
ИЈЗ: Дебелината е болест со длабоки корени – мора да се демотивира купувањето храна што дебелее
По повод Светскиот ден на дебелината, Институтот за јавно здравје на Македонија со едукативни материјали се обидува да ја крене свесноста за оваа здравствена состојба за граѓаните да живеат поздраво во иднина. Според ИЈЗ, за да се променат состојбите со дебелината, треба да се влијае на причините кои доведуваат до неа. Во својот промотивен материјал ИЈЗ ја третира дебелината како болест.
Препорачано
Недоволното обрнување на внимание на болеста од која било причина, може да го отежне нејзиното лекување. Затоа мора да ја подигнеме свеста и да го подобриме пристапот до соодветни информации, велат оттаму.

Меѓу причините за појава на дебелината, ИЈЗ ги наведува биологијата, храната, генетскиот ризик, пристапот до здравствена заштита, животните настани, маркетингот на храната, менталното здравје и сонот.
Дискриминацијата и стигмата поврзани со тежината и дебелината може да имаат негативни последици врз луѓето кои живеат со дебелина, велат од Институтот за јавно здравје.
Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место. Во Македонија, како и ширум светот, постојат сè поголеми стапки на дебелина. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 30,4 проценти од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13,8 проценти живеат со дебелина, а 4,4 проценти со екстремна дебелина.
Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни. На Светскиот ден на дебелината 2025 година, време е да се обединиме за промена системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме таканаречената „обезогена средина“.
Дебелината не е само проблем за поединците. Таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лоши избори, туку и од системи кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа. Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс-масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниските нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики, порачуваат од Институтот за јавно здравје.
Оттаму додаваат дека решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап.
Потребно е да работиме на промената на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје.
Истовремено, здравствениот систем во Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки.
Локалната самоуправа има клучна улога во создавањето на услови кои ќе овозможат поголема физичка активност и здрави навики. Изградбата на јавни зелени површини за рекреација и развој на инфраструктура за пешачење и велосипедизам се неопходни чекори за поттикнување на здравиот начин на живот. Работодавците, исто така, можат да играат важна улога во намалувањето на стигмата и во создавањето на работни услови кои ги поддржуваат здравите навики.
Дебелината не е само резултат на лоши избори или недостаток на дисциплина. Таа е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни здравствени проблеми, како што се срцеви заболувања, дијабетес и рак.
Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман. На Светскиот ден на дебелината, ги повикуваме донесувачите на одлуки да дејствуваат брзо и ефективно за промената на системите кои ја предизвикуваат оваа здравствена и општествена криза. Без комплексен и системски пристап, проблемот со дебелината ќе продолжи да расте, создавајќи огромен товар на здравствениот систем и општеството, истакнуваат од ИЈЗ.