И 200 денари тегла ајвар стана „од евтините“

ајвар
Печење пиперки / Фото: Profimedia

Земјоделците велат дека нивните цени не се тие што толку многу ја поскапеа зимницата и ги обвинуваат трговците

Овогодишната зимница донесе непријатно изненадување за купувачите. Нема тегла ајвар под 200 денари. Сега ова е цената за „поевтиниот“ македонски кавијар. Скапи се и теглите со краставички, околу 80 денари, поголемите тегли ајвар со цена од 120 денари се рекламираат како на попуст, а вистински шок се замрзнати производи – кесите стануваат со сè помала грамажа, а зеленчукот и овошјето се поскапи. Од некогашните 500 грама, во последните неколку години кесите стана 450 грама, а сега веќе, најголем дел од нив се само 400 грама, но затоа најчестата цена на замрзната боранија и грашок со оваа грамажа е 90 денари.

Според преработувачите на зеленчук и на овошје, растот на цената главно се должи на зголемената цена на земјоделските производи.

– Добро помина сезоната на откупот, но цените беа многу високи, а откупот – стандардно неорганизиран. Така, забелешките се во насока на потешко снабдување и цените на суровини што беа главна компонента за зголемување на цените и на нашите производи – вели Сашо Ристевски, претседател на Асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук.

Tој вели дека во однос на работната сила, процесите во преработувачката индустрија сè повеќе одат кон автоматизација, што значи помала потреба од човечкиот фактор.

– Фабриките сè повеќе се автоматизираат, со цел да ја елиминираат потребата од сезонска работна сила, но факт е дека таа недостига, како всушност во сите индустрии. Но, фирмите имаат можност преку ИПАРД-фондовите да земат посовремена опрема што ја носи автоматизацијата, со што се намалува влијанието на работната сила – вели Ристевски.

Сепак, дел од производителите, но и самите земјоделци го потенцираат растот на цената на работната рака. Земјоделците масовно огласуваа дека бараат берачи, и се жалеа дека за 1.200 денари, па и за 1.500 денари дневница никој не сака да бере. Статистичките податоци покажуваат дека просечната исплатена нето-плата во секторот производство на храна е поголема за 14,5 проценти во првите 9 месеци од годинава во однос на истиот период лани.

– Преработувачката индустрија обично се врзува со минимални плати, но верувајте веќе ниту огласуваме, ниту примаме нови работници со минимална плата – ни кажа специјалист за човечки ресурси.

Наспроти растот на цените на суровините и на работната рака, факт е дека се намалила цената на енергенсите. И статистичките податоци покажуваат дека се намалуваат трошоците за земјоделското производство, но дека во спротивна насока растат цените во земјоделието (производството од земјоделскиот сектор, откупеното или продаденото надвор од Секторот). Таква е состојбата во сите клучни месеци за преработувачката индустрија. Во јули, влезните трошоци се намалиле за 4,3 проценти во однос на ланскиот јули, а имало раст на излезни цени за 16,2 проценти, во август годишните трошоци за производство се намалиле за 2 проценти, а излезни цени се зголемиле за 15,6 проценти, во септември соодносот е минус 2,4 проценти, наспроти растот од 9,2 проценти и во октомври има годишен пад на влезни трошоци од 4,2 проценти, наспроти растот од 6 проценти на излезната цена.

Земјоделците, пак, велат дека на нивната мака заработуваат трговците и дека тие немаат директен контакт со преработувачите.

– Продажбата на градинарски производи за конзервната индустрија годинава помина добро. Но, цените што ги гледате на конзервираните преработки не се резултат на таков раст на нашите цени, туку тоа се должи на калкулациите на трговците. Тие ги прават големите цени. Колку за илустрација, јас ја давав лутата пиперка 60 денари, а во Скопје на пазарите беше по 160 денари. Така е и со индустрискиот зеленчук – вели Ристо Велков од „Агросојуз“ – Струмица.

Што се однесува до индустриската пиперка која е најактуелна за зимницата, Велков вели дека се задоволни од цената што ја постигнаа оваа откупна сезона.

– Во зависност од квалитетот, годинава индустрискиот пипер го продававме од 25 до 40 денари за еден килограм – вели Велков.

Во глобални рамки, пак, замрзнатото овошје и зеленчук имаат голем раст. Белгија е светски лидер во извозот на замрзнато овошје и зеленчук. Во топ-3 се и Кина и Полска. Го забележуваме шестото место – Србија која годишно заработува повеќе од 700 милиони долари од извозот на замрзнато овошје и зеленчук. Најголемиот дел од овој приход за Србија го носат замрзнатите малини. Македонија минатата година извезла замрзнат зеленчук за 8,9 милиони евра, што е 16,6 проценти повеќе отколку во 2021 година, покажуваат податоците на Ворлд експорт. Увозот, пак, на замрзнат зеленчук бил 4,5 милиони евра во 2022 година што е 6,6 проценти повеќе отколку во 2021 година. Врвни наши партнери во увозот на замрзнатиот зеленчук се Србија со 82 проценти и Босна и Херцеговина со 1,36 проценти и Црна Гора со 12,1 проценти и Шпанија со 2,1 процент, покажуваат податоците на меѓународниот проект „Ист фрут“ што неодамна ги објави податоците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот