Македонска книга“, Скопје, 2003; „Нада Гешоска“, автор Иван Ивановски, Драмски театар, Скопје, 2002; „France Štiglic“, автор Тоне Фрелих, Љубљана, 2002.

Во рамките на кинотечната дејност Петрушева објавува авторски студии за Столе Попов, Бранко Гапо и Љубиша Георгиевски, за македонскиот филм пишува во специјализирани изданија на Шпанската и Хрватската кинотека, а за потребите на Македонската кинотека, меѓу друготo, објавува авторски прилози за бројни светски кинематографии како на пример за советскиот/рускиот, шпанскиот, чешкиот, јапонскиот, латиноамериканскиот филм, но и за светски познати автори како Глобер Роча, Рајнер Вернер Фасбиндер, Иштван Сабо, Андреј Тарковски, Карлос Саура, Луис Буњуел и многу други. Преведува стручни филмолошки трудови од француски, шпански, италијански, руски, словенечки, хрватски и бугарски јазик. Библиографијата на Петрушева брои повеќе од 1800 библиографски единици.

Автор е на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ („Македонска реч“, 2005), „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011) и „Само сонот е стварност – од бележникот на еден филмолог“ („Македоника литера“, 2014). Во ракопис во електронска форма го изработила истражувачкиот труд „Филмолошка библиографија 1897-1944“. Уредник е на книгата на д-р Александар Трајковски „Музиката во македонскиот игран филм – од ’Фросина’ до ’Лазар’“.

Исто така, била супервизор на повеќе стручни изданија на Кинотеката, уредник на каталозите за Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ (Битола, 1991-1994) и на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ (Скопје, 2011-2013), комесар на бројни филмски претставувања и изложби во земјава и странство, модератор на повеќе трибини и тркалезни маси посветени на филмската уметност, изготвувач на повеќе анализи – „Состојбата на киномрежата и филмскиот репертоар во СРМ“ (за потребите на Министерството за култура и СИЗ-от за култура на Македонија, 1982), „Значењето на Заводот за културно-просветен и наставен филм и неопходноста од неговото заживување“ (за потребите на Секретаријатот за култура на СРМ, 1979), изготвувач на историографската студија „Развој на македонската кинематографија од 1947 до 2000 година“ (за потребите на Министерството за култура и на Европската комисија, 2000), раководител на тимот за Стратегијата за реформи и понатамошен развој на македонската кинематографија (за потребите на Министерството за култура и на Европската комисија, 2001), соработник во изготвувањето на Законот за заштита на аудиовизуелни дела (Министерство за култура, 2007), изготвувач на анализата за состојбите во македонската кинематографија (Совет за култура на Министерот за култура, 2009), дел од тимот за изготвување на проектната програма за реставрација на Бардовските конаци (Кинотека на Македонија, 2009) и многу други активности.

За својата плодна работа, Илинденка Петрушева е добитник на наградите „Почесен медал“ на УНИКА (Меѓународна унија на аматерскиот филм) за афирмација и популаризирање на аматерскиот филм (2000), „Златен објектив“ на Кинотеката на Македонија за исклучителен придонес во македонската кинематографија (2017) и престижната државна награда „11 Октомври“ (2017) за животно дело – за повеќедецениски значајни остварувања и ангажмани во областа на кинематографијата.

Илинденка Петрушева почина по кусо боледување на 5 септември 2025 година. Со нејзиното заминување Кинотеката на РС Македонија загуби искрен пријател и неуморен работник, вистински вљубеник во филмската уметност, а Република Македонија исклучително голем културен деец, кој остави трајна трага на македонската културна сцена. Со длабока почит и искрена благодарност – Бог да ја прости и вечна ѝ слава!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот