
Ѓоковиќ: Не играм тенис само за титули, сакам реванш со Јаник Синер
Откако минатата година заврши како второпласиран во Шангај, Кина, Новак Ѓоковиќ се врати и вели дека мисли дека Мастерсот е добра шанса за него да постигне голем успех. Српскиот тенисер не бил во Кина долго време, уште од пред коронавирусот, па сè до минатата година, кога беше пречекан од голем број фанови:
Препорачано
– Поддршката што ја добивам во Кина од 2007 година и освојувањето на Мастерс купот во Шангај е неверојатна. Секој тренинг тука е како меч во однос на поддршката, бучавата – се чувствувам добредојден и, да бидам искрен, тоа е една од најголемите причини зошто решив да дојдам. Едноставно се чувствувам добро тука. Веројатно имам најголема поддршка тука во Кина – рече Ѓоковиќ прес-конференцијата пред новинарите во Шангај.
Ѓоковиќ вели дека титулите се важни, но тие не се единствената причина зошто продолжува да игра:
– Сакам да придонесам за растот на тенисот со моето учество, исто така е прекрасно чувство кога ќе се извика моето име и ќе уживам во поддршката – кажа Србинот.
Повторување на минатогодишното финале е можно во полуфиналето. Потсетување, лани во Шангај во финалниот меч Италијанецот Јаник Синер триумфираше против Ѓоковиќ со 7:6 (4) и 6:3.
– Би сакал повторно да играм со Јаник, бидејќи тоа значи дека сум стигнал до полуфиналето. Ќе видиме. Тој победува во повеќето наши мечеви во последно време. Ме победи во финалето минатата година, беше добар меч – се зборовите на Ѓоковиќ.
Петтиот светски рекет имаше пауза во првото коло на Мастерсот во Шангај, а ќе се сретне со Хрватот Марин Чилиќ во второто коло, во петок не порано од 12.30 часот.