
И Ахмети сит, и Села и Таравари добија „број“, лидерот на ДУИ се договорил со „скараните“ како да ги поделат општините
И од Европскиот фронт и од двете aлијанси за „Слободен печат“ потврдуваат дека веќе е договорена поделбата на општините: ДУИ ќе номинира кандидати за градоначалници во 10 општини, АА на Таравари – во четири, и АА на Села – во три општини.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети изборната трка за градоначалници во октомври ќе ја трча со лидерите на двете крила на Алијанса за Албанците – Зијадин Села и Арбен Таравари. Тројцата челници постигнале начелен договор за поделба на општините на претстојните локални избори и наскоро се чека и официјално да си подадат рака, потврдуваат за „Слободен печат“ партиски функционери.
Договорено е Европскиот фронт, предводен од Ахмети, на изборите да настапи со заеднички листи, додека Алијанса на Таравари најверојатно со самостојна листа. Според договореното, резултатите од изборите ќе завршат на заедничко конто.
Препорачано
И од Европскиот фронт и од двете aлијанси за „Слободен печат“ потврдуваат дека веќе е договорена поделбата на општините, односно дека ДУИ ќе номинира кандидати за градоначалници во 10 општини, АА на Таравари – во четири и АА на Села – во три општини.
ДУИ ги доби Тетово, Кичево, Чаир, Липково…
Од поголемите општини битни за албанскиот електорат, Ахмети ќе истрча со кандидат во бастионот на Албанците – Тетово. ДУИ ќе има свој кандидат и во Кичево каде во вториот круг се очекува етничка битка со ВМРО-ДПМНЕ, потоа – во Чаир, каде силите ќе ги одмерат против поранешните сопартијци од Демократско движење на Изет Меџити од Вреди, како и во Липково, каде традиционално досега доминираат „интегративците“. Партијата на Ахмети ќе има свои кандидати за градоначалници и во Боговиње, Брвеница, Желино, Студеничани, Долнени и во Чашка.
Партнерот од Фронтот, Зијадин Села, ќе истрча со кандидати во Струга, Дебар и во Арачиново.
Потврда дека се финализира договорот стаса и од Кренар Лога од Алијанса на Села.
– Сите заедно се обединуваме за едно ново поглавје на успеси за Албанците и Северна Македонија. На тој пат ќе го спасиме и Вреди од канџите на ВМРО-ДПМНЕ, а и ВМРО-ДПМНЕ од „српскиот свет“ – напиша Лога на Фејсбук.
Бујар Османи од ДУИ, пак, на Фејсбук напиша:
„Заедно и подготвени за референдум против нарушување на дигнитетот“.
Алијанса на Таравари, пак, на изборите ќе настапи самостојно, но со поддршка од Фронтот, и тоа во општините Гостивар, Врапчиште, Сарај и во Теарце.
За да ја избегне нетрпеливоста меѓу Села и Таравари и за да не ги наруши релациите со другите партнери од Фронтот, а сепак сите да се „на купче“, соломонското решение на Ахмети е Алијанса на Таравари да настапи одделно од Европскиот фронт. Таравари најверојатно ќе оди и со одделни листи од Фронтот, но во сите општини каде што ќе има кандидати ќе има целосна поддршка од Европскиот фронт.
Ако договорот и официјално се формализира, ќе ја потврди стратегијата на Ахмети – да ја ослаби Вреди со излегувањето на Таравари од коалицијата и од Владата, и да најде формула, иако раскарани, Села и Таравари сепак на изборите да настапат заедно со него.
ДУИ синоќа, на седница на Централното претседателство, ги утврдила своите позиции. Според најавите, се очекува уште една средба на Ахмети со Села и со Таравари, на која треба да се официјализира договорот за изборите. За Ахмети претстојните локални избори се референдум, односно „дали ќе ги браниме вредностите на еднаквоста, институционалното достоинство на албанската заедница и европската перспектива или ќе ги нормализираме понижувањето, маргинализацијата и изолацијата“.
Оттаму додаваат дека Претседателството едногласно одлучило да му даде целосна поддршка на лидерот Ахмети, да ги „интензивира напорите за обединување на сите прогресивни сили, и во Европскиот фронт и во Националниот фронт, кон голема победа на сите“.
Ова навестува дека на изборите Европскиот фронт можно е да настапи како Национален фронт.
Рина Ајдари од ДУИ вели дека партијата одлучила на локалните избори да настапи како Европски фронт, или како што го нарекува ДУИ, Национален фронт. На прашањето дали коалицијата е преименувана, Ајдари рече:
– Национален фронт, Европски фронт, тоа е истата цел и верувам дека само во оваа форма ќе можеме да се спротивставиме на деструктивните, омаловажувачки политики на Владата – рече Ајдари.
Владините партнери со заемна поддршка уште во првиот круг
Од Вреди веќе потврдија дека Касами ќе бара втор мандат за Тетово. Иако за трет мандат за Чаир беше сигурен актуелниот градоначалник Висар Ганиу, по скандалот со дивоградбите од Вреди не ја потврдуваат неговата номинација. Во Гостивар и во Струга, Вреди речиси е извесно дека ќе истрча со независни кандидатури. За Струга се споменува бизнисменот Менди Ќира, а за Гостивар универзитетскиот професор Висар Адеми.
ВМРО-ДПМНЕ веќе објави кандидати за градоначалници во 33 општини. ВМРО-ДПМНЕ со ЗНАМ и со Вреди се во преговори за заемна поддршка во дел од општините, односно да го поддржат Максим Димитриевски за нов мандат во Куманово, како и за кандидатот за Центар и и некоја од општините Старо Нагоричане, Крушево, Дојран или Валандово. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ нема да номинира свои кандидати за градоначалници.
Очекувањата се дека ВМРО-ДПМНЕ нема да номинира кандидати во Гостивар и во Струга, туку уште во првиот круг ќе ги поддржи кандидатите на Вреди. Вреди треба за возврат да не истрча со кандидати за Скопје, Бутел…
СДСМ, иако најави за неделава, сè уште не објавил ниту една кандидатура. За Скопје во игра се ексминистерката за животна средина Каја Шукова и архитектот Мишко Ралев.