
Горан Марковски, декан на Градежниот факултет: Потпорниот ѕид треба што побрзо да се санира
Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, не знае во чија надлежност е делот од потпорниот ѕид на улицата „Белградска“, која поминува над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ над Клиниката за детски болести, ниту пак во каква состојба се наоѓа, но апелира до институциите да го санираат во најбрз можен рок. Тој се огради од коментар дали ѕидот треба да се урне и да се игради нов.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Во моментот не знам во каква состојба е зидот, ниту пак кој е надлежен да го санира, но ќе потсетам дека уште пред 15 години, лично испратив писмо до надлежните во кое изразив загриженост за стабилноста на објектите во тој дел од градот. Поконкретно посочив дека потпорните зидови не се испроектирани за да го издржат зголемениот товар од зградите кои таму никнаа на секој чекор и уште се градат. Никој не ми одговори, наидов на молк, кој траеше се до уривањето на ѕидот. Како и да е наместо да си ја префрлаат топката, треба под итно да седнат и да го санираат – истакна Марковски, од кој беше побаран одговор на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.
Ѕидот се урна пред една недела, а директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, во видеообраќање од местото каде што се урна ѕидот апелираше до Министерството за здравство, до Град Скопје и до Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност за граѓаните. Тој рече дека е прашање на ден, а можеби и на час кога ќе се урне и преостанатиот дел од ѕидот под кој се паркираат возила, но се движат и лица кои влегуваат во кругот на Клиничкиот центар. Одтогаш ситуацијата е статус кво, а никој не презема одговорност.