И да е црна и да е бела кампањата, граѓаните ќе се изнаслушаат сѐ и сешто

Власта и опозицијата се обвинуваат кој повеќе ќе води црна кампања до изборниот ден на 12 април. Премиерот Спасовски во интервју за ЕУОбсервер рече дека очекува една од „највалканите“ изборни кампањи досега, но дека државата има капацитет да организира фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ќе одлучат по кој пат ќе оди земјата.

– Сигурен сум дека оваа изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјата. Сигурен сум дека лажните вести и медиумската пропаганда ќе бидат секојдневие за време на изборите – вели Спасовски во интевјуто.

Од ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат со ваквите констатации на Спасовски, но не и со тоа дека тие ќе ја водат. Според нив власта веќе започнала со валканата кампања, со непочитувањето на Пржинската влада, со разрешувањето на еден од министрите и со блокирањето на работата на министерот за внатрешни работи, со отворањето на 15 илјади работни места во услови на формирана техничка Влада. Високиот партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски вели дека во рацете на власта биле сите механизми за валканата кампања.

– Индиции за поткуп стигнуваат секој ден. Најранливите категории веќе се посетуваат од гласачи на СДСМ. За ова, утре на средба, ќе го информирам амбасадорот на ОБСЕ во Македонија. Ги повикувам на засилен мониторинг на изборите од сега, а не само на денот на гласањето. По однос на кампањата, таа неформално веќе е почната, формално ќе почне 20 дена без избори. Се надевам дека СДСМ ќе собере сили да имаме една фер и чесна кампања и да го признаат поразот после тоа – вели Николовски.

И од СДСМ со обвинувања, но дека ВМРО-ДПМНЕ ја продолжила праксата на корумпирање на медиумите за ширење на лажни вести. Повикувајќи се на новинарско истражување на словенечки медиум дека два милиони евра од Унгарија завршиле во медиуми познати по ширењето на лажни вести и конструкции, партијата на Мицкоски продолжува со црни пари финансираат медиуми кои се против успехот на државата и проив интересите на граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ спроведува црна медиумска кампања против државата, со цел да се врати на власт и да го амнестира Никола Груевски и сите други партиски криминалци.

Сега е јасно како Центарот за лаги и манипулации на опозицијата, продуцира толку лажни случаи против Владата, ги пласира во медиумите под нивна контрола, а потоа ги прераскажува од белиот дворец. Ним очигледно им помагаат надворешни анти- државни фактори, коишто со корумпирање на медиумите, ја загрозуваат демократијата и европската иднина на државата.

СДСМ бара надлежните институции по допрен глас да постапат по објавените информации и да го испитаат начинот на финансирање на одредени медиуми.

Од партијата потенцираат дека премиерот Оливер Спасовски ја констатирал фактичката состојба на политичката сцена во државата. Посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ секојдневно шири лаги и манипулации за да ги забошотат нивните криминалии.

– СДСМ повикува на смиреност од сите политички чинители особено кога знаеме колку се важни овие избори бидејќи се одвиваат во период кога Македонија очекува одговор од ЕУ за отпочнување на преговорите. Тоа е наша стратешка определба и заложба на сите политички партии, во изминативе години. Но гледаме како ВМРО-ДПМНЕ се однесува анти државно и неодговорно и кон себе и кон државата. Последниот антидржавен елемент во државата наречен ВМРО-ДПМНЕ ќе го снема на изборите на 12 април – рече Костадин Костадинов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот