
И шума се исече и пари се потрошија, но патот од Водно за Сопиште уште е неупотреблив
Од Јавното претпријатие за државни патишта во чија надлежност е патот од Водно до Сопиште нема одговор дали се санирани свлечиштата ниту кога конечно ќе биде ставен во функција.
Цели седум години откако е завршена неговата изградба, патот што води од Водно за Сопиште, не е официјално пуштен во употреба. Изговори за тоа има многу, но главната пречка е свлечиштето кое се појави откако беше завршен и за кое досега очигледно не се најде решение како да се санира. Или едноставно сите институции го заборавија иако за изградба на делницата долга 4,4 километри се потрошија 7,7 милиони евра.
Препорачано
Со проблемот со одрони и свлечишта, се соочуваше и изведувачот на градежните работи „Гранит“, поради што беа пробиени роковите за градба, а сепак надлежните во 2017 година се пофалија дека изградбата е целосно завршена иако свлечиштата на патот останаа.
Пробивањето на регионалниот пат Р2138, кој беше еден од условите за да започне изградбата на елитната населба Сончев Град, почна во 2013 година и 11 години подоцна сѐ уште е со пречки на двата негови влеза, затоа што никој не може да им ја гарантира безбедноста на граѓаните доколку го поминуваат со автомобил. Неговото пуштање во употреба со години го очекуваат жителите на Сопиште и на другите населени места во тој дел, затоа што наместо да кружат преку Кисела Вода, за многу побрзо време би можеле да стигнат до центарот на Скопје. Во моментов патот го минуваат само моторџии и велосипедисти на сопствен ризик.
Направен, но недоправен – шест години се чекаат измените во градба на патот од Водно до Сопиште
Од Јавното претпријатие за државни патишта во чија надлежност е патот од Водно до Сопиште не одговараат дали се санираа свлечиштата ниту кога конечно ќе биде ставен во функција. Претходните две години оттаму соопштуваа дека во текот на градбата се појавила потреба за одредени измени и дополнувања на проектната документација, коишто се опфатени со изработка на нова проектна документација на ниво на инфраструктурен проект. Признаа и дека при пробивање на трасата направени биле отстапувања од градежната линија.
– Измените и дополнувањата го опфаќаа препроектирање на дел од трасата, проектирање три потпорни конструкции, како и дополнително осигурување на стабилност на косината од високиот засек. Во текот на градбата при пробивање на трасата и оформување на косините на делови во должина на трасата на терен направени се отстапувања во однос на градежната линија која е предвидена во одобрениот проект за инфраструктура. Поради сите горенаведени настанатите промени потребно беше да се изработи измена и дополнување на одобрениот проект за инфраструктура – информираа лани од претпријатието.
Новиот проект за инфраструктура уште минатата година беше одобрен од Министерството за транспорт и врски и во тек беше постапка за „измени во тек на градба“ кои исто така требаше да ги одобри Министерството, по што требаше да се изврши технички преглед и да се издаде дозвола за употреба.
Досега тоа не се случи, а од јавното претпријатие не одговараат на прашањата дали веќе се санирани проблемите на патот.
После седум години откако го прогласија за изграден ( но очигледно недограден) и делот од патот каде немаше свлечишта ќе остари и ќе почне да се уништува.
Се чувствува ли некој одговорен за лошата изведба на патот, за залудно фрлените пари и конечно затоа што за неговото пробивање и покрај жестоките противења на граѓаните и граѓанските организации, се исече шума на Водно, се уништи дел од планината?