
Холивуд го бојкотира Израел: Повеќе од 1.200 филмски работници го потпишаа апелот против геноцидот
Повеќе од 1.200 актери, режисери и други филмски работници потпишаа нов јавен апел и се обврзаа дека нема да соработуваат со израелските филмски институции, „кои се вклучени во геноцидот врз палестинскиот народ“.
Препорачано
„Како филмски создавачи, актери и работници во филмската индустрија, ја препознаваме моќта на филмот да ја обликува перцепцијата. Во овој момент на криза, кога многу од нашите влади го овозможуваат уништувањето во Газа, мораме да направиме сè што можеме за да се спротивставиме на соучеството во таа трагедија“, се наведува во соопштението, пренесува „Гардијан“.
Меѓу потписниците се наоѓаат режисерите Јоргос Лантимос, Ава ДуВернај, Асиф Кападија, Бутс Рајли и Џошуа Опенхајмер, како и актерите Оливија Колман, Марк Рафало, Тилда Свинтон, Хавиер Барден, Ајо Едебири, Риз Ахмед, Џош О’Конор, Синтија Никсон, Џули Кристи, Илана Глејзер, Ребека Хол, Ејми Лу Вуд и Дебра Вингер.
Апелот се повикува на претходниот културен бојкот во текот на апартхејдот во Јужна Африка и ги повикува потписниците да не прикажуваат филмови ниту да учествуваат во настани во институциите што ги сметаат за соучесници, вклучувајќи филмски фестивали, кина, продукциски куќи и телевизиски емитувачи.
Дополнителен документ што го придружува апелот наведува дека големите израелски филмски институции, вклучувајќи го Филмскиот фестивал во Ерусалим, Меѓународниот филмски фестивал во Хаифа, Докавив и ТЛВФест, се во партнерство со израелската влада, додека трае воената операција во Газа, која некои експерти ја нарекуваат геноцид.
Се додава дека „огромното мнозинство израелски продукциски и дистрибутивни куќи, агенти, кина и други институции никогаш не ги поддржале целосните, меѓународно признати права на палестинскиот народ“.
Во изјавата исто така се наведува дека апелот не се однесува на поединци, туку исклучиво на институции, нагласувајќи дека меѓу израелските државјани има и два милиони Палестинци.
Претходно во текот на годината, стотици актери и режисери, меѓу кои Хоакин Феникс, Педро Паскал, Ралф Фајнс и Гилермо дел Торо, потпишаа отворено писмо во кое го критикуваа, како што наведоа, молчењето на индустријата за израелската воена операција во Газа.