„Игра на нерви“ поради неврологот Таравари

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Дали угледот што лидерот на АА го ужива во Гостивар ќе донесе дополнителни политички поени за албанската опозиција тешко е да се каже, со оглед на моќта на ДУИ. Но, „играта на нерви“ што ја наметна неврологот Таравари ги покажа првите „симптоми“.

Таравари не е судбоносен за иднината на државата, изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, по расколот во довчерашниот „стабилен“ владин партнер Алијанса за Албанците. Но, дали одлуката на претседателот на Алијанса, Арбен Таравари, да ѝ се приклучи на опозицијата ќе биде судбоносна за (не)формирањето на Европски фронт на СДСМ и ДУИ?
Судот најверојатно ќе решава кој од двајцата актуелни фронтмени во АА, претседателот на партијата Арбен Таравари и претседателот на Централното собрание Зијадин Села, има право да го користи партискиот печат. Во таа правна битка нема да помогне фиктивното лицитирање на двете страни со бројот на поддржувачи. Засега, обезбедувањето парламентарно мнозинство за разрешување на министрите поддржувачи на Таравари, Фатмир Меџити и Азир Алиу, му даде предност на крилото на Села, што не мора да значи дека тоа е вистински одраз и на состојбата на теренот спроти претстојните избори.

Изет Меџити, лидер на опозициското Демократско движење, смета дека приклучувањето на Таравари кон Европскиот сојуз за промени (ЕСП) ќе значи доминација на нивните лидери во три значајни општини за албанскиот блок – Чаир, Тетово и Гостивар. Анкетите не ја потврдуваат таа доминација, иако треба да се има предвид дека шестата изборна единица дава најмногу пратеници Албанци.

Дали угледот што неврологот го ужива во својот Гостивар ќе донесе дополнителни политички поени за албанската опозиција тешко е да се каже, со оглед на моќта на ДУИ како партија што две децении е дел од власта. Но, „играта на нерви“ што ја наметна неврологот Таравари ги покажа првите „симптоми“ – куршуми од калашников пред вратата на неговиот дом, тепачки меѓу партиски неистомисленици, смена на директори…

Во битката за превласт со Села, Таравари триумфално најави дека Алијансата во 2025 година ќе биде најголема партија во албанскиот блок, навестувајќи со тоа победа против ДУИ, заедно со ЕСП. За остварување на таа цел, би му била добредојдена претседателската кандидатура што му ја понуди албанската опозиција. Од денешна перспектива, по расколот во Алијансата, евентуално прифаќање на понудата на ЕСП би се доживеало како жртвување на партијата заради негова лична политичка амбиција. Затоа, тешко е да се поверува дека Таравари ќе игра на таа губитничка карта.

Од друга страна, Села сега ќе мора да го притиска членството за самостоен настап на изборите за да не ја потврди тезата на Таравари дека неговите противници во партијата се продолжена рака на ДУИ. Тоа нема да биде лесно, зашто и во Алијансата веројатно за една година владеење на централно ниво се „накотиле“ доволно клиентелисти, залегнати во фотелјите на јавни претпријатија и државни агенции.

Изјавата на Села, пак, со која бара прво уставни измени, па потоа формирање нова Влада, ја покажува неговата непоколеблива определба за т.н. Европски фронт. Таа негова резолутност остава посилен впечаток од албанската позиција, која е попрепознатлива по својата поврзаност како со папочна врвца со косовскиот премиер Албин Курти, кој очигледно сака да се наметне како сеалбански „газда“ во „западнобалканската крчма“. Оттаму и пораките на српскиот претседател Александар Вучиќ, која се разбира е за внатрешна употреба откако Курти наметна иницијатива со „забраната“ на српскиот динар како валута во Косово.

Спасувањето на техничката влада (каков нонсенс!) е само првата добиена битка, по која вицепремиерот Артан Груби на Фејсбук им напиша порака на граѓаните „да спијат мирно додека Али Ахмети се грижи за сите нас“. Сонот на интегративците по поделбите, прво во нивната партија, а сега и во Алијансата, е далеку од мирен, независно што по секоја поделба се претставуваат како победници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот