
Граѓаните да не стравуваат – струјата нема драстично да поскапи, велат од Министерството за енергетика
Граѓаните не треба да стравуваат дека сметките за струја од 1 јануари драстично ќе се зголемат, велат за телевизијата „24“ од Министерството за енергетика. Властите сега се обидуваат да издејствуваат одложување на примената на Механизмот за прилагодување на јаглеродните граници, кое го бара Европската Унија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Унијата сака да воведе дополнителни царини за производите кои се извезуваат во ЕУ а се добиени по пат на производство од фосилни горива. Ако тие се произведени со струја од обновливи извори, за нив нема да има додатни царини или давачки. Од Енергетика велат дека роковите за прилагодување се кратки, а целиот регион се соочува со значителни предизвици при подготовката за примена на овој механизам. Токму поради тоа, земјите од Западен Балкан, вклучително и нашата, се залагаат за разгледување на можноста за одложување на воведувањето.
„Министерството внимателно ја следи секоја одлука што ќе произлезе од институциите на ЕУ, со цел да се оцени влијанието врз домашните компании. Сите се свесни дека примена на CBAM од 1 јануари 2026 година може да предизвика економски импликации за фирмите во регионот, особено за оние кои се уште инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори. Министерството активно работи на создавање услови компаниите да се адаптираат и да останат конкурентни на европскиот пазар, вклучително и преку системот на гаранции за потекло на електрична енергија и пристап до обновливи извори. Нашата цел е да обезбедиме државна поддршка и предвидливост за индустријата, додека внимателно ја следиме развојната динамика на CBAM на ниво на Европска унија“, велат од министерството за ТВ „24“.
Засега од бизнис-секторот, особено извозниците, не сакаат да коментираат како би постапиле доколку добијат зголемени царини за нивните производи кои се продаваат во европските држави. Од Владата велат дека интензивно работат на намалување на користењето на јаглен и вложуваат значителни напори во развојот на обновливите извори на енергија.