пиперки
Црвени пиперки - ајварки/Фото: Unsplash

Хрватите ни вратија пиперки ајварки, имале високо ниво на пестицидот метомил?

Агрономот Ристо Велков за „Слободен печат“ вели дека ова е препарат кој се користи за прскање на пиперките, а секако е опасен во зголемени количества. Ова дава лоша слика за македонското земјоделство, бидејќи нè класифицира како ризична земја, велат eкспертите

Високи нивоа на токсична хемикалија што може сериозно да го загрози здравјето на луѓето се откриени во свеж зеленчук од Македонија, објави Даница.хр. Се работи за македонски свежи црвени пиперки, кои се продавале на хрватскиот пазар, а тестирањето на примероците открило високи нивоа на забранетиот пестицид метомил, кој е многу токсичен за луѓето.

Анализите покажале дека во македонските пиперки за ајвар имало 0,049 милиграми на килограм, што е пет пати повисоко од дозволената вредност. Инспекторите наредиле повлекување, но не се наведува каде се продавале сомнителните пиперки. Европскиот орган за безбедност на храната вели дека здравствениот ризик бил сериозен. Проблемот е што примероците од пиперки беа анализирани на 23 септември – а известувањето пристигна дури вчера – така што голем дел од зеленчукот веројатно веќе е изеден.

Агрономот Ристо Велков за „Слободен печат“ вели дека ова е препарат кој се користи за прскање на пиперките, а секако е опасен во зголемени количества. Сепак, Велков се сомнева дека можеби се работи за нетарифна бариера за да се заштити хрватското производство на црвени пиперки. Инаку во моментов сè уште трае откупот на црвената ајварка пиперка од Прилепско, а цената е симната на 20 денари за килограм.

-Метомилот е поопасен ако пиперките се одгледуваат во затворен простор, а неговото дејство исчезнува по неколку дена откако се набрани. Интересно е што анализите се направени дури пред две недели, а сега се известува за нив. Можеби овој увоз се споил со понудата на хрватски пиперки, којзнае – вели Велков.

Домашните агроексперти не се изненадени од овие вести и велат дека не само што е сериозно загрозено здравјето на граѓаните, туку ги одбиваме и сите оние што можеби имале намера да увезат зеленчук или овошје од нашата земја.

-Најважното прашање е кој советува и продава вакви заштитни материјали на нашите земјоделци во аптеките. Системот RASFF го следат сите потенцијални увозници, како и странски експерти. Ова дава лоша слика за македонското земјоделство, бидејќи нè класифицира како ризична земја – велат нашите извори.

Пред две години, Хрватска откри и остатоци од забранет формат на пестицидот форметанат во свежа слатка пиперка од Македонија што се продаваше во малопродажните синџири. Форметанатот е исклучително ефикасен инсектицид што се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но е забранет во ЕУ поради сомневања дека може да влијае на здравјето на луѓето.

Странските медиуми постојано предупредуваат дека опасни производи збогатени со тешки метали, пестициди, болести и бактерии циркулираат на светските пазари. Токму поради оваа причина, Европската Унија, преку Системот за брзо предупредување RASSF, редовно ги предупредува земјите членки да спроведуваат зголемени контроли при увоз на храна што претставува позната или непосредна опасност. На листата се наоѓаат и Бразил, Индија, Египет, Индонезија, Мароко, Турција, Австралија и соседна Србија.

Во светот се користат повеќе од 1.000 видови пестициди

Ни Македонија не е имуна на контаминирана храна, а во последните години, од полиците се повлечени десетина прехранбени производи чија консумација е опасна за здравјето на луѓето. Сладолед, млечни производи, додатоци во исхраната, путер од кикирики, виршли, сок од јаболка, чоколадо, суви смокви… Можеме само да замислиме што има на овошјето и зеленчукот што е прскано десетици пати, а некои како јаболката и до 30 пати! Во светот се користат повеќе од 1.000 видови пестициди, а речиси сите од нив се класифицирани како одредена група отрови – за многумина е докажано дека се канцерогени и токсични за човечкото тело. Дури и „мал“ дневен внес на пестициди има разорно дејство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот