Реклама со дронови кај Акропол / Фото: greekcitytimes.com/

Грција: Државна тужба за снимање реклама за „Адидас“ – Акропол не смее да се користи во комерцијални цели

Грчките државни органи поднеле тужба поради наводно кршење на законите за заштита на античкото културно наследство, откако во близина на Акропол биле подигнати дронови за снимање на реклама за продавница на гигантот за спортска опрема, изјави во понеделник грчката министерка за култура Лина Мендони.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат десетици осветлени дронови кои летаат во формација и го прават логото на марката „Адидас“, непосредно над Акропол, кој се наоѓа на списокот на светско наследство на УНЕСКО, пренесуваат грчките медиуми.

Мендони изјави дека Акрополот во случајот е користен во комерцијални цели, што е спротивно на националниот закон и без претходно одобрување од Министерството за култура.

„Тоа е како обувките на „Адидас“ да газат по Акрополот. Веќе е поднесена тужба против сите одговорни“, изјави Мендони за локалното радио „Скај“.

Реагираа и грчките политички партии.

„Сликата на џиновска спортска патика како „го гази“ Акропол преку проекција на дронови претставува уште едно тажно потсетување за потребата од јасни институционални граници и почитување на нашето културно наследство“, велат од ПАСОК.

„Сликата од рој дронови на кој спортска патика „го гази“ Акропол за рекламни цели претставува навредлива комерцијализација на јадрото на нашето културно наследство“, пишува во реакцијата од СИРИЗА.

Министерството за култура соопшти дека истражува и дали е испочитувана процедурата за издавање дозвола за прелет на дронови.

На Акрополот над Атина е сместен храмот Партенон – симбол на златното доба на Атина изграден во 432 година пред новата ера во чест на божицата Атина и е една од најпосетуваните локации во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот