Година на ковид-живеење

И потоа маските и дезинфекцијата и миењето раце (20 секунди) и држењето растојание и задржувањето воздух додека не помине некој што не може да се избегне (мислам дека сме спремни за нуркачи) станаа и сѐ уште се составен дел на животот и, искрено речено, дел од навиките.

Вооружени со влажни марамчиња, течности за дезинфекција и заштитни хируршки маски и ракавици, тргнавме назад накај Лондон. Претходно мајка ми неколкупати нѐ провери дали имаме стратешки распоредено пластични шишенца (не поголеми од сто грама) по џебовите и рачниот багаж со средства за дезинфекција. И по којзнае кој пат ни повтори маските да не ги вадиме и да не фаќаме ништо наоколу, со никого да не зборуваме и да се држиме подалеку од некој настинат. Колку што е тоа можно, посебно во авион на „Визер“ на лет за Лондон Лутон, кој редовно е полн до последното седиште и каде што шансите да не се најде некој познат се незначителни. Па после кога ќе ти извадат муабет – ене ја важна се прави, оди ти и кажи, ама мајка ми ми кажа со никого да не разговарам, да не се ракувам и да не се гушкам (јас, познатата гушкачка), да не ја вадам маската, дека има пандемија со ковид-19, вирус кој е многу заразен, а таа е докторка и знае што зборува. Што ме потсети на времето кога бев мала и она „ако некој чичко ти каже дојди ќе ти дадам бонбонче, ти да кажеш, не фала“, „дома одма раце миење“ и „ладна вода – не!“ – трите основни правила врежани од  докторката (педијатар примариус), кои, интересно, и ден-денес ги применувам.

Тоа беше пред една година. Во авионот, чудна коинциденција. Само ние двајцата и нашиот сопатник во редицата 23 А Б и Ц носевме маски и пред да седнеме темелно ги избришавме појасите, столчињата и масичките пред нас. А стигнувањето на Лутон ни го овековечи колешката и режисерка Елеонора, која без да знаеме нѐ сликаше (патуваше со истиот авион за Скопје) и ни ја прати сликата со порака – ептен сте шизици со маските.

Уште сме шизици

Тој март во Лондон, како и во авионот од Скопје, речиси никој не носеше маски. Тој март во Лондон, за последен пат таа година се возев со воз, па со метро и потоа со такси, за да стигнам на забавата на Кате, која излезе дека е единствената забава на која бев во 2020 година во Лондон. Со маска, со средства за дезинфекција, со марамчиња, со сѐ. Зашто, на 23 март беа прогласени првите остри ограничувачки мерки за нашите животи тука за да се запре ширењето на ковид-19.

И потоа маските и дезинфекцијата и миењето раце (20 секунди) и држењето растојание и задржувањето воздух додека не помине некој што не може да се избегне (мислам дека сме спремни за нуркачи) станаа и сѐ уште се составен дел на животот и, искрено речено, дел од навиките. Така што, уште сме шизици, драга Елеонора. Само што сега, и цел Лондон е шизички.

Дванаесет месеци, три ограничувачки мерки од кои речиси запре животот во земјата, 126.172 починати, речиси запрени операции и третмани за други болести во болниците и здравствените установи, 80.000 ученици од средни училишта со незавршени испити, највисока невработеност во последните 4 години, највисока задолженост на земјата поради исплатата на помошта за бизнисите и основните вработени… но и над 28 милиони вакцинирани со прва доза вакцина против ковид-19, со втората доза 2,3 милиони, драстично намалување на бројот на новозаразени со вирусот, примени во болници и смртни случаи. Ова се должи, велат, поради локдаунот (речиси ништо не работи, главно седиме дома, со еден час за шетање/самопослуга) и вакцините (се надминаа себеси, минатата сабота во еден ден имаше повеќе од 800.000 вакцинирани!)

Асимптоматски проблеми

На денот на реминисценција, премиерот Борис Џонсон, прашан што би направил поинаку, кажа дека „најголемата лажна претпоставка“ за време на пандемијата им била во врска со асимптоматската трансмисија која довела до, како што се изрази, „вистински проблеми“. Не спомна дали погрешил со доцнење со локдаун, со фрлање пари за системот за следење на заразата кој не профункционира, со купување неквалитетна заштитна медицинска опрема, со местење тендери на свои луѓе за заштитна медицинска и друга опрема (има време, ќе се наврати нацијата на ова, не забораваат тука)… а како додаток, тука се и штетите кои како „паралел слалом “ ги трпи британската економија, посебно малите и средни претпријатија поради брегзитот: Тој, брегзитот, никако да ги помине првичните проблеми и да излезе, па од градинка… ама каква градинка, од детски јасли уште се проблемите, со растење на запчињата уште се расправаме ние тука. И со црвени ленти и многу, многу, ама кога велам многу, верувајте ми – многу документи и формулари за пополнување.

Зошто сум оптимистка

Но, имам некое позитивно чувство. Не научив кинески, ниту да пишувам на француски, не вежбав клавир (попусто копиите од Черни и џабе Џон, Бен и Бош се килавеа да го сместат клавирот во дневната) малку вежбав јога, а уште помалку играв тенис, ама ако нешто научив за време на оваа година на затворено живеење е – да ги разберам повеќе моите тукашни. И, еве, ќе ви кажам зошто сум оптимист.

Пред шест години, еден убав паб во областа Маида Вејл во Лондон  беше урнат. До темел. Камен на камен не остана. Пабот со име „Карлтон таверна“, инаку беше прекрасен, изграден пред повеќе од еден век и имаше историско значење – го преживеа бомбардирањето за време на Втората светска војна, дури беше ставен и под заштита на законот како стара и вредна градска архитектура. Но, таканаречените развојни инженери или во слободен превод „урбаната мафија“ (да, да, секаде ги има) му влегоа на пабот и го срамнија со земја. Покажаа дека имале некаква документација. И секој ќе помислеше дека тоа е тоа. Ама тоа не беше тоа за 5.000 маидавелчани и други лондончани што почнаа кампања, ја натераа општината Вестминстер да делува, општинарите утврдија дека документацијата не била комплетна и ѝ наредија на израелската компанија ЦТЛХ, во чија сопственост е објектот, да го изгради. Камен по камен. Пабот со име „Карлтон таверна“. Ист каков што беше.

Свеченото отворање е закажано за 12 април, кога коронавирус локдаунот за угостителството делумно ќе биде кренат. Имам намера да се дотерам и да одам, пабот има убава градина. Туку, слушам во охридско го урнале „Парк“, некако набрзина. Има ли место за оптимизам?

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот