Доделување на наградата на 13. „Битолино“ / Фотографија: Ивона Кочов

Гран-при за претстава од Португалија на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Со претставите „Два квадратни метри“ од Унгарија и „Воздух“ од Словачка заврши тринаесеттото издание на ИДТФ „Битолино“, што се одржа од 3 до 7 август под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“ во Битола.

Гран-при наградата ја доби претставата „Големото езеро“ од Португалија во продукција на „Imaginar do Gigante“. Стручното жири беше во состав: претседател Милан Пајиќ, актер од Србија, режисерите Драгана Милошевски-Попова и Благојче Божиновски.

– Претставата ги содржи сите елементи и ги исполнува сите критериуми на современиот театар за деца. Уникатно возбудлива, разиграна, со комбинација на театар на сенки и објекти, но и драматургија која испраќа силна порака, важна и суштинска, која нѐ опоменува и нѐ потсетува на одговорноста која ја имаме преку интеракција и совршена комуникација со публиката. Жирито одлуката ја донесе едногласно – стои во образложението за наградата.

Врз основа на приказна за семејство на поларни мечки, португалскиот театар на публиката ѝ претстави едно уметничко дело за животната средина, со манипулација со предмети, кукли и проектирани сенки.

Театарот „Imaginar do Gigante“ е креативна структура која обезбедува услуги од областа на уметноста и културата. Изведувачките уметности, современи дела за деца и издаваштво на книги за читање се главните области на активност на овој театар. Нивната примарна работа е да истражуваат нови креативни процеси, од текстови до нови слики, во областа на театарската естетика за деца.

За време на Фестивалот во Битола се одржуваше и театарската работилница со наслов „Приказна во движење“ под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски, со што „Битолино“ ја продолжи традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и преку говорот на телото, без употреба на зборови, ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца, воопшто.

Фестивалот се одржа на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција беа на сцената на НУ Народен театар Битола. ИДТФ „Битолино“ е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно беше проект од национален интерес во културата со финансиска поддршка од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2024, како и составен дел од програмата на „Бит-фест 2024“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот