
Хрватите иронизираат дека е најдобро секоја година да има избори, така цените постојано ќе бидат ниски
Знаците за заштеда на паричниците на потрошувачите веќе една недела ги красат полиците на трговските синџири во Хрватска. Граѓаните не ги теши тоа што владата ги ограничи цените на 30 артикли, бидејќи во последните две години прехранбените производи поскапеа за повеќе од 30 проценти. Така, за многу граѓани влегувањето во продавница стана потрага по поевтини производи. Претприемачите сметаат дека Владата со новите мерки, зема од сиромашните – граѓаните, со цел да „испумпаат“ пари во јавната администрација и во државниот буџет. Решението го гледаат во намалување на ДДВ-то. Во спротивно, велат, ќе следи контраефектот.
Препорачано
„Производителите ќе се обидат да најдат начин да ги обележат производите на поинаков начин за да можат да ги продаваат по нормални цени. Исто така, трговците, особено големите трговски синџири, наместо квалитетни производи со ограничена цена можеа да увезуваат неквалитетни производи од странство, кои се направени којзнае кога и од кое потекло“, вели Дражен Орешчанин од Здружението „Гласот на претприемачите“, анализира Н1 Хрватска.
Проблемот со мерките експертите го гледаат и во изедначување на цените на премиум производите со цените на брендовите, па поскапите артикли чија цена сега е ограничена се потешко се наоѓаат на полиците. Најголема разлика се забележува кај тестенините, оризот и тоалетната хартија, кои од нешто повеќе од пет евра се симнаа на три евра. Дистрибутерите предупредуваат дека регулирањето на цените ќе доведе до нарушување на пазарот. Очекуваат ваквите мерки да бидат суспендирани и дека ќе биде покорисно да се заштитат најранливите групи – пензионерите и семејствата со деца.
И малите трговци се жалат дека добавувачите од 1 октомври им испратиле нови поскапи ценовници. Цените се повисоки за пет до дури 10 проценти. Велат дека доколку продолжи трендот откупната цена да биде повисока од продажната, многумина ќе мора засекогаш да ги заклучат вратите.
Антун Тројант, претседател на Хрватската занаетчиска комора (ХОК), вели дека граѓаните се исцрпени од огромните поскапувања, па секоја мерка личи на предизборна финта.
-Најдобро би било секоја година да има избори во Хрватска, тогаш веројатно секоја година ќе имаме некакви придобивки, вели Тројант.