
Хау: Сакам Исак да остане во Њукасл, но тоа не е под моја контрола
Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, денеска изјави дека сака фудбалерот од средниот ред Александер Исак да остане во клубот, но дека не може да влијае на тоа, поради шпекулациите дека ќе се пресели во Ливерпул.
Препорачано
Исак го информираше клубот дека сака да „бара други опции“ за време на летниот преоден рок, а „Скај“ објави дека Ливерпул сè уште е заинтересиран за 25-годишниот напаѓач, и покрај тоа што го ангажираше Уго Екитике.
Хау минатата недела изјави дека Исак нема да биде со тимот пред сезонската турнеја во Азија и го испрати играчот дома пред пријателскиот натпревар против Селтик (0:4), бидејќи беше засегнат од шпекулациите за трансфер откако Ливерпул изрази интерес.
Хау денеска во Сеул беше прашан за иднината на Исак во клубот.
– Тој е сè уште наш играч. Има договор со нас. Имаме одредена контрола врз тоа што ќе се случи следно. Би сакал да верувам дека сите опции ни се достапни. Сакам да остане, но тоа не е под моја целосна контрола. Не сме добиле формална понуда за Алекс, од ниту еден клуб. Сакам да остане и сакаме да го видиме како игра повторно следната сезона – рече Хау, пишува Скај.
Исак има уште три години од договорот со Њукасл, кој бара 150 милиони фунти за него.
Во текот на својата кариера, Исак играше за АИК, вториот тим на Борусија Дортмунд, Борусија Дортмунд, Вилем 2 и Реал Сосиедад, од каде што се пресели во Њукасл во 2022 година. Одигра 109 натпревари за „црно-белите“, постигна 62 гола и го освои Лига купот.