Градот со интересно објаснување: Новогодишните куќарки на плоштад не биле новогодишни

кукички на плоштад/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Пред Нова година на градскиот плоштад беа поставени дрвени куќарки, сега е април, а тие уште стојат на плоштадот, затворени, закатанчени и без никаква намена. Ќе ги дочекаат и велигденските празници, а според одговорот од Град Скопје, ќе ја дочекаат и наредната Нова година.

Фонтана покриена со искинато платно и вон употреба и при високите дневни температури во Скопје, дрвени куќички наредени без никаква функција околу камените топки што го врамуваат просторот на подната фонтана која со години не е во функција -тоа е сликата на градскиот плоштад, кој е првата локација за посета на туристите што во овој период во значителен број го посетуваат градот. Кога на тоа ќе се додадат започнатите и незавршени градби на плоштадот и лошата јавна хигиена, јасно е дека од посетата на центарот на нашиот град и не можат да се понесат многу убави спомени.

Скопјани речиси се помирија со фактот во каков град живеат последниве години. Но, дали градските власти некогаш ќе се засрамат пред своите граѓани и пред посетителите за тоа колку не се грижат за Скопје?

кукички на плоштад/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Пред Нова година на градскиот плоштад беа поставени дрвени куќарки во кои за празниците се продаваа разни новогодишни дребулии. Сега е април, а куќарките уште стојат на плоштадот, затворени, закатанчени и без никаква намена. Ќе ги дочекаат и велигденските празници, а според одговорот што стигна од Град Скопје на прашањето зошто куќарките сѐ уште стојат на плоштадот, ќе ја дочекаат и наредната Нова година. Затоа што тие не биле новогодишни туку повеќенаменски.

Kуќарките на плоштад не се новогодишни, тие имаат повеќе намени и активно се користат за промоција на настани и активности на училиштата во Град Скопје и останати институции, планирани во текот на целата година – тврдат од Град Скопје.

кукички на плоштад/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Останува да видиме за која следна манифестација ќе бидат искористени, кога веќе се оставени да го „окупираат“ и грдеат центарот на Скопје.

На плоштадот „Македонија“ и на плоштадот „Филип Втори“ како дел од проектот „Скопје 2014“ се направија еден куп скапи фонтани. Без оглед дали тие некому му се допаѓаат или не, за нив се потрошија милионски суми, за сега да стојат покриени и без вода. Минатата година во јули туристите се сликаа покрај празни фонтани, откако претходно беа накратко пуштени во мај, а потоа исклучени без никакво образложение на надлежните, поточно на ЈП „Водовод и канализација“, претпријатие што е задолжено за нивното одржување.

Фонтана на плоштад/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Среде лето лани од претпријатието конечно одговорија дека биле исклучени за да ги исчистат, затоа што се извалкале од честите дождови.

Оттаму сега нема никаков одговор. Не одговараат кога ќе ги пуштат во употреба, ниту дали имаат некои утврдени термини во годината кога се пуштаат и кога се исклучуваат фонтаните или тоа зависи од временските прилики? Можеби зависи од „расположението“ на градските власти и раководството на јавното претпријатие или пак се прават обиди да се заштеди вода.

Очекуваме од „Водовод и канализација“ тоа да им го објаснат на граѓаните што прашуваат зошто сè уште не работи фонтаната и покрај високите температури, која во недостиг на природни сенки, единствено овозможува некакво освежување на плоштадот.

Скопје како ниеден друг град: Туристи се сликаат покрај исклучени фонтани, надлежните тврдат морале да ги исчистат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот