
Револуционерно: Тестирана вакцина против рак на дебело црево и на панкреас, резултатите се охрабрувачки
Ефикасното лекување на ракот на панкреас и на дебелото црево често е отежнато од мутациите на генот КРАС, кои го забрзуваат напредувањето на болеста и драстично ги намалуваат шансите за преживување. Потенцијален голем пробив би можела да донесе експерименталната вакцина ELI-002 2 P. Најновите истражувања покажуваат дека таа може ефикасно да го одложи враќањето на ракот и да го подобри преживувањето. Резултатите се навистина ветувачки.
Препорачано
Вакцината ЕЛИ-002 го „учи“ имунолошкиот систем
Ракот на дебелото црево во моментот е третиот најчест малигнитет во светот и втор најчест причинител на смрт меѓу карциномите. Ракот на панкреасот се јавува поретко – дванаесетти е по зачестеност, но во статистиката смртноста е на шесто место меѓу најопасните. И двата вида тумори силно се поврзани со мутациите на генот КРАС, кои го забрзуваат развојот на болеста и го ограничуваат преживувањето. Тоа ја покажува важноста на истражувањето за експерименталната вакцина ЕЛИ-002.
Во студија објавена во престижното списание „Природна медицина“ (Nature Medicine) учествувале 25 пациенти со рак на панкреас или на дебело црево, кои биле оперирани, но сè уште имале траги од туморска ДНК во крвта. Присуството на циркулирачка ДНК на туморите (ctDNA) е еден од главните показатели за ризик од враќање на болеста.
Учесниците примале инјекции од ЕЛИ-002 – вакцина која го активира имунолошкиот систем да ги препознае и уништува канцерогените клетки. Како што изјави проф. Зев Вајнберг за „Медикал њуз тудеј“, „оваа вакцина може безбедно и ефикасно да го обучи имунолошкиот систем да ги препознае и потисне мутациите кои предизвикуваат рак“.
Резултатите даваат надеж
По речиси 20 месеци следење, научниците утврдиле дека просечното време на преживување без враќање на болеста изнесувало повеќе од 16 месеци, додека вкупното преживување било речиси 29 месеци. Тоа е далеку подобро од претходните податоци, каде што медијаната до враќање на болеста изнесувала само 5 – 6 месеци.
Особено важно е што кај 24 отсто од пациентите дошло до целосно исчезнување на туморските биомаркери, а кај 67 отсто се развил имунолошки одговор и кон други мутации на туморот. Ова е од особено значење кај карциномите поврзани со мутациите КРАС, кои досега претставуваа еден од најголемите предизвици во онкологијата.
Сепак, експертите предупредуваат дека ова е само почеток. Понатамошните истражувања треба да покажат дали вакцината може да се користи и превентивно, пред болеста целосно да се развие.
Научниците веќе планираат дополнителни испитувања во рамките на студијата AMPLIFY-7 P, која ќе ја спореди ефикасноста на вакцината со сегашните стандарди на лекување. Доколку резултатите ја потврдат делотворноста на ЕЛИ-002, тоа би можело да значи вистинска револуција во терапијата на тумори поврзани со мутациите КРАС.
Што велат експертите за експерименталната вакцина?
Експертите цитирани од „Медикал њуз тудеј“ (Medical News Today) ги оценуваат последните резултати како извонредно оптимистички и го нагласуваат потенцијалот на вакцината.
Д-р Антон Билчик, онколошки хирург од „Providence Saint John’s Cancer Institute“, истакнува дека резултатите се „многу возбудливи и иновативни“. Тој потсетува дека имунотерапијата досега не била успешна кај рак на панкреас, а само кај мал број пациенти со напреднат рак на дебелото црево.
„Оваа студија отвора нови можности имунотерапијата да стане делотворен метод во лекувањето на смртоносни тумори како што е ракот на панкреасот“, вели тој.
Слично мислење дели и д-р Усман Шах, директор за онкологија на дигестивниот тракт во „Атлантик хелт’с оверлук медикал сентар“ (Atlantic Health’s Overlook Medical Center).
„Мутациите КРАС се чести кај многу солидни тумори и се поврзани со лоша прогноза. Фактот дека вакцината ЕЛИ-002 предизвикува силни и долготрајни имунолошки одговори нуди нова стратегија за превенција на повторување на ракот кај пациенти со висок ризик“, коментира Шах.
Ракот на панкреас и дебелото црево и понатаму остануваат меѓу најагресивните форми на карцином, но експерименталната вакцина внесува надеж дека резултатите од лекувањето би можеле значително да се подобрат. Иако до нејзина широка примена можеби ќе помине уште време, веќе сега предизвикува огромен интерес во медицинските кругови.