
И Карла дел Понте побара судско гонење на лидерите на Хамас и на Израел поради воени злосторства
Карла дел Понте, поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, се придружи на повиците за гонење, судење и казнување на сите што се одговорни за воени злосторства во војната помеѓу Израел и Хамас.
Препорачано
Дел Понте во текст за порталот „Политико“ тврди дека Карим Хан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, треба да се охрабри да спроведе решителна акција за посочување одговорност за воените злосторства и за отворање случаи.
– Со убиството на стотици израелски цивили, грабнувањето заложници и стрелањето ракети врз Израел, Хамас испровоцира израелски одговор. Но, овој одговор е крајно диспропорционален и индискриминирачки. Илјадници палестински цивили се веќе мртви, цивилен имот се уништува на големо и повеќе од 1 милион луѓе во Газа се раселени. Организации за човекови права и експерти од Обединетите нации почнаа да говорат за етничко чистење, дури и за геноцид, толку е голема нивната загриженост за израелските акции – наведува Дел Понте во текстот што го потпишува заедно со својот поранешен колега Греем Блуит.
Поранешните обвинители истакнуваат дека Меѓународниот кривичен суд може да има улога во посочувањето на злосторствата и во овој момент клучот е кај Хан, кој „има можност да ги стави жртвите пред реалполитиката“.
– Блискиот Исток сега оди кон смртоносна бездна, а Римскиот статус на МКГ наведува дека „тешките злосторства се закана за мирот, безбедноста и благосостојбата на светот“. Клучниот следен чекор ќе биде да се објават налози за приведување политички и воени лидери, без оглед дали се од Хамас или од Израел, и американската наметка не смее да ги заштити вторите од одговорност. МКГ не само што ќе ги потсети оние на власт да ги почитуваат меѓународните закони, туку и да им обезбедат правда на жртвите во контекст кога предолго надвладејува неказнивост – заклучува Дел Понте.