
Имаме претседателка, ама многу малку газдарици на фирми- за родова еднаквост зборуваме само на 8 Март…
Интересно е и дека македонските жени сакаат да работат во законските рамки, односно бегаат од „сивата економија“. Така, жените се генерално помалку застапени во неформалното вработување со 28,2 отсто, за разлика од мажите, кои под радарот на државата ги има над 44 отсто
Во 2024 година Македонија ја доби првата жена Претседател на државата, ама само една четвртина од фирмите се раководени од жени. Најновата статистичка анализа за женско-машката социо-економска положба во земјава, покажува дека од вкупниот број работодавачи во 2023 година, само 27,2 биле жени. Слично на тоа, 78,5 отсто од вработените за сопствена сметка се мажи, додека 21,5 отсто се жени.
Препорачано
И во 2023 година, остануваме со истата тажна слика што посочува дека најголем број неплатени семејни работници се жените од руралните средини – вкупно 9.387, но и дека жените и натаму се помалку платени од нивните машки колеги. Интересно е и дека македонските жени сакаат да работат во законските рамки, односно бегаат од „сивата економија“. Така, жените се генерално помалку застапени во неформалното вработување со 28,2 отсто, за разлика од мажите, кои под радарот на државата ги има над 44 отсто.
– Во Македонија во 2022 година, вкупната просечна годишна бруто-заработувачка била 576.298 денари. Мажите заработувале повеќе – 615.725 денари, додека жените имале дури 100 илјади помалку на име годишна просечна заработувачка – 532.625 денари. Најголема разлика во просечната годишна бруто-заработувачка помеѓу мажите и жените има кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Од аспект на степенот на образование, најголем родов јаз се јавува кај вработените со високо образование. Просечната месечна бруто-заработувачка во октомври 2022 година кај мажите била 51.470 денари, додека кај жените изнесувала 44.881 денари. Најголема разлика во просечната месечна бруто-заработувачка во октомври 2022 година помеѓу мажите и жените е кај вработените на возраст од 45-49 години. И во оваа категорија, најголем родов јаз се јавува кај вработените со високо образование. Највисока просечна бруто-заработувачка од час e 335 денари и се забележува кај мажите на возраст од 35-39 години, додека кај жените изнесува 296 денари на возраст од 60 години и повеќе. Според степенот на образование, највисока просечна бруто-заработувачка од час се забележува кај вработените со високо образование, и тоа 429 денари кај мажите и 349 денари кај жените – покажува најновото статистичко истражување.
И во урбаниот и во руралниот дел од државата најголем дел од вработеното население има завршено 4-годишно средно образование, односно 44,4 отсто од вработените жени и 50,5 отсто од вработените мажи.
Жените бегаат од криминалот
Македонските жени не влегуваат во филмот за „Бони и Клајд“, што ќе рече дека многу помалку се занимаваат со криминални активности и многу помалку се застапени во системот на кривичната правда отколку мажите. Генералната слика е иста и за малолетните лица на возраст под 18 години. Во 2023 година, жените претставуваат 12 отсто од лицата пријавени како сторители на кривични дела, 9 отсто од обвинетите и исто толку осуденички за сторени кривични дела. Девојчињата се уште поретко застапени во системот на кривичната правда отколку возрасните жени.
Во 2023 година, девојчињата се застапени со значително помали проценти, односно 6 отсто се сторителки, 5 отсто се обвинети и 5 отсто се осудени за кривични дела. Од вкупно 6528 осудени полнолетни лица за кривични дела, жените се застапени со само 9 отсто наспроти 91 % мажи. Жените се најмалку застапени како сторителки на кривично дело „убиство“. Жените се повнимателни возачи и значително помалку ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот од мажите, односно 9 отсто жени, наспроти 91отсто мажи кои биле осудени за извршување на ова кривично дело во 2023 година.