
Иљас одби да претседава со Комисијата за социјална политика, на Гаши му пропадна првиот обид за деблокада
Пратеникот од Европскиот фронт, Бејџан Иљас, нема да претседава со Комисијата за социјална политика иако претседателот на Собранието, Африм Гаши, него го назначил да раководи со работното тело, откако на експретседателката Илире Даути ѝ беше изгласана недоверба.
Препорачано
Иљаз за „Слободен печат“ вели дека седницата нема да се одржи зашто Гаши без консултација со него ја закажал и него го назначил за претседавач. Тој вели дека од субјективни причини денеска не е во можност да претседава со седницата, но и да можел тој нема да раководи со Комисијата за социјална политика зашто смета дека по интерпелацијата и оставката на Даути од претседателската позиција на тоа место треба да се избере нов претседател.
-Нема да претседавам со Комисијата за социјална политика поради болест на член на семејството. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред да ја закаже седницата на Комисијата, не ме консултираше. Пораката за седницата од претседателот ја добив во петокот попладне и утрово ќе ги информирам собраниските служби дека нема да претседавам со седницата. Но и да не беа субјективните причини, јас не гледам оправдана причина јас да претседавам со Комисијата поради начинот на кој, на колешката Даути ѝ беше изгласана интерпелацијата, по што таа поднесе оставка од претседателка на тоа работно тело – вели Иљас за „Слободен печат“.
Тој смета дека треба да се избере нов претседател на Комисијата на местото на Даути или со работното тело треба да претседава заменик-претседателот. Иљас решението го гледа во договор меѓу парламентарните партии за местото претседател на Комисијата за социјална политика, зашто како што вели, со таа Комисија треба да раководи пратеник од опозицијата. За да нема застој во работата на Собранието, Иљас смета дека законите кои треба да бидат разгледани во Комисијата за социјална политика, да бидат ставени во други комисии, како што тоа за одредени закони веќе се случило.
Според ова, денеска ќе пропадне обидот на Гаши за деблокада на Комисијата за социјална политика, откако тоа работно тело остана без претседател. По интерпелацијата и оставката на Даути, Европскиот фронт информираше дека до претседателот Гаши нема да достави нов предлог за претседател на работното тело.
Претседателот на Собранието, повикувајќи се на членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието, ја свика седмата седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади за 10 март, со почеток во 11.30 часот, се вели во дописот од Гаши.
-Ве известувам дека согласно членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија со седмата седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, ќе претседава членот на Комисијата, пратеникот Бејџан Иљаз. Во случај на спреченост на членот на Комисијата за присуство на седницата, потребно е навреме да го известите претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и претседавачот со оваа седница на Комисијата и да определите заменик од редот на замениците членови на оваа Комисија – пишува во дописот од Гаши.
На Даути на почетокот на годинава, со 61 глас „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието ѝ изгласа интерпелација. Интерпелацијата беше поднесена од пратениците на Левица, а со изјаснувањето на мнозинството пратеници кои ја поддржаа, Собранието констатира дека наводите во неа за работата на Даути се основани. Во образложението на интерпелацијата беше наведено дека претседателката на Комисијата со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочи постапката за носење на Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата.
По речиси една недела откако ѝ беше изгласана интерпелација, Даути на 16 јануари си поднесе оставка. Оттогаш Комисијата за социјална политика не заседавала.